Во соопштение упатено до целокупната јавност Министерот за култура и туризам Зоран Љутков јавно ја прозва пратеиката од СДСМ Бисера Костадинова за непознавање на фактичката состојба.
“Тоа што како министер не се снајде во културата сум го кажал повеќе пати, но сега покажа дека и како пратеник не се снаоѓаш во буџетските табели.
Во политиката постојат различни толкувања. Но, фактите не се прашање на толкување.
Со интерес ја проследив твојата дискусија на седницата на Комисијата за ребалансот на Буџетот. Единствено што останува нејасно е од кој документ ги прочита тврдењата што ги изнесе, бидејќи во официјалниот ребаланс едноставно не постојат.
Кажи ѝ на јавноста: во која програма, во која подпрограма, во кој буџетски раздел стои дека средствата за кадровско зајакнување и инспекцискиот надзор се пренаменуваат за канцелариска опрема? Во кој документ виде намалување на средствата за Агенцијата за филм или за капиталните инвестиции?
Никаде.
Тоа не е прашање на политички став, туку на елементарно читање на буџетските документи.
Напротив, со ребалансот се обезбедуваат 61 милион денари за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 и дополнителни 200 милиони денари за капитални инвестиции.
Она што навистина загрижува не е критиката. Критиката е легитимна и неопходна. Загрижува кога некој што бил министер за култура покажува дека не прави разлика меѓу политичка реторика и буџетска реалност.
Пред две недели на прес-конференција детално ги презентирав резултатите од работата на Министерството. Тие можеби не ти се допаѓаат, но не можат да се избришат со неколку неточни реченици.
Кога го презедовме Министерството во 2024 година, наследивме долг од 273 милиони денари по основ на плати. Со ребалансот ги обезбедивме тие средства, како и дополнителни 150 милиони денари за капитални инвестиции и програмски активности.
Во меѓувреме:
• буџетот за програмските активности е зголемен за 40%;
• капиталните инвестиции за 110%;
• буџетот за филмската дејност за 87%;
• националните установи добија значително поголема поддршка и ги зголемија сопствените приходи за над 150%;
• воведовме реформи во финансирањето, транспарентни процедури и јасни критериуми;
• програмата за култура во 2025 година е реализирана со 98%.
Тоа не се политички квалификации. Тоа се бројки.
За разлика од нив, впечатоците и конструкциите не се буџетски категории.
И, кога веќе зборуваме за одговорност, вреди да се потсетиме и на периодот кога ти го раководеше Министерството – време во кое над 500 милиони денари беа потрошени за проекти чија јавна вредност и денес останува предмет на сериозни прашања.
Затоа, пред да држиш лекции за транспарентност, добро е прво да ги погледнеш документите. Буџетот не се чита по сеќавање, ниту по партиска потреба.
Фактите имаат една непријатна особина – остануваат факти, без оглед на тоа колку некого политички го вознемируваат.
Во продолжение е и линкот до официјалната страница на Министерството. Граѓаните заслужуваат сами да ги видат документите и сами да донесат заклучок.
https://kultura.gov.mk/mk-MK/programa/godisna-programa
-стои во писменото соопштение упатено до јавноста од страна на Минитсерот за култура и туризам Зоран Љутков.










СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Поднесено обвинение за телесна повреда при семејно насилство во Битола
Предложен притвор за загрозување на сигурноста во Куманово
Потпишан петгодишен протокол за соработка со Универзитетот Тракија: обука за македонските здравствени работници во Едрене