Од менаџментот на Рудникот Саса во Македонска Каменица ја информираат јавноста за започнувањето на првата фаза за отстранување на јаловината која истече пред неполн месец на Хидројаловиштето во течението на Каменичка река во должина од 11.5 километри.
Во продолжение во целост интегрално го пренесуваме соопштението од менаџментот на овој руднички комплекс:
“Ве известуваме дека од вторник, 13. октомври 2020, Рудник САСА ќе отпочне со прва фаза на отстранување на јаловина која истече како резултат на инцидентот на Хидројаловиште од 14/09/2020, по течението на реката во должина од 11,5 километри.
Чистењето на јаловината ќе се одвива согласно техничка документација во чија подготовка учество зедоа домашни и странски експерти. Оваа фаза од чистењето ќе започне од речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица, а потоа ќе продолжи по целата должина на реката, од јаловиштето на рудникот САСА, па сѐ до езерото Калиманци.
За чистење на речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица ќе биде употребена механизација, согласно предвидена метода за чистење, а собраниот наталожен материјал ќе биде адекватно отстранет и дислоциран на соодветни локации во рудникот. Ќе бидат преземени сите мерки за да се минимизира сообраќајот на возилата во центарот на градот како резултат на овие активности за расчистување.
Динамиката на работа ќе се прилагодува на временските услови и ситуацијата на теренот и затоа ве молиме за трпение и внимателно движење во зоните на извршување на работите.
Истовремено, рудникот САСА и понатаму останува отворен за сите ваши мислења и предлози. За таа цел можете да се обратите во Канцеларијата на Рудник САСА сместена во зградата на општината Македонска Каменица, која работи секој петок, од 08:00 до 16:00 часот, со почитување на сите превентивни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.
Ви благодариме за вашата поддршка и разбирање.
Со почит, Рудник САСА”


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
„Шпански денови на вкусот – Фузија на традициите“ во Кочани
Осум награди за ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари на 23. Меѓународен детски етнофестивал „Децата од Балканот“ во Хасково, Бугарија
Товарно возило удрило во мопед на магистралниот пат Штип-Делчево