БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: Создавање чувство на вина

Пренеси го гласот

СОЗДАВАЊЕ ЧУВСТВО НА ВИНА.

Една од главните причини за тоа што ѝ се случи, но и понатаму ќе ѝ се случува на Македонија на планот на нејзините суштински, што значи витални национални прашања/барања, ултимативно диктирани од „меѓународната заедница“, освен отвореното предавство на голем дел од македонската политичка и интелетуална елита, е и отворената рамнодушност, како и крајно ладниот став, односно безусловното прифаќање на овие барања (подоцна и придружување кон предавствата, какви што се Договорите со Грција или со Бугарија) е, покрај другото, и нивното прифаќање, меѓутоа и форсирање од страна на албанските партии на сѐ што на најбезобразен начин ѝ се наметнува на Македонија.

Ниту еднаш овие партии не покажаа барем мала, нека биде и минимална солидарност со македонскиот народ во битките што му се наметнаа во процесот на т.н. евроинтеграции, придружени со историско невидени уцени и оспорувања од соседните замји, а кои директно го засегаат националниот идентитет, националната историја, традицијата или јазикот на Македонците.

Не покажаа елементарна емпатија и за она што го бараат за себе (и одамна го имаат за себе во Македонија) во момент кога соседните земји безмилосно сакаат да го одземат/поништат и она малку што остана како македонско. Односно, во ниту еден миг овие партии не манифестираа поддршка кон Македонците, со кои заедно живеат и со кои, барем декларативно, сакаат и понатаму да живеат.

Политиката на партиите од албанскиот блок е толку албаноцентрична, што освен за нивните интереси, за ништо друго не покажуваат ниту интерес, ниту солидарност, ниту каква било емпатија. Тоа е толку парадоксално, што се чини дека во некаков евентуален меѓународен документ (нека биде и само замислен, претпоставен документ!) за користење на рудните богаства на Месечината или на замјините полови, одлучно би бареле кон тој документ да биде внесен посебен анекс (по можност и преамбула) со нагласен осврт кон албанското прашање на земјините полови, како и кон нивните претпоставени, што значи релно непостоечки проблеми и понижувања, што им се случуваат таму некаде, во космичките простори. Овој албаноцентризам е толку интензивен што насекаде и во сѐ препознаваат некаква (само на нив!) позната албанофобија овде, во Република Македонија.

Деновиве, некои албански интлектуалци (како велеценетиот Арсим Зеколи) „сериозно предупредуваат“ дека албанофобијата, која растела во Македонија, колку што е штетна за Албанците, уште повеќе ќе била штетна за Македонците. Во што е и од што е предизвикана оваа хипотетичка, што значи само замислена албанофобија, по правило не се објаснува, онака како што и Бог нема потреба никому и ништо да објаснува. Тој, како врховно суштество, само кажува/наредува. Интересно е што во „откривањето“ на (албано)фобии кај Македонците, никој од од овие умно-умни глави со ниту еден збор не спомнал за постоењето на „македонофобија“ кај Албанците (страв од Македонците), која постепено ескалира до степен на „македономизија“ (омраза спрема Македонците).

Прашањето за мајоризацијата, кое албанските кругови постојано го верглаат и го држат во фокусот на јавноста, е намерно и итро наметнато прашање. Наедно, овој вештачки предизвикан страв од некаква си можна мајоризација претставува јасен доказ дека стравот од албанофобијата е неоснован, наметнат, измислен страв од Македонците, како најбројни во Државата. Целта на овој страв е едноставна – да се создаде вештачко чувство на в и н а кај Македонецот за сѐ што му се случува на албанскиот народ, процес кој објективно преминува во недоверба и омраза кон сѐ што е македонско, сеедно што Македонецот секогаш покажувал разбирање, како и солидарност кон правата на сите етнички малцинства во Македонија.

П.С. Текстот е мое мислење, дадено за денешниот број на весникот „Нова Македонија.“ Ставовите на Арсим Зеколи и неговвата критика на „албанофобијата“ можете да ги прочитате во неговата колумна „ВМРО Галоп и СДСМ Гиш против Албанците“, објавена во „Дојче веле“ од 22.08.2024 година. Колумната можете да ја најдете на сајтот на „Дојче веле.“

Креирано од:


Пренеси го гласот