Во пресрет на големиот Македонски празник 23 Октомври- Ден на Македонската револуционерна борба во саботата на пригодна свеченост во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ ОК Делчево беше обзнанета значајна одлука која што го потврдува местото на партијата и нејзините членови во историјата на Делчево но и пошироко во државата.
Со одлука на членовите а по предлог на Претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Иван Гоцевски Месните комитети на село Ѕвегор, село Разловци и досегашниот Месен Комитет Даме Груев на избирачко место 0581 добија имиња на свои долгогодишни, бележити и неприкосновени членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ кои што не се повеќе помеѓу нас физички, но со ликот и делото нивните вредности, лик и дело и тоа како се присутни.
Месниот Комитет во село Ѕвегор е именуван и во иднина ќе го носи името на Фиданчо Механџиски- Меанџијата.
Фиданчо Механџиски е еден од основачите на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Прогонуван и шиканиран од страна на поранешните комунистички власти во поранешната држава како и нивните следбеници и потомци, Меанџијата е светол пример за непокорот и гордоста на еден човек чија идеја за слобода и просперитет на Македонскиот народ ќе продолжи да живее. Фиданчо Механџиски заедно со неколкумина истакнати поединци, интелектуалци и народни луѓе во 1990 и 1991 година го создадоа делчевскиот огранок на партијата која што единствена во тие турбулентни времиња гордо и со жар се бореше и ја пропагираше идејата за слободна и независна Македонска Држава.
Фиданчо Механџиски во неговите кажувања знаеше себеси да се поистовети со ликот и делото на Јане Сандански. Меанџијата беше човек за кој што Пирин планина е најубавата Македонска планина а Белото Море е најубавото море во светот. За оние кои што го познаваа Фиданчо Механџиски беше интересно тврдоглав и бескрајно горд поединец кој што се радуваше на успехот и радоста на другите. Исклучително друштвен човек кој што беше пријател, современик и соборец со Анте Поповски, Гане Тодоровски, Јонче Христовски, Блаже Ристовски, Петре М. Андреевски и многу други.
Ликот и делото на Фиданчо Механџиски го продолжува неговиот син единец Мартин кој што е горд носител на наследството на неговиот татко.
Месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на Избирачко место 0581 (досега именуван како Даме Груев) е именуван и во иднина ќе го носи името на Зоран Поповски- Поп.
Зоки Поп е личност- бренд на своето време. Нема човек-делчевец кој што не го знаеше и познаваше Зоки Поп. Неговиот челичен карактер, ведар дух, непоколеблива и решителна мисла, следбеник и поборник за универзална човечка слобода ќе останат запаметени вредности по кои се препознава вистинскиот Македонец. Зоки Поп имаше свои познаници, пријатели, соработници, соборци од два турбулентни периоди на Македонија насекаде низ Македонија и на сите светски меридијани. Неговата неизмерна љубов кон планините одеше уште подлабоко до самата суштина и значење на поимот татковина. Ликот и делото на Зоки Поп ќе продолжат да живеат преку неговите најсакани Ангела, Слободан и Жаклина а неговото име ќе биде засекогаш втемелено во организацијата- во ВМРО-ДПМНЕ и помеѓу нејзините членови како еден црвено-жолт патоказ за тоа што значи да се бориш и да работиш за Македонија.
Месниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во село Разловци е именуван и во иднина ќе го носи името на Костадин Смиленски- Коце.
Коце од село Разовци е вистински следбеник и поборник за идеалите на безвременското Разловечко востание чии битки во 1876 година се воделе во неговиот двор, на овој простор кој што е епицентар на Македонската борба за слобода. Костадин Смиленски беше народен човек кој со својата лојалност, посветеност, својот живот се втемели во борбата за едно подобро утре за сите свои сограѓани како еден од најистакнатите членови и активисти на организацијата.
По повод 23 Октомври Денот н Македонската револуционерна борба Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Иван Гоцевски постхумно додели благодарници за посебни заслуги на Зоран Поповски, Коце Смиленски и Фиданчо Механџиски на нивните семејства.
Борбата продолжува!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Министерството за транспорт инвестира над 1,2 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа за граѓаните на Штип
Со пари од амбасадорскиот фонд на САД заврши конзервацијата и реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани
Академијата за роботика и иновации обезбеди донации за три кочански училишта