БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

„ПКУ Херои“ го одржа вториот камп за деца со фенилкетонурија и нивните семејства

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

На 21 ноември 2026 година во Скопје се одржа второто издание на PKU Camp, во организација на Здружението за поддршка на лица со фенилкетонурија „ПКУ Херои“. Кампот ги собра децата со фенилкетонурија, нивните семејства и медицински стручни лица од Универзитетската клиника за детски болести – Скопје и Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Додека децата си играа и стекнуваа нови пријателства, родителите имаа можност да разговараат со лекарите за прашањата што ги носи секојдневието со фенилкетонурија, од планирањето на оброците до следењето на развојот на детето. Кампот им даде простор и да разменат практични совети со други семејства кои од сопствено искуство знаат што значи секој ден да се планира исхраната на дете со ПКУ.

Фенилкетонуријата (ПКУ) е ретка наследна метаболна болест при која организмот не може правилно да го разградува фенилаланинот, аминокиселина присутна во храната што содржи белковини. Неговото наталожување во крвта може да го наруши развојот на мозокот. Со скрининг кај новороденчињата, болеста може да се открие пред да се појават симптоми. Навремената дијагноза, соодветната исхрана и редовното медицинско следење им овозможуваат на децата со ПКУ да растат и да се развиваат нормално. 

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Одлуката за метаболен скрининг за фенилкетонурија кај секое новороденче во земјава е еден од најзначајните резултати на долгогодишното залагање на семејствата и поддржувачите на лицата со ПКУ, во кое се вклучи и здружението „ПКУ Херои“. Здружението ја објави веста во февруари 2024 година, откако скринингот беше предвиден во рамките на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата.

„ПКУ Херои“ во текот на целата година организира активности за подигнување на јавната свест за фенилкетонуријата, подготвува едукативни материјали за исхраната и ги поврзува семејствата со медицински стручни лица. По првиот ПКУ камп во земјава, одржан во декември 2025 година, здружението сака овие средби да станат традиција. По дијагнозата, на семејствата им требаат јасни одговори за секојдневната грижа, но и луѓе на кои можат да им се обратат кога ќе се појави ново прашање.

Креирано од:


Пренеси го гласот