БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју (втор дел) со Перо Стефановски- музичар, фронтмен на бендот Санаториум

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

На почеток многу од музичките кариери на значајни светски бендови и музичари започнале со многу ноншалантност, наивност и неподготвеност за тоа што подоцна ќе следи. Само низ упорност и со многу посветена работа како и за се друго во животот, музичари од различен калибар оставиле свој белег на времето во кое творат. Но се чини дека белегот кој го оставиле бендови како Санаториум, Архангел, Ареа, Ласт Експедишн, Мизар… е силен до таа мера што на свој нај автентичен и оригинален начин оставиле најубав траен допринос во Македонската андерграунд метал – рок култура на своето време.

Преслушувајки ги по кој знае кој пат албумските изданија на Санаторуим кој како бенд има значајно место во мојата дигитална медијатека- што секогаш во било кој период од денот ми е достапна, можам да кажам дека нема ништо подобро од тој звук на 90-тите години кога музиката во голема мера се креираше по мерка на музичарите а не по мерка на продукциските куќи кои оперираа со музичкиот пазар и профит.

Во првиот дел од интервјуто со Перо Стефановски зборувавме за прашања со генерални- општи карактеристики кои влијаеле на неговиот развој како музичар но и емисијата на енергија која како трендсетер ја рефлектирал помеѓу многубројната публика- поклоници на тешкиот рок звук… за условите за формирање и опстој на еден бенд како Санаториум, за неговите други бендови, за неговите специфични избори во животот кои допринеле да биде тоа што е денес- жива метал легенда кој плени со својата добродушност и пристапност.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Во продолжение на овој Втор дел од интервјуто Перо зборува со многу специфика, со многу финеси и суптилност за сопствениот креативен набој, за влијанијата до најситни детали, чиниш сака тоа што го понел со себе во досегашното богато негово артистичко искуство несебично да го пренесе на помладите, оние на кои светот останува…

Но, далеку е од тоа дека Перо а и Санаториум го имаат кажано својот последен збор, зададено својот последен уметнички удар на сцената во Македонија но и во пошироко меѓународно опкружување.

Таа приказна која Перо ја започна пред 40-тина години се уште врие како котел кој е потиснуван од околностите до таа мера што е логично да експлодира во ова време-невреме кога толку многу е потребна таа креативна енергија да покаже со прст на реалноста во која сме или би можеле да бидеме.

А кога е подобро за таа креативна бомба да се појави, ако не вчера…. Што побрзо, што посилно, што погласно…

Санаториум е белег за препознатливост и себе идентификација на многу генерации, запишани не со букви или ноти, туку со многу љубов, со неуништлива енергија, ехо предизвикано од крик на луѓето со многу длабока промисленост и специфична карактерност… многу пот, труд и уметнички пркос… За луѓето кои имаат потреба да ги менуваат работите без разлика колку и да изгледаат комотни. Таа фуриозна енергија е жива сила која го движи светот, од неговиот материјалистички домен па се до највисокиот духовен пиедестал на нечие постоење.

Нема да кажам дека Санаториум е Македонски бенд, тој е бенд на луѓето, од било која географска должина или ширина. А ние Македонците во голема мера мора да бидеме погласни во афирмација на тој факт, така како што Санаториум беа и се уште се гласни за РАЗУМ И СВЕСТ- насекаде!

Продолжува од претходно: Наше интервју (прв дел) со Перо Стефановски- музичар, фронтмен на бендот Санаториум – БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

7. Брегалнички Портал: Како музичар индивидуално и како дел од бендот Санаториум си меѓу родоначалниците на хард рок и метал музиката во Македонија. Колку беше тешко да се успее на сцената со тие ваши почетоци? Каков беше првичниот одзив на Македонската публика на вашите песни кога се појавивте на сцената преку првите авторски песни кои ги имавте, но и преку настапите во живо по кои сте препознатливи? Дали времето во кое се појавивте Ве создаде вас како бенд и како поединци преку надворешни околности или Вие го создадовте времето со Вашиот индивидуален креативен набој кој успеа да допре до голем број публика?

