МЕРКИ НА ОСМАНЛИИТЕ ПРОТИВ ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ
Германија во согласност со своите интереси ја советувала Отоманската империја да преземе што поскора акција за задушување на востанието и уништување на револуционерните сили за да не им се дозволи на големите сили да се вмешаат. Германскиот заменик државен секретар за надворешни работи Фон Рихтховен, пред великиот везир и османлискиот министер за надворешни работи, истакнал дека:
„ … брзото воспоставување на мирот во Македонија би го повратил престижот на султанот и на централната власт“
Великиот везир и османлискиот министер за надворешни работи од своја страна истакнале дека доколку власта не успее да ги смири вилаетите преку задушување на востанието, европската јавност ќе остане со убедување дека султанот не е во состојба да го одржи редот во Империјата, а дека тоа криело големи опасности за Турција. Германската империја ја охрабрувала Турција да преземе сурови мерки при задушувањето на востанието, а тоа подоцна било негирано од германскиот канцелар Фон Билов со изговор дека македонското прашање е од второстепено значење за Германија, а тоа прашање го остава за решавање на Русија и Австро-Унгарија.
Според турските документи и извештаите на дипломатските претставници во Македонија биле распоредени редовни воени сили од III орда (баталјони), а дополнително биле распоредени и 16 баталјони редифи и 38 баталјони илаве. Освен овие сили во случај на востание, Турските власти можеле да ги искористат и воените единици од Пеќ, Ѓаковица и Призрен кои се состоеле од 44 баталјони, 15 ескадрони и 10 батерии со 33.000 пушки, 15.000 сабји и 60 топа. Според К. Битовски до 1 јуни 1903 година во Македонија имало 175 баталјони со околу 150.000 – 160.000 војска. Во случај на востание Високата Порта се плашела од поголемо користење на војската бидејќи:
„ таа не би правела разлика и еднакво би ги гонела сите христијани, а тоа можело да ја возбуди Европа“
Турските офицери и интелигенција јавно истакнувале дека на војската треба да и се дадат одврзани раце, а за жестокост во пресметка со востаниците бил и директорот на политичкото оделение во Солунскиот вилает – Хикмет-беј. Според францускиот вицеконзул Стег, кој слушнал разговор меѓу двајца турски офицери, војската требало да добие слобода за акција и во следните 100 години во Македонија да не се појави ниту една бунтовничка чета.
Во првите денови на востанието се создале слободни територии во Смилево, Крушево, Невеска, Клисура, Странџа и други места. Биле направени востанички демонстрации во голем број градови и сето тоа допринело некои да тврдат дека Даме Груев и Борис Сарафов заедно со Главниот штаб:
„ набрзо ќе ја прогласат независноста на Македонија“
Според Општиот план востанието требало да биде партизанско и да има долготраен карактер но во Битолско и во Одринско тоа добило масовен карактер. Затишјето кое настанало во текот на јули власта го разбрала како изнемоштеност на Организацијата за масовно востание и затоа во почетокот Турците биле изненадени.
Затоа во првите денови армијата била насочена кон укажување на помош на загрозените турски гарнизони во востанатите области, со доаѓањето на ноќта аскерот се повлекувал во градовите, а понекогаш палел и по некое село. Турската власт се плашела од востанички напади на поголемите градови затоа во нив биле сконцентрирани поголеми воени сили. На тој начин во првиот период од востанието иницијативата останала во рацете на Организацијата.
Неможноста од брзо задушување на востанието допринело да се појави огорченост меѓу турските воени и политички лица. Авторитетот на централната власт, посебно на султанот, биле нарушени пред поданиците на Империјата како и пред очите на големите сили.
На 10 и 11 август состојбата се изменила во корист на Империјата. Од Косово биле донесени силни осмалиски сили кои биле разместени во Македонија, особено во Битолско.
Првата задача на турската армија била да го заземе Крушево. Тоа им успева со армија од 18.000 луѓе. Дел од заштитниците на Крушево, предводени од војводата Питу Гули, загинале херојски во борбата кај Мечкин Камен, а другите востаници се повлекле во планините.
Турската војска со артилерија ги урнала утврдувањата подигнати од востаниците и со топови го бомбардирала градот. Во текот на борбите, по наредба на Штабот, околу 15.000 население го напушта градот и се крие во блиските планини. Во запалените и урнати куќи загинале 20 жени и 6 деца, бидејќи не успеале да побегнат од градот.
