БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Фељтон: ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ (Дел 2) – симбол на Македонскиот непокор

Пренеси го гласот

– ОДЛУКА ЗА КРЕВАЊЕ НА ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ

Во јули 1902 година во куќата на Бојан Биолчев во Софија се одржала средба на која присуствувале: Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов, Туше Делииванов, Владимир Руменов, Никола Наумов, Лазар Димитров, Атанас Мурџев и домаќинот Бојан Биолчев. На оваа средба било разгледано барањето на битолчани за кревање на востание. Делчев, Руменов и Карајовов остро се спротивставиле за востание и била донесена одлука против дигање на какво и да е востание.

Кога веќе било евидентно дека ќе дојде до Горноџумајското востание, Централниот комитет сметал дека движењето на Врховниот комитет не е сериозно и опасно, се искажал против него и го осудил. Но по избувнувањето на востанието, ЦК почнал да приклонува кон востание. Нa 26 септември 1902 година ЦК во преписката до Задграничното претставништво истакнал дека „ако бугарската влада се ангажира да го покрене прашањето, да не се држи многу остар јазик кон врховистите јавно, подобро ќе биде и ние да го развееме знамето“.Кореспонденцијата меѓу ЦК и Задграничното претставништво укажува дека:

„ … прашањето за востанието се наметнало постепено, под притисок на врховистичкото востание. Евидентно е дека ЗП тоа го допуштало доколку дојде до усложнување на состојбата, и ако врховистичкото движење продолжи во зимата. Сфаќајќи го тоа, ЦК на чело со Гарванов, почнал алармантно да ја прикажува ситуацијата. Во реалностa било поинаку“

Во почетокот на ноември „Врховистичкото востание“ спласнало и тогаш Иван Гарванов со новоназначените задгранични претставници Христо Матов и Христо Татарчев, во тајност од другите членови на Централниот комитет се решил за востание. Матов и Татарчев веднаш откако пристигнале во Софија на својата должност започнале преговори за помирување со Врховниот комитет врз основа за проширување на востанието. Тие тврделе дека тоа е желба на Централниот комитет, а за сето тоа ја имале поддршката на Иван Гарванов кој сакал помирување по секоја цена.Гарванов на 29 ноември 1902 година му пишал на Задграничното претставништво и истакнал:

„ Ќе треба да се распределат сите горски сили и uште отсега да навлезат во земјата, да се стокми набрзо динамит и повеќе пушки, та напролет дај боже здравје да си ја пробаме среќата“

Во средината на декември Христо Татарчев имал средба со бугарскиот премиер Стојан Данев и кнезот Фердинанд I и известил дека акциите идната година се неминовни.

Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил окружно за одржување на Конгрес.

Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други.

На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание.

Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кој постепено требало да водат кон востание кое не требало официјално да се објави. Михаил Герџиков предложил терористички напади кој би ја засегнале османската власт и европскиот капитал. Тој планирал да се формираат терористички групи по градовите кој би биле во контакт со Централниот комитет, а кон овие идеи клонел и Гоце Делчев.

Делчев истакнал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша Царството во неговите основи со што би се предизвикале Големите сили да интервенираат за решавање на Македонското прашање. Меѓутоа Делчев се решил за комбинирано дејствување со чети и терористички акции.

На крај од советувањето се дошло до компромисно решение за засилени партизански дејства. По советувањето бил известен Централниот комитет дека тие се против општо востание но за партизански дејства. Треба да се истакне дека ова советување не влијаело на одлуката за донесување на востанието бидејќи Солунскиот конгрес без да ги сочека резултатите од советувањето донел одлука за востание.

Централниот комитет на Иван Гарванов и Задграничното претставништво – Христо Татарчев и Христо Матов кон крајот на ноември 1902 година биле решени за кревање на востание. Затоа Иван Гарванов на 6 јануари 1903 година (стар стил) испратил окружно до Задграничното претставништво, окружните и околиските комитети со кое свикал Конгрес и ги поканил делегатите.

Меѓутоа, голем дел од истакнатите делегати немале доволно време да стигнат на Конгресот, а тоа најверојатно било и посакувано од Гарванов.

Во јануари 1903 година се одржал Солунскиот конгрес. На третото заседание, на 16 јануари, кое траело час и половина се прифатил и потпишал Протоколот за извршената работа и преземените решенија. Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоединил кон заедничкото мислење. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието бар за една година, исто го потпишал затоа што и другите потпишале.

Најважниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од ќе префрлат значително количество пушки и други материјали. По донесување на решението за востание, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.

Гоце Делчев не го сочекал крајот на советувањето во Софија и веднаш заминал за Серскиот револуционерен округ да ја демонстрира новата концепција за борба. Тој собрал чета од 40 души а во неа биле Пејо Јаворов, Димитар Стефанов, Димо Хаџи Димов и други. Најпрво поминале во Банско, а на тамошниот собир Делчев зборувал за:

слободна и независна Македонија со широки правa за сите сиромаси.

Тој истакнал дека борбата треба да се води со терористички акции и четнички дејствија, како подготовка за крајното средство – масовно вооружено востание. Делчев го осудил Горноџумајското востание и го оценил како провокација која претставувала предавство кон македонскиот народ, велејќи дека:

„ Ако се бориме за цар, тогаш ние си го имаме султанот“

По Солунскиот конгрес, ЦК ги ополномоштил Иван Гарванов (Давид) и Велко Думев (Орлеански) да заминат во Софија, усно да ја соопштат одлуката за востание и да ја поткрепат. Задграничното претставништво го поканил Михаил Герџиков да се сретне со нив, бидејќи Делчев заминал.

Гарванов и Думев заминале од Солун на 10 јануари 1903 година, а меѓу другото планирале да се сретнат со членовите на Врховниот комитет за да се постигне помирување. Во Софија Гаравнов истакнал:

… решението било бесповратно, бидејќи тоа веќе било пропагирано насекаде… основен мотив за решението било опасноста од ново врховистичко востание и влошената положба во земјата.

Меѓутоа Татарчев вели дека: Гарванов како сентиментална природа делумно се беше подал на странични влијанија. Иван Гарванов, Христо Матов и Христо Татарчев во Софија имале средба со бугарскиот министер за внатрешни работи – Димитар Петков.

Тој од своја страна им ветил полна морална и материјална поткрепа за идното востание, под услов да престанат да го компромитираат Кнежеството и каузата со грабање на оружје од бугарските арсенали и воени демонстрации во пограничните реони.

Според рускиот дипломатски претставник во Солун, Гарванов и Думев се вратиле со изјава дека со Врховниот комитет не е постигнато помирување, но двете страни се согласиле да дејствуваат независно една од друга, без да си пречат како во минатото.

Извори:

1. Стојчев, Ванче (2000). Воена историја на Македонија. Скопје: Сојуз на друштвата на историчарите на Република Македонија : Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”. стр. 483. ISBN 9989776075.

2. Македонска енциклопедија

3. Михаил Герджиков, Защо Преображение, а не Илинден? (Бегла историческа бележка), Михаил Γерджиков и подвигът на тракийци 1903 г. съст. Надежда Недкова, Евдокия Петрова.

4. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.

5. Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 – 1903 година“, Скопје, Институт за историја – Филозофски Факултет, 2003.

Креирано од:


Пренеси го гласот