БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: “Будалесто е”

Пренеси го гласот

Интегрално го преобјавувам постот „Будалесто е“, објавен на 16 јули 2017 година. Значи, пред скоро седумнаесет месеци. Причината зошто (понекогаш) преобјавувам стари постови е едноставна – и понатаму постојат луѓе кои невешто глумат изненаденост и навреденост, макар што не се дел од серијата „Тесна кожа“, освен што се налик (по некои карктеристики) на Среќко Шојиќ.

„Будалесто е, дури и трогателно инфантилно е, да се очекува оваа власт (која на власт дојде така како што дојде на 24.04.2017) да се однесува транспарентно (помодарски кажано, отворено) и инклузивно (помодарски кажано, вклучително, соработнички) како кон граѓаните, така и кон опозицијата, која не презеде ништо да ја разголи незаконитоста со која сегашнава власт дојде на власт. Непознато е (или мене ми е непознато) да се изрши незаконска замена на една власт (особено на режим!) само за десетина минути, колку што траеше ‘изборот’ и преземањето на власта на 27.04.2017, а тоа да не биде однапред испланирано. Потоа, се случи другото насилие (влегување на граѓаните во Собранието) за кое сегашнава власт, како и некои медиуми/аналитичари/експерти – без тронка достоинство и без око да им трепне – тврдат дека било добро подготвувано, како преземањето на сегашната власт да не било добро подготвувано и синхронизирано како однадвор, така и одвнатре, бидејќи невозмошно е таква блиц акција да се случи патемно и ненамерно. Демек, човек си седи и си се одмара, кога (наеднаш!) сфаќа дека дошол на власт.
Она што ќе следи тешко е да се предвиди. Но, генерално земено, насоките се јасни: дооуништување на каква-таквата државност и сувереност на Република Македонија; целосно ничкосување/капитулирање пред таканаречениот меѓународен фактор, вклучувајќи ги и „добронамерните“ држави-соседи, кои веднаш се сјатија во Солун да го подготвуваат ‘доброто’ на Македонија и на Македонците. Тоа значи дека ќе следуваат потпишувања на секакви договори (без преговори и приговори) со кои ќе се уредуваат надворешните и внатрешните односи во Државава. Парарелно тече, макар нечујно, спороведувањето на тиранската Платформа. За цело време опозицијата (во случајот ВМРО-ДПМНЕ) се однесува како времето да застанало – наместо да го форсира разголувањето на незаконското преземање на власта, таа гласно размислува дали Заев се однесувал според предизборните ветување, како и дали и СДСМ бил заглавен во криминал, како да е тоа нејасно. Во исто време, молчат и другите партии. Молчи ДОМ на Лилјана Поповска; молчи Демократскиот сојуз на Павле Трајанов; молчи Социјалистичката партија на Љубисав Иванов-Ѕинго; молчи Левица, која хиерархиски се изградувала хоризонтално; молчи ЛДП на Андреј Жерновски… Молчат, како сè да било во ред на 27.04.2017. Додуша и не мора да говорат, бидејќи сè е прашање на одлука и морална исправеност. Но, кога веќе влегле во политиката, должни се да немолчат. Освен ако политиката не ја сфаќаат како детска игра, преку која може да се ушиќари. Затоа, во Република Македонија сè е патемно; особено патемни се народот и државата. Другото – како власта, на пример – мора да се трајни, вечни и незаменливи, а промените на македонското општество и држава што е можно побрзи. Ако може, за 30-60-90 дни, додека народот (вклучувајќи и значаен дел од избирачите на СДСМ) сè уште е шашардисан, а годишните одмори течат.“

Креирано од:


Пренеси го гласот