БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: ЦИНИЗАМ И СУВЕРЕНОСТ

Пренеси го гласот

„Некои тврдат дека Македонците не сме биле Македонци. Некои во Грција сметаат дека сме аморфна маса, дека сме нешто непостоечко. Некои во Бугарија тврдат дека сме биле разбугарчени Бугари. Според нив, јас Љубомир Цуцуловски, кој доаѓам од Република Македонија и кој се чувствувам Македонец, не сум Љубомир Цуцуловски, не доаѓам од Република Македонија, ниту го чувствувам тоа што го чувствувам – дека сум Македонец. Тоа значи дека Вие, кои сега ме гледате, не ме гледате, ниту го слушате она што до вас како збор и како звук доаѓа. Овие луѓе тврдат дека Македонците немаме свој јазик. Според тоа, кога пред малку говорев на македонски јазик, за да го потврдам неговото постоење, вам само ви се причинувало дека го слушате јазикот на кој ние, Македонците говориме, бидејќи тврдат дека јазикот на кој говорев не постоел. Ете и сега, во овој момент, ви се обраќам на македонски јазик. Но, според оваа господа, вам ви се причинува дека го слушате мојот македонски јазик и ви се причинува дека сум Љубомир Цуцуловски, дека стојам пред вас, дека говорам пред Вас, дека се чувствувам Македонец, дека…..Тоа вам, драги пријатели, ви се причинува само затоа што некои сметаат дека сето што претходно реков е само илузија.

Според тоа, и вие кои сега ме гледате не ме гледате, ниту ме слушате. Тоа значи дека и вам сево ова ви се причинува. Дека сте вие, со други зборови, во длабок коматозен сон. Сѐ што е стварно, според некои, мора да се преобрази во илузија, за да може, потоа, илузијата да ви/ни се продава како стварност. Тоа е целта кои некои, како Големата Светска Сила, сакаат да ја постигнат за да овладеат со целината на постоењето, со целината на живеењето, со суштината на човекот, бидејќи човекот е човек само тогаш кога знае дека го гледа тоа што го гледа, дека го слуша тоа што го слуша, дека се случува тоа што навистина се случува. Кога ќе почне да се сомнева (да, токму тоа, да се сомнева!) дека го гледа тоа што го гледа, дека го слуша тоа што го слуша и дека се случува тоа што се случува, тогаш ја губи својата човечка природа и се преобразува во онечовечено и послушно суштество. Во тој случај, човекот од некој станува нешто. Од живо суштество, преминува во с т в а р.

Затоа, не го прифаќајте она што некој го нуди, туку прифатете го она што го гледате. А тоа е, во овој случај, нашето постоење – постоење на нас, Македонците. Во спротивно, ако не постапиме на овој начин, ако значи, се преправаме дека не го гледаме тоа што го гледаме и дека не се случува тоа што се случува, ќе се фатиме во замката на Големата Илузија, што некои систематски ни ја приготвуваат. Во тој случај, навистина може да се случи вистинската стварност да премине во виртуелна стварност, а виртуелната стварност да ја замени вистинската стварност. Може да се случи стварните случувања да станат сон, а несаканиот сон да стане стварност. Затоа, во името човечката стварност, да прогледаме за да не ни се случи да го доживееме никогаш виденото.”

П.С. Претходниот текст преставува дел од моето излагање во Српската академија на науките (САНУ), одржано на 8.10.1999 години. Делот што сега го објавувам, беше објавен во „Утрински весник“ од 16.12.1999, стр. 11. Значи, пред скоро дваесет години. Покасно, беше објавен и во мојата книга „Политички сказни“, стр. 40-44.

bregalnickimarketing

Креирано од:


Пренеси го гласот