БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

СРЃАН ВАЉАРЕВИЌ: ЛИРСКИ СТОИК

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот


Пишував за моите дуели со продавачот од „Табернакул“. Таинствен е; ќе го наречеме со
иницијал Л.

Л. не препорачува книги како продавач. Препорачува како човек што знае што ќе ти промени нешто во главата. Ми препорача книга што не се продаваше во книжарницата. Продавале залихи пред затворање.

„Срѓан Ваљаревиќ“ — го спомна Л.
„И?“
„Добил writer in residence на езерото Комо.“
„И?“
„Ништо.“
„Епа?“
„Во тоа е поентата. Треба да пишува роман. Пие, планинари, се дружи со пијаната работничка класа.“
„Тоа е веќе нешто.“
„Во вилата е со академската и книжевната
елита. Нив ги избегува.“

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Ова ептен ветува.

Не затоа што звучи романтично, туку затоа што во тоа има одбрана. Ваљаревиќ не бега
од светот; тој одбира кој свет сака да живее.
Може да биде во вила на Комо, меѓу луѓе што зборуваат за култура, престиж и книжевни институции, но сепак да го бира езерото, планината, пијачениот разговор и човекот што нема да го запишеш во некоја официјална историја.
Читавме постојано претенциозни, ангажирани дневници од воени подрачја. Се заситивме. Па дојде „Комо“, која потоа некому ја позајмив и не ми ја врати.

Ваљаревиќ пишува минималистички, а до душа. Неговата реченица не се обидува да биде голема. Таа не вика, не се објаснува, не бара да биде сфатена како манифест. Но зад неа стои набљудување што е истенчено и точно. Тој гледа она што другите поминуваат покрај него: начинот на кој човек зборува кога е уморен, начинот на кој едно место го
задржува своето време, начинот на кој секојдневната баналност станува доказ за живот.

Има и нешто друго кај него: идејата дека човек може да живее во склад со природата — не со онаа наметната, уредена и комерцијална, туку со вистинската. Со онаа што не бара од тебе да бидеш продуктивен, успешен или објаснив. Природата кај Ваљаревиќ не е декор; таа е можност човекот повторно да стане човек.
Сè што фатив од него е бисер. Дневниците.

Таму пишува за Белград и за човек што делува прегазен од долготрајната
транзиција, но не го уништиле како писател. Тоа е важното: транзицијата може да ти го
изеде градот, да ти ги промени улиците, да ти ги претвори луѓето во статистика, да ти го
растура секојдневниот живот. Но не може секогаш да ти го одземе погледот.
Ваљаревиќ гледа. И затоа не пишува како човек што се предал, туку како човек што сè
уште знае да забележи.

Сцената со орелот што го надлетува ми остави најголем впечаток. Не затоа што е
голема, туку затоа што ми покажа нешто што долго го заборавав: дека постои поглед што
не бара дозвола. Орелот не пита дали лета убаво, дали е во правото, дали некој ќе го
забележи. Тој лета.

И сфатив дека и јас не треба да чекам валидација од академската елита. Не треба
некој да ми каже дека мојот глас е важен за да почнам да пишувам. Пишувам за да се
излечам. Пишувам за да си го вратам своето око, својот ритам, својот начин на гледање.
Ако нешто е вистинито во мене, тоа не престанува да биде вистинито затоа што
некој не го забележал.

Реалноста во Србија е преполна со крајности. Политички, економски, јазични,
морални. Сè мора веднаш да биде нешто: големо, опасно, прогласено, спротивставено.
А Ваљаревиќ е лирски стоик. Не бега од реалноста, но не дозволува таа да му ја
одземе внатрешната слобода. Не прави од страдањето стил, ниту од баналноста
пустош. Тој наоѓа мерка.

Мислев дека фикцијата веќе нема да ми каже нешто ново. Па Ваљаревиќ ми покажа дека не треба секогаш да се пишува за големите настани. Доволно е да се гледа како човек пие, како се качува, како зборува, како молчи.
Ваљаревиќ не пишува за баналното за да го возвиши. Тој пишува за баналното затоа што во него се крие сè. Добриот писател не мора да чека катастрофа, војна или историска судбина. Добриот писател знае и од обичниот живот да направи нешто по кое ќе посакаш да си со него.
Ваљаревиќ е учител, иако нема такви претензии. Освежување на српската книжевност.

Најголемо.

Пишува: Алекс Букарски

Креирано од:


Пренеси го гласот