БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Миле Лефков: Медиумот е пораката или “Нема веќе парталавии хартиени учебници…“ епитаф за едно школство.

Пренеси го гласот

Министерство за образование и наука, предводено од министер кој нема ниту еден ден стаж во образование и нема скоро никакво искуство во работата со децата, Мила Царовска за жал не само што не пројавува загриженост дека детските активности со екраните ќе го заменат читањето книги туку лекомислено најавува укинување на печатените учебници и скоро злонамерно додава (живи) епитети од стилот “парталави” учебници, придавка која свесно е насоченa кон создавање на емоции на гадење кон печатениот(хартиен) медиум-учебникот.

Ќе се обидам да објаснам зошто на новите или млади читатели треба да им се обезбедат печатени учебници и оптимални начини за нивно користење дома или во училиште, се надевам дека некој во МОН ова ќе го разбере па ќе и го пренесе на министерката на јазик кој што таа го разбира, затоа што очигледно дека никако да ги слушне коментарите на професорите, наставниците и родителите. Не е спорно дека во современиот свет екраните се поагресивно го превземаат читањето од хартијата, меѓутоа оние кои се занимаваат со образование, подучување или обука треба прават разлика помеѓу различните начини на читање, односно да разликуват длабоко т.е. темелно читање и читање кое можеме да го наречеме “разгледување“ на текстот.

“Длабоко и темелно читање“, се состои од усвојување на знаење, аналогно размислување и донесување на заклучоци; создавање на перспектива и емпатија; критичка анализа и создавање на слики.Кај дигиталните содржини екраните влијаат на процесот на читање, колку повеќе читаме кратки текстови на екранот, толку повеќе читањето се насочува кон “разгледување“ на текст.

Учениците кои создаваат навика да читаат од екран ќе бидат се помалку во можност да читаат долги литературни текстови и ќе немаат корист од когнитивните процеси што ги овозможува длабокото, темелно читање. Овие когнитивни/мисловни процеси се загрозени од дигиталниот медиум на читање, особено кај најмалите, кај кои содржините натрупани со хиперлинкови, поп апи и нотификации/известувања многу ефективно им го одвлекуваат вниманието. Како доказ дека тоа е така, нека ви биде и самиот овој текст кој го читате на екран верувам дека е пропратено со безбројни одвлекувачи на вниманието на вашиот уред, верувам дека и самата должина му пречи на читателот да го прочита овој текст затоа што скоро се што сте “прочитале“ до овој момент на вашиот екран всушност било “разгледување“ на текст.

Дополнителени аргументи се самото споменување на зрачењето на уредите, потребата од електрична енергија за да функционираат како и непостојаноста на дигиталната содржина и нееднаквата достапност до учениците.Постојат многу експериментални студии кои го споредувале читањето на хартија наспроти читањето на екранот и откриле разлика во перформансите на читателите. Разлика во корист на хартијата може да биде поради начинот на мерење на добивката (методолошки причини) и / или поради начинот на дефинирање на добивката (теоретски причини) но во секој случај е мерлива и постои.

Разликите кои произлегуваат од читањето на екранот и читање на печатени текстови, може да бидат предизвикани од самиот процес на вклучување и прилагодување на светлината на уредите, од многуте нотификации кои го одвлекуваат вниманието, од потенцијалот за користење на алтернативни содржини (буквално еден клик не дели од видео содржини, музика и разни игри), сепак постои значителна разлика во зависност од медиумот кој се користи за читање и таа условеност на читањето од видот на медиумот се нарекува мета-спознание и самата по себе влијае на впечатоците на читателот и влијае на тоа како ќе го разбере текстот што го прочитал, колку се фокусирал на текстот итн.

