Секоја успешна приказна мора да има впечатлив почеток. А почетокот на Македонската метал приказна во таа нејзина изворна форма на премин од хард рок кон хеви и треш метал беше повеќе од впечатлива. До таа мера што и ден денес во одредени свои сегменти е ненадмината.
Се уште се силни впечатците од подемот кој го имаше бендот Санаториум пред се пред домашната публика после таа судбоноста за Македонски рамки 1991 година. Така како што политичкиот систем во Македонија направи драстичен исчекор таа година, така и целокупните културолошки збиднувања ферментираа во еден нов интензивно-еволутивен период на креативност и вредности. Од денешна дистанца после триесет и кусур години таа млада генерација на про-активни млади луѓе која на свои плеќи го донесе новиот бран на музичко вјерују на јавна сцена во Македонија беше со толку силно изразено влијание што за децениите потоа се етаблираше како значаен репер за одржлив развој кој како незапирлива лавина беше родена од една грутка снег во тие години.
И во средиштето на тој еруптиран вулкан беше најтешкиот и најекстремен звук кој што дотогаш беше слушнат од било кој музички бенд во Македонија. Суров, гласен, мрачен, на моменти бесен…. со сурова дрскост и искреност, со зборови кои беа шокантни за голем дел од јавниот естаблишмент, но многу блиски и прифатливи за младите орди на се помногубројните металци.
С А Н А Т О Р И У М не само што беа машина која се појави на изгрејсонце од зад хоризонтот која рушеше се пред себе… тие беа пример за бескомпромисност, непоколебливост и силна решеност да бидат најекстремната музичка манифестација која дотогаш Македонија ја имаше видено, но не само кај нас во државата.
Ако за Металика биењето на камбаните имаше своја генеза во едно од светски најпознатите литературни дела за да се доближат до една поширока популација во музичките води, за Санаториум таа инспирација потекнуваше од индивидуалниот карактерен комплекс на секој од четворицата жестоки момци облечени во црно како нов визуелен идентитет на цело едно движење кое со децении потоа, до ден денес се рефлектира насекаде околу нас и никако да згасне… баш напротив повторно и повторно воскреснува со нова форма, но со истото жестина и сензибилитет кој ги туркаше сетилата до екстрем кои ги иновираа токму тие: Перо, Коста, Црни и Глупсон.
Нивната музика беше екстремна и за тоа време прогресивна, за денес да биде олд скул. А лириката на песните беше длабоко интимно човечко расположение проширено до дотогаш непознати граници.
За денешното интервју имаме особена чест да пренесеме дел од светот на Перо Стефановски- фронтмен, вокал и гитарист на култниот Македонски музички состав Санаториум. Тој е фуриозна и нескротлива појава на сцената, крик на цели генерации млади луѓе, каде го остави своето срце, љубов и гнев, болка и радости во изминатите повеќе од 3 децении музичко битисување на сите позначајни музички настани во 90-тите и 2000-те години. А од друга страна тој е и патоказ за една општествена интелектуалност заедно со останатите “јавачи” на екстремниот звук. Тој е еден од првенците на музичката сцена за кој може да се каже дека имале двоен идентитет низ животот: Тој произлезен од најтемните улички на скопскиот андерграунд каде беше нетронизиран бог на Метал музиката и тој што со секое ново утро се враќаше во една општествена “нормалност” и клише на здодевност.
Во продолжение на ова наше интервју зборуваме токму за тој првиот, темниот, сегмент од животот на еден металец произлезен од лавиринтите на општествените премрежја како форма на отпор, форма на пркос и покажување став… дека оваа земја нема само слепи патници низ времето, туку активни создатели на постоење и идентитет.
А Македонскиот метал идентитет во себе го има најсилниот стожер кој го крепи своето време: Санаториум!
За личните впечатоци и критички осврт околу музиката, значењето на бендот во пошироката андерграунд заедница не само во Македонија и за она што суштински како вредност во себе го носи бендот Санаториум преку своите членови предводени од Перо Стефановски, како и за нивното творештво ќе дадам поширок осврт во вториот дел од нашето интервју кое што поради сериозноста и обемот на искажаните мислења и ставови од страна на нашиот соговорник моравме да го поделиме на два дела.
