Македонскиот Премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање пред повеќе илјадната публика по повод 132 годишнината од формирањето на ВМРО и 35 годишнината од постоењето на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на традицијата која што е причина за постоењето на современата Македонска држава и вредностите кои што од генерација на генерација се пренесуваат од Македонскиот народ:
“Во секоја историска борба, а особено во онаа на нашиот народ, која трае со децении, клучот за успехот лежи во единството и свесноста за одговорноста што ја носиме како наследници на нашата земја. Не сме тука за да се бориме за фотелји или моќ, туку за да создадеме вистински вредности кои ќе останат засекогаш и ќе ги препознаат идните генерации. Се сеќавам како после седумте години катастрофално владеење на ДУИ и СДСМ, кога нашите институции беа разнишани, корупцијата цветаше, а идентитетот и националниот интерес беа на удар, многумина помислија дека нема спас за Македонија. Но токму тогаш, во најтешките моменти, ние одлучивме да преземеме одговорност и да покажеме дека има надеж.

Ние не сме партија која ветува празни зборови. Нашите дела се најсилната порака. И затоа во првата година од оваа влада, успеавме да ја стабилизираме економијата. Но тоа не е доволно. Народот го чувствува товарот од минатото и сè уште очекува промени кои ќе ги подобрат животите.
Затоа, сега повикувам на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои нè дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер. Тие вредности нè водат низ темнината и нè крепат во времето на предизвиците. Секоја промена почнува од дома, од личната одговорност и од свеста дека само заедно можеме да направиме голема разлика. Ние не сме тука за себе, туку за народот. Тука сме за Македонија и за иднината на сите граѓани во Македонија.
Не заборавајте, нашата партија е иднина на борците од 1893-та, борците кои со крв и солзи ја изградиле нашата држава и култура. Ние сме нивни следбеници, а ова наследство нè обврзува да бидеме чесни, силни и непоколебливи. Сите ние, од најмалиот член до највисокиот функционер, мораме да го чуваме ова наследство со чист образ и посветеност.”
-рече Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Здравјето почнува со добри навики: dm поддржа панел за машкото здравје и понуди dmBio и Sportness закуски на Health & Fitness Forum 2026 во Скопје
Објавен е „Буле и Куле мамкини и таткини“ – роман за младешкиот бунт и светот на возрасните
Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026