Процесот на прилагодување не зависи само од дигиталниот медиум, туку и од возраста на читателот.Само за пример, кај дигиталните содржини ученикот не може да се “потсети“ на текстот кој се наоѓа на левата страна, некаде при крајот на страницата на средината од учебникот! Едноставно дигиталната содржина го менува својот приказ зависно од медиумот на кој се прикажува., само ротирајте/завртете го телефонот и ќе добиете различен приказ.Да се знае да се чита е да се биде во можност целосно да учествувате во современото општество и да водите смислен живот, затоа е важно уште од најмала возраст да ги научиме децата да знаат да читаат и притоа мора да ги научиме да знаат да читаат темелно.Да ги научиме децата да читаат и да уживаат во книгите треба да биде примарна цел на образованието во раното детство, за жал тоа не е приоритет на МОН на Царовска, туку напротив, таа смислен работи на создавање одбивност, рековме “парталави“ хартиени учебници е силна порака да не бидат парталави читајки од учебници туку “успешни“ како министерката која седи пред лап топ.Додека меѓународните организации за читање / писменост се насочени кон промовирање на љубовта кон читањето книги, “нашето“ МОН е насочено кон промовирање на министерката Мила. 🙁 Со децении, истражувачите за читање ги идентификуваат бариери на читањето и бараат начини на спротивставување на истите. Најновите утврдени фактори на ризик за намалено читање се екраните: таблети, паметни телефони, видео конзоли и други современи технологии, ама кај нас токму тие, како медиум (според МОН на Царовска) ќе бидат клучната алатка за реализирање на наставата во основното образование притоа отфрлајки ги основните алатки кои треба да се користат за да ги научиме како да учат а тоа е книгата односно учебникот.

Да се разбереме, никој не ја оспорува важноста и значењето на дигитализацијата, тој процес навистина е иднината, современото образование треба и мора да биде богато со дигитални содржини, таквите содржини треба активно да се користат во образованието, но треба да се води сметка во кои возрасни групи и по кои предмети истите содржини ќе се користат.Непостоењето на учебници во средното образование, особено во средните стручни училишта, е совршена прилика и можност МОН да се покаже со целиот свој “капацитет“ за создавање/креирање на дигитални содржини. Министерката без ден стаж најпрвин треба да ги “пополни празнините“ по предметите кои немаат учебници, да промовира дигитални содржини во средното образование, притоа да води сметка за нивната целосна достапност на секој ученик, ама во никој случај никако не смее да не осмели да го турка концептот на укинување на хартиените учебници во основното образование, во возраст во која кај учениците/децата се создаваат/градат/формираат когнитивните процеси како компетенции/способности за т.н. темелно читање. Како што би рекол канадскиот комуниколог, Маршал МекЛухан “Медиумот е порака“, односно пораката во поголем дел е содржана во медиумот на кој се презентира а помалку во самата содржина на пораката.Ако истата фотографија ја видите отпечатена во црно бело на стара фото хартија и ја видите прикажана на Инстаграм, таа иста слика кај вас ќе предизвика различни когнитивни процеси, иако пораката односно фотографијата е иста, или ако прочитате одреден текст напишан во книга, во учебник, во писмо или ако го прочитате како графит на некоја зграда исто така ќе предизвика различни мисловни процеси кои водат до различни заклучоци. Кога станува збор за образование и воспитување на најмалите никако не смееме да дозволиме пораките да бидат оставени на дискреција и толкување туку треба да бидат јасни и недвосмислени насочени кон остварување на предвидедите цели во наставата.

Само за пример, изјавата “Нема веќе парталави учебници…“ ако ја прочитате испечатена во нов учебник, или ако ја прочитате на екран покрај фотографија од Мила Царовска како седи пред лап-топ, најверојатно ќе создаде различни емоции.

Се извинувам поради должината на овој пост но поради мојата долгогодишна посветеност на образованието осеќав обврска ова не само да го кажам, туку и да го елаборирам. ФБ е навистина лош медиум да се пренесе една ваква порака со ваква должина но верувам дека сите “темелни“ читатели ќе се согласат дека ако се водиме од слоганот “Медиумот е порака“, најсоодветен медиум за изјавата “Нема веќе парталави учебници…“ ќе биде надгробен споменик, затоа што наликува на епитаф за едно школство.

Пишува: Миле Лефков

Креирано од:


Пренеси го гласот