Читајте…. уживајте или мачете се- кој како!
ПРВ ДЕЛ ОД НАШЕ ИНТЕРВЈУ СО ПЕРО СТЕФАНОВСКИ- музичар, фронтмен на бендот Санаториум:

- Брегалнички Портал: Дали конечно дојде „Нашиот суден ден“?
–Перо Стефановски: Ова е тешко прашање коешто само по себе носи тежина. „Нашиот суден ден“ може да се гледа од различни аспекти и тоа од аспект на лична перспектива, од аспект колективна перспектива, или пак од аспект на духовна перспектива. Тешко е да се каже дали е дојден нашиот суден ден. Од суденото не се бега и затоа не треба да се оптоваруваме со тоа. Во животот на земјата својата невиност не се докажува пред оние коишто веќе одлучиле да те обвинат и да те судат. Важно е како луѓе да живееме со позитивна мисла, толеранција, разбирање, мир, добра вера и надеж, да се стремиме кон добрина, да бидеме подобри луѓе, да бидеме светилки во темнината којашто не опкружува, да оставиме позитивна трага зад нас. Тоа е мотив секој нареден ден да бидеме подобра верзија на самите себе си. Мислам дека „Нашиот суден ден“ е повеќе симболична претстава за нашиот животен пат, делата што ги правиме и оставаме зад себе. Наместо да се фокусираме на тоа кога ќе дојде или дали е дојден, подобро е да живееме со позитивна мисла и да се трудиме да бидеме најдобри што можеме. Ако „нашиот суден ден“ е нешто што е неизбежно тогаш треба да се прифати со мир во душата и разбирање бидејќи доаѓа како дел од природниот тек и треба со љубов, благодарност и спокој да прифатиме сè што носи животот.
2. Брегалнички Портал: Кога животот беше поубав? Во текот на ноќта над Југославија или утрото во Македонија?
–Перо Стефановски: Убавината на животот е лично чувство на секоја единка во општеството. Всушност квалитетот на животот зависи од квалитетот на сопствените мисли и тоа важи за секоја човечка единка. Среќата на човекот е во него, не е надвор. Секој човек мора самиот да се справи со самиот себе, да ги пополни сопствените празнини, да се избори со своите сенки. Човек којшто среќата ќе ја бара кај друг, во надворешна стимулација, во материјалните работи постојано ќе биде несреќен. На таков начин, остварувањето на некоја желба ќе биде краткотрајно задоволство проследено со празнина и желба за повеќе. Човекот којшто живее на таков начин сеедно е дали се наоѓа во ноќта над Југославија или во утрото во Македонија. Секако за чувството за квалитетот на животот влијание има и околината, системот во којшто живееме, но повторно големината на личноста е во неговиот дух, во неговиот карактер, во способноста да го најде својот мир внатре во себе си во секоја ситуација.

Од аспект на лично чувство, во времето на Југославија како млад човек се чувствував по безгрижно гледано од аспект на живот во едно општество. Немаше толкаво оптоварување со политика, криминал, корупција, поделби по разни основи, раслојувања на општеството, омраза, итн. Кохезијата меѓу луѓето во општеството беше поголема. Најголемиот дел од нас со многу емоции, солзи радосници, еуфорија… го дочекавме моментот на вековните идеали на овој народ да има своја независна и самостојна држава. Сега после толку години не можам да кажам дека сме независни, самостојни… Го остваривме својот сон, но не можам да кажам дека како народ и како држава сме на висина на задачата. Турбуленциите, превирањата, поделбите… во општеството по разни основи се наше секојдневие. Едноставно системот во континуитет бележи деградација. Трендот постојано оди во надолна линија. Според мое мислење Југославија системски гледано беше далеку поорганизиран систем од овој што го имаме сега. Мораме пред се, да се менуваме самите себе си, сите до еден ако сакаме да одиме напред. Во Југославија разликите во општеството беа ставени на периферија. Едноставно менталното програмирање кај луѓето беше поинакво. Во Македонија разликите се во фокусот, а кога разликите се во фокусот тие сами по себе раѓаат конфликти. Тоа може да се види во секојдневното живеење, во медиумското известување, итн. Постојано во фокусот се поделби на наши и ваши, на христијани и муслимани, на Македонци и Албанци, на партии, богати и сиромашни, итн., па