Минатиот викенд, недела 12.10.2025 година, во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, се одржа промоција на двојазичната збирка поезија „Нека биде сонце“, авторско дело потпишано од Бранкица Богатинов, дипл.инг. по биологија, наставник по биологија и македонски јазик во Република Хрватска.
Во полна сала исполнета со драги лица, се чувствуваше топлина, емоција и духовна поврзаност. Секоја насмевка, секој поглед, беше доказ дека зборот и песната навистина имаат моќ да обединат, да не потсетат кои сме, од каде доаѓаме и колку е важно да ги чуваме своите корени.
Авторката на стихозбирката Бранкица Богатинов упати јавна благодарност до Хрватско-македонското друштво и Јудита Реи Худечек, до Загрепската жупанија и госпоѓата Лена Ѓапиќ, претставничка на македонското малцинство – без вашата поддршка овој проект немаше да блесне во својата целост. Благодарност и до директорот на Агенцијата за иселеништво г. Горан Ангелов и координаторката Билјана Костова за нивната неизмерна помош и присуство.

Во врска со настанот авторката Богатинов упати свое соопштение во јавноста:
“Вечерта ја збогатија со своето присуство:
г. Никола Бајиќ, советник при Амбасадата на Република Хрватска во Македонија, г. Братислав Димитров, македонски драматург, писател и актер, младата и надежна балерина Елена Грујоска, која ја отвори вечерта со грациозен настап. Дел од песните топло ги пренесоа учениците од ОУ „Иван Бенковиќ“ – Дуго Село, Петар и Павел Богатинов, како и учениците од ОУ „Његош“ – Скопје, Стефан и Елена Грујоски. Песната „Како водата сакам да бидам“ прекрасно ја донесе Билјана Грујоска, а авторката ги сподели емотивните песни „Сине Бабино“, „Кој си ти“ и „Јаките луѓе“. За крај, г. Братислав Димитров ја пренесе длабоката порака на песната „Дом“, потсетувајќи нè дека човекот е најсилен кога е свој, кога љуби, и кога го чува својот јазик и татковината во срцето.
Благодарност до МРТВ и Каролина Петковска за медиумската поддршка, како и до Канал 5 и емисијата „Здраво Македонија“. Посебно благодарност до прекрасната Марија Костадиновска дипл. филолог, авторка на детска литература, која со својата топлина и професионализам ја модерираше програмата.
Од срце ви испраќам топол поздрав до сите роднини, пријатели и поддржувачи на пишаниот збор. До родителите ,сопругот и моите синови без чија поддршка секако немаше да успеам. И никогаш да не заборавиме — човечноста, љубовта и почитта кон различностите се најсилното сонце што може да нè осветли сите. Нека биде сонце – во зборот, во делото и во срцето!
-стои во соопштението на Бранкица Богатинов.

Збирка што ги обединува корените, духот и животот
Во својата најнова збирка, авторката нè води на едно длабоко и искрено патување низ трите поглавја што го сочинуваат нејзиниот внатрешен и духовен свет – „Корени“, „Божилак“ и „Огледало“. Во „Корени“, поезијата дише со мирисот на татковината, со топлината на домот и гласот на предците. Тука се втемелени вредностите што не потсетуваат кои сме и од каде доаѓаме – љубовта кон земјата, семејството, традицијата и добрината. „Божилак“ е духовниот свод на збирката – лакот на светлината што ги поврзува небото и земјата, Бога и човекот. Преку овие песни се чувствува тивката сила на верата, надежта и благоста што ја исцелува душата. А во „Огледало“, авторката ја прикажува вистината на животот – радоста и тагата, љубовта и болката, силата и убавината на жената како центар на семејството и општеството. Овде поезијата е поглед во себеси, но и во секој човек што бара смисла и светлина. Збирката е како сонце што грее со зборови – топла, искрена и човечна. Таа нè потсетува дека вистинските вредности не се во материјалното, туку во домот, во љубовта, во сплотеноста и во корените што нè држат исправени дури и кога животот е бурен. Со ова дело, авторката не само што го слави животот, туку ја шири и пораката дека секој човек е зрак од истиот божји лак – поврзан, благословен и исполнет со светлина.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Министерот Алиу се сретна со италијанскиот амбасадор, Палминтери
Шест лица го загубија животот за четири дена во сообраќајни несреќи, секојдневно сами го ризикуваме животот поради непочитување на сообраќајните правила и прописи
Николоски: Железничкиот коридор 8 има стратешко, економско и безбедносно значење за Балканот и Европа