Контролата и потребата од контрола како психолошка состојба на умот на секој поединец е придружен елемент на светската цивилизација во сите периоди на историскиот развој на човекот.
И уште повеќе- контролата е неизбежен елемент во животот на секој човек, група на луѓе, различни форми на општествено организирање и цели општествени системи на управување.
Контролата како појава оди паралелно рака под рака со основната дефиниција на демократијата.
Демократија е контрола на некоја група на луѓе или организација од страна на мнозинството од нејзините припадници. (Клучен збор МНОЗИНСТВО)

Според оваа едноставна дефиниција самиот поим на демократија во својата изворна форма го содржи терминот контрола, што зависно од локални услови на воспоставувањето на демократијата варира во широк спектар на контролни механизми: од едно пониско ниво на контрола, до ниво на режими кои во голема мера ги ограничуваат правата и слободите на припадниците на тој конзервиран систем.
Кога некој Ви нуди Демократија потребно е однапред да дефинира што носи со себе тој пакет затоа што демократијата како општествена пракса може драстично да се разликува од еден екстрем до друг согласно потребите и психолошкиот профил на актерите кои треба да ги спроведуваат ваквите контролни механизми во таа потенцијална демократија.
Многумина во овој изминат три децениски период на “независност” во Македонија си поиграле со овој термин (Демократија), па така граѓаните кои имале можност да бидат сведоци на ваквите процеси од 1989 до денес и ги осетиле на сопствен грб демократските вредности на тој систем, и можат за тоа да посведочат во овој историски контекст. И тоа преку сопственото горко искуство на девалвација на животниот стандард на цела Република Македонија.
Не е случајно што социолошки работници, педагози, психолози, интелектуелна елита и научниот кадар во државата не се занимаваат со оваа социолошка појава на контролните механизми во оваа наша (би рекол) трагична демократија.
Има и такви поединци кои ќе посведочат дека на залезот на комунистичкиот-социјалистичкиот режим на бившата СФРЈ нивото на демократија било повисоко во споредба со денешниот режим на контрола кој се наметнува низ призмата на оваа наша современа демократија.
Во услови на оваа наша измината 30 годишна демократија се распадна државата по сите можни шавови.
Приватизацијата на општествениот капитал, директниот грабеж на граѓаните преку пирамидалните штедилници, диктатурата на политиката над судството, шверцот со разно-разни контролирани материјални добра, сивата и нерегулирана економија, непотизмот, клиентелизмот, грубата партизација и рушењето на образовните процеси….
Листата на транзициски злосторства над Македонските граѓани е предолга и преболна, за семејствата и животите на поединците во оваа наша “независна” Македонија.
Од друга страна системот за контрола над Македонските граѓани секојдневно се развива и тоа по најсовремени практики и политики, секако во соработка со врвните ЕУ и САД институции…
На залезот од владеењето на Никола Груевски беа набавени и ставени во функција огромни ресурси на полициска опрема- водени топови за разбивање на демонстрации, екипирани нови единици за брзо распоредување со основна цел разбивање на толпи и демонстрации, специјални единици за инфилтрација во толпа и сузбување на демонстрации, системи за набљудување и следење на демонстрации итн. Се друго во државата беше “одлично” уште само оваа дејност требаше да се развие.
Сето тоа компилирано со енормно-развиениот систем за следење на комуникациите на граѓаните, кој што наводно беше/е без контрола и медиумската контрола на јавното мислење е слика на присила на системот на државата Република Македонија во функција на владеење на малкумината над мнозинството.
Во Македонија имаме нарушен баланс на контролата и демократскиот капацитет на граѓанското општество во целост.
Мнозинството на Македонски граѓани под присила на широката лепеза на контролни механизми од страна на режимот на малкумината во лицето на политичките елити неминовно се ставени во улога на феуди налик феудално општество познато во генезата на историскиот развој на светската цивилизација.
Допрва за Македонскиот народ треба да дојде ренесансата, па индустриската револуција, па револуцијата за слобода до тој степен во кој Македонскиот народ ќе осети дека е свој на своето.
Во ваква замрсена состојба на Македонското секојдневие, борбата за гола егзистенција е доминантен фактор за моделирање на општествените прилики, и само уште еден контролен механизам повеќе во лепезата на предодредени судбинско-причинско-последични варијабли.
Свесноста за општествените прилики на Македонскиот граѓанин не е отсутна, баш напротив. Но пресилни се контролните механизми на политичките елити за да може граѓанинот како поединец да се спротивстави на истите, со барем некакви изгледи за успех за самиот него и пошироката заедница. Оттука состојбата бара Македонска мудрост и трпение, дејствување согласно расположивите сили на терен и долгорочен стратешки пристап кон надминување на пипците на ваквите деструктивни контролни механизми во нашиот општествен систем.
Не заборавајте: Демократијата е систем на контрола над вашата лимитирана слобода.
Така било со векови, така и ќе остане.
А за слободата во Македонија некој рекол дека таа е состојба на моментална перцепција….
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање волонтери во Министерство за дигитална трансформација
Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето
Тошковски: МВР формира нова Единица за сајбер безбедност која ќе биде клучен столб за дигиталниот суверенитет на институцијата