Вовед
Слободата на Македонскиот народ и денешната државност на слободна и независна Република МАкедонија се темелат единствено на континуитетот на борбата на Македонскиот народ за таа слобода. Огромен број на животи поминати и положени на олтарот на слободата на Македонија во текот на вековна борба, за денес сите ние да живееме во своја татковина рамо до рамо со останатите држави во Европа.
Врутокот на таа борба за слобода со која Македонскиот народ се избори за слободна и независна држава Македонија во 1991 година по пат на плебисцитарен референдум се наоѓа во село Разловци, Пијанец, денешна општина Делчево.
Намерно или случајно (во балканските политички околности нема ништо случајно) значењето на Разловечкото востание е запоставувано во функција на манипулативни агенди од идеолошки, етнолошки и воопшто туѓи национални агенди.
За историската вистина да допре секаде каде што треба, потребно е гордите и достоинствени следбеници на слободарските идеи на Разловечките востаници да ја афирмираат таа вистина на вистински начин во современ контекст со современи сретства за комуникација (читај борба).
Организираните пропаганди за уништување на Македонскиот национален идентитет со цел поробување на Божјиот Македонски народ и освојување на Македонска територија продолжуваат и ден денес со хегемониски наративи на соседните држави, не ретко поддржани од глобални геостратешки интереси на моќни светски држави.
Во функција на афирмација на Македонската историска вистина, преку историски факти и документи, наша цел е темите кои што некој сака да бидат заборавени, да ги изнесеме пред лицето на јавноста за да не бидат заборавени.
Историска генеза за Манифестацијата за одбележување на годишнината од кревањето на Разловечкото Востание
По ослободувањето единствено со сопствени сили на Вардарска Македонија и конституирање на Македонска држава во рамки на Федеративна Народна Република Југославија, положбата на Македонскиот народ во споредба со претходните владеачки режими, започнала значително да се подобрува.
Требало години и децении за да започне дел по дел да се афирмираат поедини историски настани и личности од Македонската историја и тоа само оние кои што одговарале во наративот на тогашниот комунистички апаратус во СР Македонија.
Првите одбележувања на денот на Разловечкото востание го поттикнува и организира Основното училиште “Методи Митевски Брицо” од селото, заедно со месната заедница на село Разловци. За првпат денот на Разловечкото востание е одбележан на 8 мај 1967 година. Тогашен директор на училиштето во Разловци е Панте Новоселски а претседател на Месната заедница е Манасија Скакарски. Пред месното население од Разловци, учениците ја изведоа првата програма посветена на големиот ден на востанието, а наставникот по историја прочита реферат за неговото значење.

Во натамошните одбележувања на денот на Востанието се вклучија и учениците од ОУ “Борис Кидрич” од село Тработивиште кои секоја година пеш, носејки транспаренти го посетуваа Разловци и учествуваа во заедничките програми со своите другарчиња од Разловци. По програмите се одржуваа меѓу-училишни натпревари во мал фудбал и ракомет.
Од година во година одбележувањето на денот на Востанието добиваше во својата големина при што натамошните одбележувања успешно се вклопија во првите “Гоцеви вечери” кои подоцна прераснаа во “Гоцеви Денови”.
Голем Придонес и поткрепа во одбележувањето на денот на Востанието даваше Славе Атанасовски- претседател на собрание во општина Делчево и ССРНМ за општина Делчево и тогашниот негов претседател Бранко Јосифовски. Така, се зголеми и бројот на учесниците во програмите со учество на учесници од општина Делчево па и во програмите со учество на учесници од општина Делчево, па и пошироко во рамките на татковината.
Првото големо одбележување на денот на Разловечкото Востание беше на 20 мај 1968 година кога од страна на претседателот на Советот на манифестацијата “Гоцеви Денови” Михајло Апостолски беше откриена спомен плочата на Разловечкото востание која и ден денес се наоѓа во центарот на селото.

Од година во година, на секое ново одбележување се пронаоѓаа и изнесуваа на виделина нови сознанија за Востанието и неговата улога и значењето во борбата на Македонскиот народ за ослободување од ропството. Настапуваа голем број на учесници во програмите: фолклорни групи, културно-уметнички друштва, и поединци од општината и Републиката.
На 20 мај 1976 година со учество на голем број највисоки државни раководители, членови на МАНУ, гости од Републиката и соседните општини беше свечено одбележана 100 годишнината на Разловечкото Востание. На големиот народен собир зборуваше писателот Владо Малевски. Во културно-уметничката програма зедоа учество голем број на познати солисти во придружба на оркестарот на ЈНА од Скопје.