Перо Стефановски: Тешко беше да се забележи успех на сцената во почетокот, особено што ние како едни од првите бендови во Македонија започнавме да свириме музика којашто не беше популарна. Бевме бенд од улиците на Скопје, бенд од „подземјето“. Имавме голема страст, ентузијазам и силна верба во тоа што го правиме. На почетокот можеби и самите не ја препознававме нашата сопствена вредност. Едноставно не „бркавме“ некаков успех по секоја цена. Се трудевме само да бидеме ние, да ја пренесеме нашата енергија, нашите чувства и нашиот начин на размислување на луѓето, а успехот си дојде природно, сам по себе. Ние не можевме да го контролираме тоа. Секако, не би имало смисла уметноста и она што го создава човекот да остане во подрумот или гаражата, онаму каде што правевме проби и го креиравме материјалот. Природно е човек да ја презентира својата уметност и музиката да стане достапна и слушана од поширок аудиториум и да добие свои следбеници. Најважно беше што создававме музика што ние ја сакаме и чувствуваме, интерпретирана на наш начин со своја препознатливост. Горди сме на она што многумина ни го велат, во смисла „и да слушнам некоја нова песна од вас на којашто однапред не знам дека сте вие веднаш ве препознавам и тогаш знам дека го слушам Санаториум без некој да ми каже дека се работи за вас“. Всушност тоа значи дека имаме свој печат, свој израз, своја автентичност и тоа е нешто што не прави горди. Што се однесува до почетните реакции на публиката тие беа мешавина од изненадување и интерес, особено бидејќи во тоа време ние бевме нешто ново на македонската музичка сцена. Настапите во живо нѐ приближија до публиката и ни помогнаа да стекнеме лојални следбеници коишто ја препознаваа нашата енергија, порака и автентичност. Сметам дека нашата креативност и страст ни помогнаа да ги обликуваме тие времиња и да ги претвориме во можност за развој на сцената. Времето можеби нѐ создаде и нѐ инспирираше да излеземе од дотогашните граници и да создадеме нешто што допира до луѓето на еден поинаков начин.

8. Брегалнички Портал: Како изгледаше создавањето на песните од Вашиот прв албум? Од каде инспирацијата? На кој начин се реализираше креативниот процес и создавањето на песните? Од каде инспирацијата за текстовите? Опиши ни повеќе за соработката и начинот на придонес на останатите членови во бендот кон формирањето на целата слика наречена “На работ на разумот”.

Перо Стефановски: Создавањето на песните беше и сеуште за нас претставува возбудлив и инспиративен процес. Инспирацијата ја црпевме од нашите лични чувства, искуства, перцепција, општествени теми, глобални теми, поглед кон светот, од нашиот внатрешен свет и емоции. Креативниот процес беше возбудлив и колаборативен. Секоја од песните почнуваше од една или повеќе идеи, а потоа ги развивавме, моделиравме сите заедно, со дополнителни идеи и сугестии од сите членови на бендот. Сите се вложуваа со својот личен израз, музички идеи и енергија, сугестии коишто меѓусебно си ги дававме еден на друг што ја обликуваше целосната слика на „На работ на разумот“. Нашата соработка беше важна, бидејќи секој од нас носеше свој уникатен придонес, што резултираше со едно автентично музичко дело. За мене, најважно беше што сите вложивме страст и посветеност, искреност и бескомпромисност и така создадовме нешто што беше повеќе од колекција на песни. Тоа беше наш заеднички израз, наша приказна. Токму таа соработка и меѓусебната инспирација беа клучни за успешно реализирање на нашиот прв албум. Свесни сме за печатот којшто го остави „На работ на разумот“. Некои фанови повторно и повторно во нашиот понатамошен пат сакаа и сеуште сакаат да го слушнат „На работ на разумот“ и да го препознаат во новите песни. Ние како уметници не можеме во секое понатамошно дело повторно и повторно да го креираме „На работ на разумот“. Тоа не би било природно, тогаш не би биле ние и можеби на некој начин би биле застанати во времето коешто е зад нас. Тоа е печат и наша креација за тоа време, без оглед што песните се безвременски и ден денес звучат свежо и фановите после толку години сеуште живеат со овој албум што не прави да се чувствуваме гордо. Тоа е исто како Леонардо да Винчи во секоја наредна слика да се обидувал да ја повтори Мона Лиза. Тоа не би имало смисла. Среќни сме што фановите ги препознаа, ги прифатија и се идентификуваа со нашите креации после „На работ на разумот“, а и со оние дела креирани во поново време. Едноставно, тоа е искрена емоција, енергија и порака испорачана од нас, тоа сме ние… и задоволни сме од она што го имаме, од она што сме го создале. 

