Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска присуствуваше на настан насловен: „Застапување за дигитална инклузија“ во организација на ЗЕТА – Здружение за попреченост и правда и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Истиот се организира како дел од проект поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Настанот ги обедини претставниците на институциите, организациите на лицата со попреченост, граѓанските организации и експертската јавност со цел да се отвори дискусија за предизвиците и можностите за подобрување на системот за обезбедување и примена на асистивната технологија, како и за унапредување на дигиталната инклузија.
Во своето обраќање, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ја истакна важноста на асистивната технологија како клучен инструмент за еднакво учество на лицата со попреченост во општеството.
„Во современото општество, асистивната технологија повеќе не е само техничко решение. Таа претставува моќна алатка за учество, за еднакви можности и за независен живот. Таа им овозможува на лицата со попреченост да се движат, да комуницираат, да учат, да работат и активно да учествуваат во заедницата на еднаква основа со сите други“, истакна Велковски.
Тој додаде дека обезбедувањето на соодветни асистивни технологии во образовниот систем, вклучително и во предучилишното образование, е значаен чекор кон создавање инклузивна средина во која секое дете ќе има можност да го развие својот потенцијал.
Во рамки на настанот се одржаа и тематски дискусии и работилници посветени на институционалните предизвици и можните решенија за подобрување на системот за асистивна технологија. Учесниците имаа можност активно да придонесат во креирање конкретни препораки кои ќе бидат доставени до надлежните институции.
Целта на проектот „Застапување за дигитална инклузија“ е да придонесе кон унапредување на човековите права на лицата со попреченост преку системско застапување, зајакнување на капацитетите на организациите и подобрување на институционалните политики во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Јавен повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од редовите на дијаспората, за 2026
Мециновиќ порача дека назначувањето на вмровецот Ацо Ристов за претседател на РКЕ ќе го оспори пред Енергетската заедница
Уставниот суд го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година во Собранието