како и да гледате секој човек во општеството колку и да не сака да биде дел од тоа, се наоѓа во некоја група којашто се конфронтира со друга група. Во фокусот се конфронтациите, обвинувањата, конфликтите од најразличен карактер… а не натпревар за прогрес, натпревар за да градиме општество коешто ќе оди напред, општество во коешто утре ќе бидеме подобри од денес, општество каде што ќе чувствуваме внатрешен мир, спокој, наместо притисок, страв, нестабилност… Едноставно не мораме да го носиме товарот на туѓите емоции, туѓите притисоци, туѓите интереси, туку да живееме во склад со себе си, со мир во душата, да работиме посветено така што ќе се бориме за подобро утре. И суштински и ментално човек треба да избега од тоа. Живееме во хипокризија. Сите себе си се сметаме за духовни, морални, дека имаме свои квалитети, се знаеме како треба да биде, а при тоа ги обвинуваме другите за нешто што во реалноста самите постапуваме уште полошо од тоа за што ги обвинуваме другите. Тоа можете да го видите и при секојдневната комуникација со луѓето. Секој мора да појде од себе си и да се оттргне од својата проекција обвинувајќи го другиот за нешто што самиот го прави. Конечно мора да се свртиме кон себе си и да го напуштиме синдромот на „вечна жртва“. Ако постојано влегуваме во некои конфронтации, го рушиме системот со нашите постапки претставувајќи се себе си како жртва без да прифатиме одговорност или барем дел од одговорноста, да научиме нешто од тоа што ни се случува, во таков случај мораме да се запрашаме што не е во ред со нас. Тоа кај нас можеме да го забележиме насекаде во општеството, од индивидуално до колективно ниво, по хоризонтала и по вертикала. Редовна практика е луѓето во општеството, политичарите… постојано меѓусебно да се обвинуваат и во секоја интеракција да опстојат на ставот дека се во право, а другите прават нешто што не е добро. Јас не можам да видам дека некој јавно кажал дека нешто што направил било погрешно или можеби не требало така. Сите велат дека се во право, другиот погрешил, а при тоа одиме надолу. Како дојдовме до тоа? Луѓето што никогаш нема да прифатат грешка, да работат на исправање на грешките, макар и себе си да си признаат и да се коригираат, извинат… да работат на исправање на себе си не можат да учат, а човекот којшто не може да учи не може да расте. Затоа како држава тонеме надолу и како колектив и како индивидуалци.

3. Брегалнички Портал: Дали музиката може да го промени светот? Колку музиката те создаде тебе како уметник и човек?
–Перо Стефановски: Според мое мислење музиката сама по себе не може да го промени светот, но може позитивно да влијае на човештвото. Светот се менува од други центри на моќ, центри на интерес, центри на контрола. Онаму каде што има сила, нема правдина. Сепак музиката може преку своите пораки, енергија, емоција, да укаже на одредени состојби, проблеми, одредени решенија, позитивно да влијае на духот кај луѓето, на развојот на културата, на нивниот емоционален и интелектуален развој. Музиката игра една од клучните улоги во мојот живот, во мојот развој како уметник и како човек. Ми помага да се изразам, да ги изразам своите чувства, емоции и да ги споделам со другите. Среќен сум ако успеам да направам барем некој да се чувствува поубаво со музиката којашто ја создаваме. Музиката ми дава ментална сила, ме научи на трпение, посветеност. Таа е дел од мене преку којашто можам да ја изразам својата креативност, да размислувам, ми дава сила да продолжам понатаму. За мене музиката е нешто повеќе од уметност – тоа е мој начин на живеење и водилка за личен раст.
4. Брегалнички Портал: Перо Стефановски во неговиот академски живот е Доктор по технички науки. Колку е тешко да се следи академска кариера паралелно со музичка кариера? Кога првпат сфати дека сакаш да бидеш музичар? Што значи за тебе лично да се земе гитара и да се застане пред микрофон во тие твои почетоци на музичка експресија? Дали едната професија трпела поради другата и кои се жртви морало да се прават за да успеете во двата развојни правци, паралелно водејќи посветен семеен живот?