На незапалените куќи, на 13 август биле истакнати бели знамиња, симболизирајќи го крајот на 12-дневната Крушевска Република. Изгорени биле 159 куќи. Загинале 100 турски војници и 91 востаник.
Бидејќи генералот Омер Ружди не презел систематски дејствија за уништување на востаниците, бил сменет и на негово место бил поставен Насер паша.
Насер паша подготвил план за систематско уништување на востаниците. Востанатите територии ги поделил на сектори во зависност од востаничките центри и топографските услови.
Во секој сектор биле испратени големи воени сили кои имале задача да ги опколат востаниците и постепено да го стегаат обрачот околу нив и на тој начин да ги уништат востаниците.
Сепак треба да се истакне дека со овој план Турската армија не успеала да ги уништи воружените сили на Организацијата. Востаниците од опколените области успеале навремено да се извлечат и да се префрлат во штотуку пребарани области. Востаниците избегнувале директни судири со армијата.
Сепак турската армија со својата големина и оружје успеале да го задушат востанието. Централната власт, подржана од германската дипломатија и наредила на својата армија да започне со систематско палење и уништување на христијанските села кое било проследено со колеж врз неборечкото населние. Главната цел на овој план не била да се уништат востаничките сили тука да се изврши притисок врз Македонската револуционерна организација, четите и востаниците да се откажат од борбата.
Една од најжестоките и најкрвави борби во Пиринска Македонија се одиграла на 1 септември кај селото Пирин. Во таа борба учествувале 500 востаници под команда на Јане Сандански. Во текот на борбата паднале 7 востаници, а 80 Турци биле убиени или ранети. Јане Сандански води и втора голема битка кај Обротиште, Свети Тројца, на 13 септември загинуваат 2 востаници, а Турци можеби повеќе од 80.
Четите во Солунскиот Револуционерен Округ имале големи борби со Турската војска кај „Баш-Бунар, Гандача, на Пајак Планина, и кај селата Постолар и Аматово – кукушка околија.
Во Охридската околија, во месноста Рашанец, планинска долина помеѓу селата Куратица, Речица, Свињишта, Олејница и Сируласе наоѓал еден од најглавните логори на востаниците со 1.700 мажи, жени и деца.
На 13 август логорот бил опколен со 10.000 турски војници со артилерија и товари петролеј за палење на шумата во близина на логорот. По десетчасовна борба, востаниците биле разбиени. 32 биле убиени, а другите стотина ја пробиле опсадата и се спасиле во планините. Во овој логор се убиени 158 невооружени мажи, жени и деца.
Други големи битки во Охридската околија се водени во селата: Сирула, Оздољани, Сошани, Издеглавје, Лешани, Локтиње, Слатино, Врбјани, Ботун, Брежани, Ташмаруништа и Вевчани.
Палежите на селата, апелот на османлиската власт за враќање на неселението по селата, советите на конзулите, гаранциите за амнестија и гласините за реформи, допринеле Главниот штаб да почне да размислува за распуштање на востаничките сили.
На 2 октомври 1903 година, Главниот штаб на Смилевската околија донел одлука за организирана демобилизација на востаниците. Планот за демобилизација предвидувал распуштање на востаниците и нивно враќање дома, собирање и складирање на оружјето, засолнување на компромитираните револуционерни раководители и дејци, раководниот кадар на теренот да биде сведен на минимум, а веднаш потоа Борис Сарафов заминал за Софија.
Даме Груев започнал со спроведување на планот за демобилизација и успеал да собере околу 350 пушки. Груев на компромитираните востаници им советувал да не се предаваат на турската армија туку на дипломатсикте претставници.
По објавувањето на демобилизацијата во Битолско останале Даме Груев, Анастас Лозанчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Ѓорѓи Сугарев, Христо Узунов и други.
Извори:
1. Стојчев, Ванче (2000). Воена историја на Македонија. Скопје: Сојуз на друштвата на историчарите на Република Македонија : Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”. стр. 483. ISBN 9989776075.
2. Македонска енциклопедија
3. Михаил Герджиков, Защо Преображение, а не Илинден? (Бегла историческа бележка), Михаил Γерджиков и подвигът на тракийци 1903 г. съст. Надежда Недкова, Евдокия Петрова.
4. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.
5. Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 – 1903 година“, Скопје, Институт за историја – Филозофски Факултет, 2003.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
На денешен ден во 1921 година во Софија е убиен Ѓорче Петров
Празнување на Света Троица-Духовден (Педесетница) во село Град, делчевско: Световен собор на селото
Празнувањето и симболиката на Спасовден – Празникот на Христовото вознесение