Во врска со објавените снимени разговори на Претседателот на СДСМ Зоран Заев од страна на порталот Инфомакс.мк во кои тој со недолични искази го навредува дел од Македонскиот народ како и реакцијата на Зоран Заев објавена на фејсбук дека вака објавените снимки биле за афирмација на нивните ставови и политики, своја реакција со осуда на ваквите постапки на Зоран Заев упати Драган Ковачки.
Тој во својата писмена реакција изрази уверување дека истиот тој народ кој што Зоран Заев го пцуе, наскоро ќе донесе правилна пресуда затоа што нашиот народ “двапати мери- еднаш сече”.
Во продолжение го пренесуваме ставот на Драган Ковачки во врска со ваквото однесување на Претседателот на СДСМ Зоран Заев:
“Го слушнав разговорот на поранешниот премиер. 3 пати го преслушував и не сакав да верувам дека е вистина тоа што го слушам.
Дали тоа беше пцовка насочена кон својот народ?
Господа од власта, нашиот народ е питом народ.
Нашиот народ е напатен народ.
Нашиот народ е изморен од лаги и измами.
Досега е лажaн и прелажуван од политичари кои го преведуваа жеден преку вода. И токму од истиот тој народ повторно ќе барате глас на избори. Притоа, лежерно седејќи со друштво, ноншалантно го навредувате и покажувате колку вистински го цените. Со пцовка!
Малку ли го пониживте тој народ со тоа што го сменивте името на неговата држава, иако јасно и гласно ви кажа НЕ?
Малку ли ви беше што ги прекршивте скоро сите закони во овие 3 години?
Малку ли ви беше што со силување го сменивте Уставот?
Малку ли ви беше што го избришавте АСНОМ од Уставот?
Малку ли ви беше што на тој народ случајно, или намерно, му ја цензуриравте химната?
Малку ли ви беше што го предадовте истиот тој “мултиетнички народ” со с’шт произход както и Б’лгарскиот?
Малку ли беше што тајно и насилно му ги брусите и стругате вековните симболи што тој народ сам си ги создавал?
Малку ли беше….
И на крајот, истиот тој народ да го опцуете.
Да го опцуете?
Срамота!
Какво ниско ниво. Па уште и со сарказам коментирате дека тоа било позитивно за вашиот рејтинг. Неверојатно!
Мислам дека гледањето на народот од височина, како да станува збор за некаква си ниска безмозочна гласачка машинерија, е својствено за елитистичката партија на власт, која во најмала рака мора веднаш и без одлагање колективно да се огради од својот фронтмен. Да се извини и да побара прошка.
Истиот тој народ, кој за вас најпрвин беше стока, а сега и го опцувте, многу брзо ќе донесе правилна пресуда. Нашиот народ двапати мери, а еднаш сече.”

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист
Гордоста на Брегалничкиот регион- Ансамблот “Македонија” во Делчево ја покажа најсилната страна на Македонскиот идентитет
Вашето дете често се буди навечер? Дознајте што можете да направите на бесплатната онлајн обука на dm и „Матрона“!