Со митинзи и средби со граѓани и денеска политичките партии, коалициите и независните кандидати ги продолжуваат изборните активности за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври.
Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посети Петровец и Чучер Сандево каде ќе оствари средби со граѓани, а митинзи ќе одржи во Кисела Вода и Центар.
Изборниот карван на коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ денеска е на средби со граѓани во Теарце, Брвеница и Јегуновце, а вечер ќе одржи митинг во Тетово.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе има средби со граѓани во Куманово и Липково.
Движењето Беса, пак, најави собир со жители во Теарце.
Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври во 24 часот, а почна на 25 септември.
Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот. (МИА)

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Градоначалникот на Делчево Гоцевски оствари средба со активисти на невладината организација “Жена” од Делчево
Тошковски на промоцијата на Националната стратегија: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот, Македонија во конкуренција за светско признание за сообраќајна безбедност на светскиот полициски самит во Дубаи
dm повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ – пријавете го вашиот двор за раззеленување!