9. Брегалнички Портал: Во еден свој музички спот излегувате од темнина, прекриени со интензивни сенки, за да застанете како бенд на некаква сцена и да го отсвирите своето, следејќи оган низ пукнатини во земјата… Колку овој уметнички музичко-визуелен израз недостига денеска?

Перо Стефановски: Темнината е насекаде околу нас и во нас. Секој човек треба да се избори со неа и цврсто да застане на патот кон светлината бидејќи среќата на секој човек е внатре во него, не надвор. Практично човекот е во постојана борба за суверенитетот на самиот себе си барајќи ја светлината од околината којашто често пати тежи да му ја одземе. Човекот е во постојана внатрешна борба меѓу доброто и злото во него. Не е добро како луѓе емоционално да се храниме со туѓата светлина и да ја пополнуваме со тоа сопствената празнина. Не треба да прашуваме како треба да изгледа добар човек туку едноставно треба да бидеме тоа, но од друга страна не можеме од некој да бараме да биде она што не е. Во време кога многу музика и визуелни содржини се сведуваат на стандарден формат или брза продукција, такви автентични и длабоки уметнички изрази создаваат потреба за длабока емоционална и визуелна интерпретација. Тие ни даваат можност да се одвоиме од масовноста, да ја откриеме темнината, интензитетот и мистеријата, што често недостига во светот. Таквиот визуелен израз не само што ја збогатува музиката, туку и ја зајакнува нејзината порака, оставајќи траен впечаток и поттикнувајќи размислување. Затоа, верувам дека вакви уметнички изрази се потребни повеќе од кога било за да ја одржуваат уметноста жива и автентична.

10. Брегалнички Портал: Дали Санаториум на почетокот знаеше дека ќе биде уникатна приказна сам за себе или сакавте да личите и звучите на некој странски бенд?

    Перо Стефановски: Слушавме и сеуште слушаме различна музика, постојано учиме и не се врзуваме посебно за некој бенд, правец во музиката, итн. Никој не е совршен, па ни ние, а просторот за раст, за напредок е бесконечен. Најважно е како тече времето да бидеме подобра верзија на самите себе си. Натпреварот не е да се натпреваруваме со другите бидејќи на таков начин секогаш ќе има некој подобар во нешто и чувството би било губитничко. Никогаш свесно не се трудиме да личиме на некого. Некогаш несвесно може да се препознаат одредени влијанија, пред се затоа што и ние сме обични луѓе и фанови на музиката којашто и самите ја создаваме, но човек којшто е фасциниран од некој бенд или артист и постојано се труди да биде како него тогаш тој е имитатор, а не уметник којшто има автентичност во својата креација. Уметник е оној којшто создава, тој што е креатор, чии дела се слушаат, изведуваат, коишто имаат своја приказна и филозофија и бендови коишто оставиле свој печат, свој белег за иднината. Ние се трудиме колку што можеме да ставиме автентичен печат на она што го создаваме, да бидеме она што сме и цврсто да стоиме зад тоа.

    11. Брегалнички Портал: Со кои други бендови или музичари имавте меѓусебна соработка, комуникација и дружење кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век? Дали можеби некои лица надвор од бендот влијаеа на работата на бендот позитивно или негативно? Дали се уште остварувате некаква комуникација со Ваши колеги од тоа време?

      Перо Стефановски: Во тоа време соработувавме и се дружевме со повеќе бендови од сцената. Не можам да кажам дека некој негативно влијаел на нашата работа. Човек учи додека е жив како од другите бендови, луѓето, фановите, така и од сопствените искуства… Од другите артисти може нешто да се научи ако човек сака да размислува и да учи. Секогаш е добро да се слушнат различни размислувања, перспективи, приказни и филозофии на размислување. Од тие причини сметам дека влијанијата и комуникацијата со другите бендови биле само позитивни и можам да употребам само суперлативи. Успехот во најголема мера зависи од тоа колку самиот си добар и автентичен, колку самиот си искрен и на каков начин ќе ја раскажеш сопствената приказна. Ако некој бенд зрачи со позитивна енергија, ја раскажува сопствена приказна на автентичен начин и ако тоа го прави добро, никој не може да ги спречи луѓето да ја препознаат неговата вредност и да се идентификуваат со него. Од сцената во Скопје во тоа време се дружевме и соработувавме со Архангел, Ласт Експедишн,… со коишто започнавме со работа приближно во ист временски период. Од метал сцената во Скопје тука беа Алојз Роп, Аргус,… Од сцената во Битола Чоканче, Орион, Сатанхорд… Со дел од од артистите од овие бендови сеуште имаме комуникација. Меѓу нас и до ден денес постои огромна взаемна почит.

