Во интервју за порталот Република.мк Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ запрашан за ветувањата на Зоран Заев за обезбедување на 500 евра просечна плата за граѓаните на Република Македонија, го оквалификува ваквото ветување на Заев како нерално, впрочем како и сите другу ветувања.
Во продолжение го пренесуваме прашањето на Република.мк и одговорот даден на ова прашање од Христијан Мицкоски:
republika.mk: Реални ви беа тие ветувања кога ги слушавте од 500 евра плата за секој работник? Дали мислите дека вие, доколку дојде до предвремени парламентарни избори на кои би победиле, можете да обезбeдите таква плата, како што ветуваше Заев?
Мицкоски: За мене не било реално ниту едно ветување од Зоран Заев. Денеска само се потврдија моите сомнежи дека тогаш сум бил во право. Навистина немам што да коментирам за политичар кој често се коцка со вистината или не ја зборува вистината. Неговите ветувања се празни ветувања и служат најчесто за една намена – што подолго да остане на таа фотеља, за пусти пари, за пуста власт.
Она што ВМРО-ДПМНЕ го има зацртано како агенда во своите активности е како да го направи животот на нашите сограѓани поквалитетен. Се разбира дека ние не можеме да излеземе со програма којашто ќе понуди стопроцентно решавање на сите проблеми на нашите сограѓани, но можам да кажам дека ќе излеземе со програма невидена досега, којашто ќе понуди решенија за најголем дел од проблемите на нашите граѓани. Не би навлегувал во нумерички податоци X евра плата, Y евра просечна плата. Ќе сториме сѐ не само 500, туку и повеќе стотици евра просечна плата во Македонија, затоа што нашите граѓани заслужуваат поинаква реалност од оваа.
Денеска прочитав дека платите во источноевропските земји галопирачки растат, затоа што дел од квалификуваната работна сила мигрира во западна Европа и како пример се земени Бугарија, Унгарија, Романија, Хрватска, Полска. Она што го вети Заев беше празно ветувње, нема ништо од тоа, а од друга страна источноевропските земји, меѓу кои и нашиот сосед Бугарија, работат на тоа како да си ги задржат во својата земја висококвалификуваните луѓе. Просечните плати во тие држави растат од 8 до 12% на годишно ниво, што е исклучително квалитетен податок. На пример, во Романија, општите лекари, како матичните кај нас, имаат 1860-1920 евра плата. Медицинските сестри земаат 650-700 евра просечна плата за да не ја напуштаат државата.
Ова значи дека може доколку се има јасен план, јасна методологија. За жал, овие политички авантуристи, измамници, покажаа и докажаа дека нивниот збор воопшто не тежи. За среќа на граѓаните, доаѓаат подобри времиња, доаѓаат политичари кои ќе бидат помеѓу граѓаните и заедно со граѓаните ќе работат за доброто на оваа држава.