Во на 20 мај 1996 година се реализирало уште едно ново поголемо одбележување на денот на кревањето на Разловечкото востание на 120 годишнината од востанието. На свечената програма пред училишната зграда во село Разловци биле реализирани богати културно- уметнички содржини со настап на познати и афирмирани Македонски изведувачи како и фолклорни друштва од Делчево и Берово.
На настанот свое обраќање имал Благој Ханџиски- Министер за одбрана во владата на Република Македонија.

Наредна поголема манифестација која што била организирана била на 20 мај 2006 година по повод 130 годишнината од кревањето на Разловечкото востание (види насловна фотографија).
По повод 135 годишнината од Разловечкото востание во дворот на црквата Св. Цар Константин и Царица Елена пред нејзиниот влез беше поставена Спомен плоча на Поп Стојан- еден од водачите и инспиратор на Разловечкото востание.

На настанот за одбележување на годишнината од кревањето на Разловечкото востание во 2011 од страна на градоначалникот на општина Делчево Горан Малешевски имаше поголема организација со повеќе предвидени активности за самиот ден на 15 мај.
Беше организиран планинарски марш со учество на Организацијата на резервни воени старешини и планинари од Делчево и регионот.
Во Спомен домот на Разловечкото встание за првпат беше поставена книга за впечатоци на посетителите, беше одржан краток историски час од страна на новинарот Васил Маневски и беше прочитан пригоден реферат.
Потоа во колона низ сред село од страна на големиот број на гости беше посетена Црквата Св. Цар Константин и Царица Елена, каде имаа обраќање пред присутните имаа Ѓорѓи Малковски, пратеникот Владимир Ѓорчев и градоначалникот Горан Малешевски.
На возобновените гробови на свештениците кои што учествувале во настаните поврзани со востанието беше одржана литургија за помен, по што следуваше пригодна свечена програма на спортското игралиште во дворот на Подрачното училиште Св. Климент Охридски во селото.
На завршниот настан беше извршено постројување на припадниците на Организацијата на Резервните Воени Старешини и беа доделени Признанија и Благодарници на припадниците на безбеднсните сили кои учествувале во војната во 2001 година.
За крај на настанот беше организиран скромен свечен ручек во дворот на селската црква.
Наредното значајно одбележување на годишнината од денот на кревањето на Разловечкото востание беше направвено на 20 мај во 2013 година.
Тогаш во организација на Градоначалникот на општина Делчево Дарко Шехтански беше поставена реплика на знамето на Разловечкото востание во Спомен Домот посветен на востанието на пригодна свеченост, по што беше реализирана богата културно- уметничка програма со говори за значењето на востанието.
На 19 мај 2024 година во рамки на одбележувањето на 148 годишнината од денот на кревањето на Разловечкото Востание селото Разловци беше посетено од штотуку избраниот Премиер на Македонија Христијан Мицкоски.
Тој беше пречекан од насобраниот народ во духот на традицијата со леб и сол на сред село, по што го посети веќе распаднатиот (до одредена мера) Спомен Дом на Разловечкото востание. На симболичен начин одаде почит пред знамето на Разловечкото востание, по што одржа краток говор во дворот на црквата Цар Константин и Царица Елена. Потоа заедно со своите соработници се придружи на свечениот скромен пригоден ручек во трпезаријата во дворот на црквата.
Дел од информациите и архивските фотографии во оваа статија се и превземени од Монографијата “Разловци” од авторот Димитар Узунски
БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ © Сите права се запазени
– Контакт оддел за соработка – Маркетинг – Прати вест –
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Општина Делчево не може да ги исплати постојните плати и надоместоци а градоначалникот вработува нови лица на платен список во предизборна година
Општина Делчево со блокирана сметка од 2008 година, неостварени приходи од комунални такси и надоместоци и продаден имот од јавен интерес
Градоначалниците на Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево потпишаа договор за преземањето и третманот на комуналниот отпад на Градската депонија во Кочани