БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Љубомир Цуцуловски: ТАГА

Пренеси го гласот

Мислам на тагата, која Чехов ја опишува во својот расказ со истиот наслов, „Тага.“ Зима е. Ладна, студена ноќ. Ветрот го разнесува снегот насекаде. Седи кочијашот Јона Потапов, среде студот и мракот, во својата санка, чекајќи патник – било каков. Седи тажен, стуткан, сакајќи барем со некого да ја сподели тагата за починатиот син. Починал пред некој ден. И сега Јона останал сам. Жената му починала порано. Се качува офицер, во топла униформа. Јона го вози кон дестинацијата, сакајќи барем со него да ја сподели тагата – да му каже за починатиот син. Попусто. Човекот-униформа молчи, ништо не слуша. Потонат е во својот свет. Продолжува Јона сам во ноќта. На местото на човекот-униформа се качуваат млади луѓе, свежи, радосни, разговорливи меѓусебно. Се обидува Јона да им ја соопшти својата тага. Меѓутоа младоста, колку што е добра и отворено кон сѐ што е ново, сепак е затворена во себе. Знае само за себе и за своите радости, љубови… Се обидува Јона својата тага да ја соопшти на колегата – друг кочијаш. И тој молчи, завиткан во своите мисли, во своите маки/проблеми. Минува ноќта. Со неа, минува работното време. Нема Јона кому да ја соопшти својата тага. Во коњушницата, додека го подготвува коњот за одмор, му ја кажува тагата за својот починат син. Молчи коњот, зобе и слуша. Единствено тој, ова животичне, слуша, макар ништо и не разбирало.

Кому денес да се довери тагата, кога секој некаде ита и не сака ни да ја чуе? Некои се насмеани, весели, разиграни. Меѓутоа, во најголемиот случај, нивната гласна веселост, нападното смеење и кикотење се чинат празни, лажни, плитки. А надвор е сѐ уште мрак.

Креирано од:


Пренеси го гласот