БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: ПРЕДЛОЗИ

Пренеси го гласот

Зоран Заев, на само нему својствен начин, објасни дека вонредните избори би можеле да се одложат, бидејќи требало да се донесат уште стотина закони. Сепак, сметам дека неговото објаснување треба да се прошири. Имате ли, почитувани сограѓани, гаранции дека на 12 април о.г. нема да фати невиден кијамет, кој ќе ја намали, па дури и закочи излезноста на граѓаните? Знаеме ли воопшто каков ќе биде април – дали ќе биде нормален или ќе биде ненормален, што е наша нормална состојба? Што ако, во меѓувреме, се излезе со нови предлог-закони, бидејќи секоја добра власт (таква е и оваа власт) работи 7х24х365 дена? Зарем, во името на некаков општ меѓупартиски договор, засилен и со благословот на претседателот на државата (како ѝ беше името?), ќе дозволиме договореното (изборите) да се исполни по секоја цена, кога се знае дека власта нема цена? Да претпоставиме, на пример, дека изборите ќе бидат одложени за јули или август. Тоа се, ви се молам, најтоплите денови во нашата држава! (Како ли ѝ беше името?) Или, далеку било, што ако удри разорен земјотрес во некоја далечна и преименувана сестринска држава? Нечовечки би било во такви услови да се одржуваат избори, макар биле и презакажани.

Затоа, најдобро е воопшто да не се одржуваат избори, бидејќи на нив може да дојде до неизбор на сегашнава власт. А таа е, почитувани, уникатна – ниту некогаш такво нешто било, ниту кога било ќе биде. Уникумот треба да се негува – занавек!

Во меѓувреме, се јави и Пендаровски. Објасни дека изборите не би требало да се одложуваат, но дека албанското малцинство било 20% (како утврди, не кажа); дека секое малцинство, макар било и само 3%, мора да ги има сите права како и другите етнички заедници. Од ова следи дека комуникацијата во државата (на сите нивоа!) треба да биде на секој јазик. Односно, од двојазична да еволуира во мултијазична – колку етнички заедници, толку официјални јазици! Само така, почитувани, се постигнува општествена кохезија. П.С. Македонскиот јазик (ако такво нешто „постои“) Македонците би можеле да го изучуваат колоквијално.

Креирано од:


Пренеси го гласот