–Перо Стефановски: Не би можел да кажам дека е тоа тешко или пак чувствувам некаква тежина поради тоа. Уживам во музичката креација. Тоа е мој посебен свет. Најчесто на проби со Санаториум одиме попладне или навечер, некогаш остануваме до доцна навечер и после напорниот ден музиката ми претставува вистинска рехабилитација на умот и позитивно влијае на духот. Всушност, колку што давам енергија во музиката од една страна, од друга страна музиката ми ја враќа енергијата и ме прави да се чувствувам исполнето. Тоа е взаемна размена на енергија. Можеби понекогаш, одредени денови или периоди ќе почувствувам физички замор, но ментално се чувствувам прекрасно. Физички човек ќе се одмори, а потоа повторно продолжува со полна пареа. Музиката којашто ја чувствувам внатре во себе си, со којашто комуницирам, ме прави емотивно и ментално посилен. Веројатно низ музиката негативната енергија излегува од мене и ме прави по ведар, по смирен… едноставно музиката ме исполнува. Со музиката сум уште од дете. Неколку години со сестра ми посетувавме нижо музичко училиште каде што свирев клавир. Подоцна започнав да свирам гитара. Во тој период доста слушав музика, учев да свирам, вежбав. На почетокот свирев само гитара. Не пеев. Подоцна започнав и да пеам. На почетокот мојот вокален израз изгледаше многу лошо и свесен сум за тоа, но подоцна некако тоа го правев подобро, изградив свој автентичен израз иако и денес не се сметам себе си за врвен вокален артист. Имам уште многу простор да напредувам. Важно е да биде тоа искрено, автентично да ја пренесам енергијата, пораката на фановите и на оние коишто го слушаат тоа. Инаку, мојот дедо свиреше гитара и мандолина, татко ми беше професор на музичка академија и средното музичко училиште, предаваше тромбон, туба и камерна музика, свиреше во филхармонија, мајка ми свирела виолина и е поетеса, син ми исто така се бави со музика, свири тапани, гитара, бас, по малку клавијатури, се бави со снимање и продукција. Веројатно и генетиката во сето тоа замешала свои прсти во сето ова.
5. Брегалнички Портал: Покрај Санаториум сте биле дел од други бендови, како Brigade O.D. и Киборг кои имаа висока музичко-естетска вредност кај себе. Дали сте размислувале за реафирмирање на нивната работа повторно?
–Перо Стефановски: Изминатите години направивме „Reunion“ со Киборг. На два пати имавме концерти во Скопје, ја снимивме песната Virus и направивме и видео запис за истата, но целиот материјал не успеавме го снимиме. Можеби ќе се случи тоа во иднина. Со Brigade O.D. во блиска иднина планираме да направиме студиски снимки на материјалот којшто го имавме во минатото, а којшто немаше студиска завршница. Откако ќе го снимиме материјалот, потоа сосема извесно би требало да се случи настап во живо со Brigade O.D., но ќе одиме чекор по чекор. Никаде не брзаме и нема зошто, особено што во тек е и работата на новиот материјал на Санаториум. Велат, господ го создал времето, а човекот брзањето, па ќе одиме полека и чекор по чекор.
6. Брегалнички Портал: Кажи ни нешто повеќе за почетоците на Санаториум: Како дојде до идејата за формирање на бендот и како беше поставена работата на самиот почеток и како понатаму опстоивте во работата сите овие години наназад?