      12. Брегалнички Портал: Каде се имате настапувано со Санаториум пред се во Македонија, а потоа и надвор од Македонија? Кој настап за тебе како музичар е најзначаен во изминатите децении? Каде публика реагирала најавтентично на Вашата музика?

        Перо Стефановски: Санаториум има настапувано во повеќето градови низ Македонија, на просторот на поранешна Југославија, Унгарија, Бугарија… Не можам посебно да издвојам некој поединечен настап. Секој настап си има своја убавина, приказна, енергија. Најголемата убавина е во тоа кога ќе дадеме се од себе, кога ќе ја пренесете својата енергија на фановите, кога телото ви е облеано со пот и кога ќе го видите задоволството на фановите пред себе коишто уживаат во тоа што го слушаат и гледаат. Тоа чувство е незаменливо. Сепак би ги издвоил самостојните концерти во Скопје, а незаборавни се чувствата кога сме настапувале во поранешна Југославија, во Бугарија во коишто се неверување сме гледале како маса на фанови коишто не се од Македонија ги пеат нашите песни. Таквото чувство со позитивните коментари на големите светски и регионални имиња со коишто сме настапувале за нас беа неверување и позитивен шок што ни даваше дополнителен мотив и енергија цврсто да чекориме понатаму.

        13. Брегалнички Портал: Твој личен впечаток како е да се биде на сцена со најголемите музички имиња на ова време?

          Перо Стефановски: За нас во тоа време тоа беше една од најубавите работи коишто можат да му се случат на еден млад уметник. Бевме на иста сцена, на голема сцена, во исто друштво со дел од музичарите со чијашто музика пораснавме. Го живеевме својот детски сон. Свиревме заедно со Motorhead, Slayer, Halford, Soulfly, Ozzy Osbourne, Slash, Paradise Lost, The Cult, Faith no more, Black Label Society, Satyricon, The sisters of Mercy, Ugly Kid Joe, Public Enemy, PIL, итн. Понатаму, во минатото имавме можност да се запознаеме и да се дружиме со членовите од Machine Head, Marty Friedman од Megadeth, членовите на Kreator, Mike Portnoy, Billy Sheahen, членовите на Amorphis, да присуствуваме на Press конференција и да ги запознаеме членовите на Metallica, итн. Исто така, на почетокот на деведесеттите години, кога започнуваа војните во поранешна Југославија свиревме на мини турнеја т.н. „Stop the war in YU“ заедно со едни од најголемите имиња на ова поднебје како што се Екатерина Велика, Партибрејкерс, Рамбо Амадеус, Ван Гог, Електрични оргазам, итн. Тоа се случување на просторот на поранешна Југославија и во Унгарија каде што беше снимен материјалот „Live in Hungary“. Неверојатно возбудливо е чувството да се биде на иста сцена и во друштво со едни од најголемите музички имиња на ова време. Тоа за нас беше вистинска чест, инспирација, моменти коишто ни дадоа мотивација, енергија, како и моменти за коишто чувствуваме гордост и благодарност.

          14. Брегалнички Портал: Имаше време кога рок и хард рок музиката во Македонија беа меинстрим. Влијанието на таа сцена можеше да се види во секојдневниот живот, кај обичните луѓе, особено од помладите генерации. Дали чувствуваш „вина“ или гордост за тоа влијание врз обликувањето на свеста и карактерот на таа популација на следбеници кои со вашата музика се градеше во животот сите изминати години?

            Перо Стефановски: Горд сум на ова што го слушам. Тоа значи дека нашето парче душа, нашата енергија, нашиот израз, нашите пораки се врежани во душите, свеста, карактерот на нашите фанови, на нашите следбеници. Тоа се должи на нашата посветеност, искреност и многу работа.

            15. Брегалнички Портал: Што треба еден музички бенд да поседува за да опстои на сцената 40 години?

