БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше Интервју со Никола Кузелов (Сценарист и актер)

Пренеси го гласот

Кога би зборувале за универзалноста на уметноста и нејзиното значење, би рекле дека таа е суштина на животот, одлика на постоењето на една единка но и едно општество во целост.

Македонската уметничка искра и покрај сите премрежја тлее на свој уникатен и автохтон начин. Тоа не е уметноста создадена поради протекционизам и отроираност.

Автентичната Македонска уметност е порив роден од традиција и иновација, занесеност и желба, макотрпна работа и жртви, уникатен и ненеметлив стил кој што допрва ќе добива на свој интензитет…

Тука некаде би го вброиле уметничкиот занес на младиот актер и сценарист Никола Кузелов.

Во постпандемискиот период и огромната општествена депресија која ја донесе пандемијата, а во општ недостиг и криза на творештвото во Македонија се појави филмот Те Дуа Жими мене чиј сценарист и актер е токму Никола Кузелов. Ова е филм кој што ја поврати вербата на македонската филмска публика дека Македонија може да има успешно филмско остварување. Значењето на филмот е дотолку поголемо што тој е создаден како независна продукција без помош на владини, невладини и останати спонзори со што неговото постоење е еден кураж за сите креативци кои си наоѓаат свои оправдувања за својот креативен целибат.

Работата на Никола Кузелов е своевиден подвиг во такви услови на воспоставени односи во филмската фела, поради што наоѓа место на нашиот интернет портал тој како млад Македонски уметник, од кого очекуваме уште поголеми успеси во иднина за што ќе ја има нашата поддршка.

“Не сум сигурен дека драмската уметност е нешто што го сфаќаш во одреден момент или е нешто со кое се раѓаш и едноставно го знаеш”

1.Брегалнички Портал: Со Ваши зборови кажете ни нешто за себе. Кој е Никола Кузелов по сопствено видување?

Никола Кузелов: – Никола Кузелов е човек кој се труди зад себе да остави дела за паметење кои би им помогнале на другите луѓе полесно да го опишат.

2. Брегалнички Портал: Потекнувате од “провинција” како што “битните ѕверки од Скопје” го квалификуваат Свети Николе. Колку е предност или недостаток да раснеш во помал град во Македонија?

Никола Кузелов: – Квалификацијата на провинција и “голем град” во нашата држава е смешна и речиси иронична! Македонија е мала држава, скоро па точка на светската мапа, така што во овој огромен свет ние како општество да создаваме микрокосмос во кој ќе се делиме на провинцијалци и граѓани не е ништо повеќе од неписменост, малограѓанство и комплекс на ниска вредност.

3. Брегалнички Портал: Кои беа твоите први контакти со драмската уметност? -Моментот кога свати дека тоа е тоа што сакаш да го правиш во животот?

Никола Кузелов: – Не сум сигурен дали тоа е нешто што го сфаќаш во одреден момент или е нешто со кое се раѓаш и едноставно го знаеш. Во мојот случај од дежурен “циркузант” пред домашните, преку членување во аматерска театарска група во основно и правење авторски претстави во средно доаѓа запишувањето на ФДУ, а тоа е она што сакав да го правам откако се сеќавам за себе.

“Програмата и целосната организираност на наставата на Факултетот за драмски дејности е веќе од застарен модел и сметам дека е време да се донесат многу промени ако не сакаме да останеме назад како драмски факултет во регионов”

4. Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за твоите студентски денови. Како е да се биде студент на ФДУ? Дали постои негативна или позитивна конкуренција и селекција помеѓу колегите на факултетот? Дали има привилегирани “мамини и татини синови и ќерки” кои полесно си поминуваат во студиите? Доколку има нешто што би го променил во рамки на програмата на факултетот што би било тоа?

Никола Кузелов: – Студентските денови се најубавиот период за секој човек, а особено кога станува збор за уметнички факултет. Јас од студирањето на ФДУ имам само убави сеќавања, како преспивања на факултет, проби до утринските часови и дружење со многу, многу луѓе. Во однос на конкуренцијата и селекцијата на студентите, врските за запишување и приказните за мамини и татини синови се повеќе мит отколку вистина, барем така беше во оние години додека јас студирав. Што се однесува до програмата и целосната организираност на настава, за жал мислам дека е веќе од застарен модел и сметам дека е време да се донесат многу промени ако не сакаме да останеме назад како драмски факултет во регионов.

5. Брегалнички Портал: Твојот досегашен пат низ театарот може да се каже дека е алтернативен. Дали претпочиташ стабилност преку долготраен ангажман во театар или преферираш слобода на уметничкиот израз која ја нуди концептот на freelance-уметник?