–Перо Стефановски: Далечната 1987 година јас, заедно со Глупсон, Црни, Антонио и Миле го формиравме Санаториум. Јас и Антонио свиревме гитари, Глупсон тапани, Црни бас и Миле беше вокал. Направивме неколку песни коишто никогаш подоцна не беа објавени, но стилски беа необични и нешто што дотогаш не беше свирено во Македонија. Започнавме со клупски настапи, настапи на фестивали, гитаријади така што во тој период за прв пат настапивме на Рок фест. Колку што се сеќавам, прв пат кога настапивме на Рок фест не се пласиравме понатаму, но едно што ми падна во очи беа новинарските записи во тоа време коишто одеа во насока, парафразирам: „…дефинитивно најбучниот бенд на овогодинешниот Рок фест беше групата Санаториум… нивната музика изнесува стотици децибели…“. До ден денес ни самиот не знам дали „најбучниот бенд“ беше позитивна или негативна критика или кој како ќе го разбере тоа, но каква и да беше намерата ние тоа го доживеавме позитивно затоа што едноставно тоа бевме ние, а кој како сака нека разбере. Навистина бевме бучни, енергични, невообичаени за ова поднебје. Се сеќавам, во тоа време настапивме како гости на гитаријада во спортската сала во Куманово, а потоа учествувавме на гитаријада во Раотинце, во Тетово, каде што го освоивме првото место. Во тој период, после првите неколку настапи Антонио го напушти бендот, па кратко време настапувавме како четворка, со една гитара, за да потоа и вокалот Миле го напушти бендот. Некаде во тој период ни се придружи Рус на гитара. Кратко време се обидувавме да најдеме вокал, но не успеавме во тоа и некако спонтано на пробите јас започнав да пеам. На почетокот според мое мислење тоа не беше баш добро, но полека почнав да напредувам. Ни ден денес себе си не се сметам за врвен вокал, можам тоа со чиста душа да си го признам како на себе си така и јавно, но знам дека она што го изведувам е искрено, автентично, со цело свое срце, енергија и давам се од себе, онолку колку што можам, знам и умеам. Потоа, повторно настапиме на Рок фест и го освоивме второто место, за да во нашето трето учество на Рок фест освоивме прво место од публика, а второ место од жири комисија при што како награда добивме можност да снимаме албум во студијата на Македонската радио телевизија. По издавањето на првиот албум „На работ на разумот“ на манифестацијата 12 Величествени добивме награда „деби албум на годината“. Потоа следеа концерти како во Македонија, така и надвор од Македонија. Во Унгарија го снимивме видео материјалот во живо „Live in Hungary“. Во 1996 година го издадовме албумот „No more…“. Во оваа прва декада имавме неколку самостојни концерти во МКЦ во Скопје и повеќе концерти во останатите градови во Македонија. Понатаму, во 2001 година го ре-издадовме албумот „На работ на разумот“ со две нови песни „Во себе умирам“ и „Секој ден“ со уште неколку песни во живо под наслов „Санаториум“. Во 2015 година издадовме Limited single edition три песни и тоа: „Молк“, „Молитва“ и „Кажи НЕ“, за да потоа го издадеме синглот „Параноја“. Секако во меѓувреме се случуваа многу настапи, настани, но накратко ова се почетоците со некоја хронологија на изданијата. На почетокот правевме проби речиси секојдневно или барем 4-5 пати неделно. Се знаеше, одиме на проба, свириме и потоа излегуваме. Тоа значи дека покрај тоа што свиревме многу се дружевме заедно, слушавме музика, дискутиравме, едноставно дишевме како еден. Санаториум не беше само музичка формација којашто ќе одработи проби, студио или концерти и секој на своја страна. Ние се дружевме заедно и практично заедно растевме со многу меѓусебно разбирање. Довербата, делата и заедништвото се можеби формулите за долгогодишното опстојување. Тоа е исто како и во животот, не секоја рака којашто ја држиш ќе ја држи твојата рака назад. Не мислам кога работите одат добро, туку оние вистинските се гледаат кога е тешко. Ако некој ја држи твојата назад кога работите одат тешко, ќе тогаш можеш да очекуваш дека ќе биде покрај тебе кога ќе дојде големо невреме. Всушност меѓусебните енергии, заедништвото, разбирањето, компромисите, заедно со работата, креацијата… се едни од клучните елементи во целата матрица за опстанокот на бендот овие без малку 40 години на сцената. Тоа е нешто што ни недостасува како во државата така и кај многу како поединци, структури.
Продолжува….


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наше интервју со Александар Китански- Градоначалник на општина Пехчево: „Градиме чекор по чекор, со љубов и посветеност“
Наше Интервју со Д-р Весна Ушинова- Носител на Советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ во Штип
Интервју со Петар Ружински: кандидатот за градоначалник на Општина Берово