              Перо Стефановски: Еден бенд пред се треба да ужива тоа што го прави, да има многу меѓусебна толеранција и разбирање, да постои компатибилност и кохезија на енергиите, упорност, почит…, да постои креативност, да се има своја ѕвезда водилка. Бендот да диши заедно, посебно да диши заедно кога е тешко и само така може да опстои толку време и да постои прогрес во она што го работи. Како што кажав и претходно, тоа е исто како и во животот, надвор од музиката, при комуникацијата со луѓето, пријателите, роднините, колегите, партнерите, така што при работењето неминовно е да дојде до различни гледишта на работите и конструктивни конфликти при креацијата, носењето на одлуките, односно воопшто работењето на бендот. Според мое мислење ова се многу важни елементи во целокупната матрица на елементи за опстанокот еден бенд, а ова важи и воопшто во животот, бидејќи мора да постои толеранција и разбирање. Ова е особено важно како за егзистирање на еден човек, така и за еден бенд во наши услови, каде што бендовите не егзистираат во вид на „корпорации“ и исклучиво на бизнис основа како што е тоа случај кај големите светски бендови од „биг бизнисот“. Едноставно има моменти кога треба да се почитува правилото „Еден за сите, сите за еден“ колку и да е тешко.    

              16. Брегалнички Портал: Што и колку „заработи” Санаториум во текот на своето повеќедецениско постоење?

                Перо Стефановски: Санаториум гледано од финансиски аспект не заработи многу. Всушност се што беше заработено воглавном беше вратено назад во опрема и трошоци коишто ги има бендот, а она што низ години го имаме вложено во бендот можеби е повеќе од она што сме го добиле, па оттука слободно можам да кажам дека Санаториум е „No profit“ бенд. Веројатно Санаториум е еден од позначајните бендови во Македонската историја којшто најмалку заработил. Санаториум е бенд којшто никогаш финансиски не бил поддржан од државата и било која државна институција. Се било на комерцијална основа. Многу бендови, артисти биле подржани со државни пари односно пари од данокот на граѓаните. Бендови или артисти коишто ја претставуваат „Македонската култура“. Некогаш низ насмевка се прашувам дали ние не сме дел од Македонската култура? Сепак, не се оптоваруваме со тоа, ниту пак финансирањето од државата сме го барале до сега. Всушност не го сакаме политичкиот контекст имајќи предвид дека пред се ние живееме во држава каде што политиките, партискиот и личниот интерес е пред се. Ние не сакаме да учествуваме во тоа или да бидеме дел од тоа. Нашата приказна е над партиска со глобални пораки.  Ние музиката не ја создаваме за да добиеме пари од државата, туку пред се на заради нас, за нашите фанови, за нешто што ќе живее и додека сме ние, а и после нас. Горди сме на она што го создадовме и она што го создаваме, а тоа за нас има неспоредливо поголемо значење од парите. Оттука, одговорот на прашањето што и колку „заработи“ Санаториум во текот на повеќедецениското постоење е многу, пред се на емотивен и духовен план, а всушност тоа за нас има многу поголемо значење отколку да се заработат пари и ние задоволни сме заради тоа. Не е сиромашен човек оној којшто има малку, туку оној којшто постојано има желби за повеќе и повеќе. Кој разбира знае за што зборувам, бидејќи и во животот постојно среќаваме луѓе коишто барајќи повеќе и повеќе и на крајот го губат она што го имаат при што постојано се вртат во исти „маѓепсани“ кругови чувствувајќи се неразбрани.

                17 Брегалнички Портал: Во 2027 година одбележувате 40 години постоење на бендот Санаториум. Какви се плановите за одбележувањето на овој значаен јубилеј? Дали публиката може да очекува ново издание, концерти, гостувања, можеби турнеја низ Македонија?

                  Перо Стефановски: Во овој период работиме на финализирање на новиот материјал. Сега работиме на демо снимките, и наскоро, во периодот што следи, ќе почнеме со официјалното снимање. Сакаме на нашите фанови да им подариме нови песни со ново издание и на таков начин да го одбележиме нашето 40 годишно постоење. Планираме да направиме јубилеен концерт. Не верувам дека ќе имаме некоја турнеја низ Македонија. Можеби некој фестивалски настап на некој фестивал ако се случи пред или по јубилејот, но не се оптоваруваме со тоа. Она што можам да го кажам дека покрај сегашната постава, за албумот и јубилејниот концерт е поканет да ни се приклучи Рус бидејќи и тој е дел од духот на Санаториум и сакаме да изразиме почит за тоа за сето она што го има направено за Санаториум изминатите години. Едноставно за албумот и јубилејот да биде раме до раме со нас бидејќи го заслужил тоа.

                  18. Брегалнички Портал: Со кој музичар би сакал да воспоставиш соработка во периодот кој следи?