Никола Кузелов: – Мојот досегашен пат со сигурност најмногу е на алтернативната сцена и тоа носи посебна нишка во формирањето на мојот карактер, однос спрема професијата и уметноста, како и стилот на игра. Без да се лажеме, сигурноста и стабилноста која ја носи институцијата е нешто што сите актери го посакуваат, но од друга страна слободата и шармот кои ги носи независната сцена се нешто незаменливо.

6. Брегалнички Портал: Како актер каде повеќе се препознаваш себеси? Дали во театар или на филм?

Никола Кузелов: – Ова е најтешкото прашање за секој актер и ќе одговорам како што би одговорил секој актер – во двете.

bregalnickimarketing

Кај нас често настанува проблем кога терминот сценарист се меша со терминот драматург или писател

7. Брегалнички Портал: Кажете ни што е потребно да се создаде едно успешно сценарио за филм? Кој е твојот рецепт/ креативен процес преку кој може да се создаде едно успешно сценарио како тоа на филмот “Te Dua Жими Мене” Колку сценаристот има/ше креативна контрола на целиот финален производ? Дали и кога може публиката да очекува продолжение на овој филм?

Никола Кузелов: – Квентин Тарантино рекол дека за еден добар филм се потребни 3 работи: сценарио, сценарио и сценарио. А за едно добро сценарио се потребни две работи, а тоа се талент за пишување и едукација за пишување на сценарио. Велам едукација за пишување на сценарио бидејќи кај нас често настанува проблем кога терминот сценарист се меша со терминот драматург или писател. Што се однесува до Те Дуа, Жими Мене станува збор повторно за еден независен проект кој се разликува од останатите “зависни филмови” како алтернативна претстава од институционален театар, а тоа значи дека освен финалниот продукт целиот процес на работа беше поразличен од оној класичниот процес на создавање на филм. Јас работев со режисерот Марјан Гавриловски од првиот ден откако ја добив идејата за филмот до самиот крај, така што и на двајцата најважно од се ни беше да ја оживееме таа приказна и да и вметнеме дух, што со оглед на гледаноста се покажа како успешно.

8. Брегалнички Портал: Дали може да се живее во Македонија од уметност?

Никола Кузелов: – Во Македонија се живее и од вересија. Вистинското прашање е како се живее во Македонија од уметност.

9. Брегалнички Портал: Дали размислуваш за интернационална актерска кариера и од каде би започнал за пробивање во меѓународни рамки?

Никола Кузелов: – Не премногу сум размислувал на таа тема, што не значи дека не посакувам еден ден тоа да ми се случи. Наместо да се трудам да ги пробијам интернационалните бариери, се трудам да работам напорно на дела кои со својот квалитет и успех евентуално еден ден би ги пробиле тие бариери.

Живее во креативна симбиоза со општеството

10. Брегалнички Портал: Како за млад автор имате прилично импресивна авторска библиографија, но и препознатлив си како своевиден граѓански активист за афирмација на уметноста. Од каде црпиш енергија и инспирација за твоите секојдневни работни ангажмани?

Никола Кузелов: – Мислам дека овде се во прашање личниот поорив и желба во тесна поврзаност со околината во која живееме. Понекогаш инспирација и енергија црпам од себе и од сопствената желба нешто да кажам која се раѓа од општеството во кое живееме, а некогаш општеството ме инспирира до тој левел што ми ја мотивира сопствената желба.

11. Брегалнички Портал: Колку новите медуими (доминантно социјалните мрежи) се корисни или штетни за опстои и афирмација на уметноста воопшто?

Никола Кузелов: – Целосно штетни! Не залажуваат со можност за конекција, себепромовирање и маркетинг на нашите дела, а ги цедат квалитетот, естетиката и длабочината од уметноста. Очекувам во релативно блиска иднина целосно да се удавиме во кич и безморална пропаганда.

12. Брегалнички Портал: Кои се твоите идни планови, каде се гледаш за 5-10 години од сега?

Никола Кузелов: – Моментално работам на нова независна претстава која би требало да ја има својата премиера во октомври, се спремаме за Мангава Ту, продолжението на Те Дуа, Жими мене и развивам сценарио за серијал.

13. Брегалнички Портал: Која е твојата порака кон нашите читатели и кон младите уметници воопшто?

Никола Кузелов: – Сакале или не светот се менува, пробајте да вмешате прсти во тој процес.

Креирано од:


Пренеси го гласот