                    Перо Стефановски: При реализација на новиот материјал планираме да оствариме соработка со неколку артисти, уметници коишто би ни биле гости на неколку песни пред се како резултат на взаемна почит и соработка. Однапред не би откривал ништо додека не се реализира соработката и официјално не се сними материјалот. Што и како ќе биде реализирано од сето тоа времето во блиска иднина ќе покаже.

                    19. Брегалнички Портал: Кажи ни нешто повеќе преку твои лични впечатоци за моменталната состојба на рок и метал сцената во Македонија? Што е тоа што недостасува или пак моменталните бендови и воопшто сцената го прави погрешно?

                      Перо Стефановски: Во уметноста не можам да кажам дека нешто се прави погрешно од страна на бендовите. Едноставно тоа е личен израз, емоција, енергија,… на креаторите односно артистите коишто ја изведуваат музиката. Сега музичката опрема е многу подостапна од порано, како и можноста да се реализираат аудио и видео записи. Можеби недостатоците се однесуваат на државните политики за поголем „простор“, поддршка и промоција на домашните артисти, како и недостатоците на уредувачките политики на одредени медиуми за давање поголем акцент и промовирање на домашна музика, на одредени организатори коишто организираат концерти фестивали и сл… Вообичаено релативно „големи пари“ се даваат за настапи на артисти од странство со дискутабилна уметничка вредност, приказна,… за настани организирани од државните институции финансирани од парите на граѓаните, а речиси редовна е практиката кога буџетите се ограничени организаторите да се обраќаат до домашните артисти со замолница „да излезат пресрет“ со ветување дека во иднина кога ќе има буџет ќе бидат поканети за настап, нешто што потоа никогаш не се случува што претставува своевидна манипулација и disrespect кон домашните уметници. Исто така сметам дека странските артисти добиваат позначајно медиумско претставување од домашните артисти кога гостуваат во Македонија. Ова особено се однесува на турбо фолк „елитата“ од просторите на поранешна Југославија. Овде треба да се има предвид дека уметноста е скапа, но од друга страна уметноста е значаен елемент и еден од столбовите на културниот развој, на градење на идентитетот, духот… на еден народ, на една држава.

                      20 Брегалнички Портал: Кој/и бенд/ови што моментално активно работи/ат од помладата генерација имаат потенцијал да бидат достојни носители на културолошкиот идентитет на Македонската хард рок, треш, хеви метал сцена, кој што го создаде Санаториум?

                      Перо Стефановски: Conspiracy изминатиот период одлично работат. Таму свири мојот син Алекс на тапани и задолжен е за продукцијата на песните. Сметам дека Conspiracy одлично напредуваат и ако продолжат така имаат одличен потенцијал да ги достигнат своите височини во овој музички правец.  Мислам дека нивната страст, посветеност и желбата да креираат и да ги пренесат нивните вредности преку музиката ги прават едни од фаворитите во иднина да израснат во еден од водечките бендови на метал сцената за продолжување на оваа културна традиција.

                      21. Брегалнички Портал: Што претставува за тебе Санаториум?

                      Перо Стефановски: За мене Санаториум претставува дел од мојата душа, дел од моето тело, Санаториум е моја религија. И не само моја, туку и на останатите членови од бендот. Сите ние сме парчиња од душата и делови од телото на Санаториум. Едноставно ние сме Санаториум! За мене Санаториум претставува еден од симболите на автентичност на нашата музичка сцена. Тој е еден вид музички патник со силен емоционален израз и длабоки пораки. Санаториум е инспирација и пример за автентичната уметничка слобода на изразување.

                      22. Брегалнички Портал: Твоја порака за публиката?

                      Перо Стефановски: Да слушаат добра музика, да ја подржуваат домашната музичка сцена, особено младите артисти во ова невреме, да уживаат во животот, да го почитуваат она што го имаат, да го живеат моментот, да шират позитивна енергија, љубов и постојано да работат на тоа да бидат подобри луѓе, секој нареден ден да бидат подобра верзија од самите себе си. Исто така, би сакал да им се заблагодарам на сите оние коишто не подржуваа и сеуште не поддржуваат од самите почетоци до сега. Сакам да веруваат во себе, во своите уметници и да уживаат во моментите со нашата и воопшто домашната уметност бидејќи тоа ни дава живот и инспирација да создаваме и да бидеме уште подобри.

                      Ве сакам сите!

                      Креирано од:


                      Пренеси го гласот
                      HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
                      An image from Squarespace