Во организација на Сојузот на училишен спорт на општина Прилеп и Федерацијата на училишен спорт на Република Македонија, а под покровителство на Агенцијата за спорт и млади во стреланата во ЦК „Марко Цепенков“ се одржа Државното првенство во стрелаштво за учениците од основните и средните училишта на ниво на целата држава. Претседателот на Федерацијата на училишниот спорт, Александар Туфекчиевски, рече дека учесниците на ова Државно првенство се основата за стрелаштвото во нашата држава и дека очекува од нив за скоро време да бидат презентери на Македонија на меѓународната сцена.
„На сите вас ви посакувам добри резултати, да го покажете она што сте го работеле на тренинзите и секако, ова да биде поттик што повеќе ученици да се вклучат во стрелачкиот спорт.
Огромен поздрав до градот Прилеп, до домаќините, кои традиционално организирале голем број манифестации во училишниот спорт. Традицијата продолжува, најдобрите на денешното првенство повторно ќе бидат присутни на кампот кој го организира Федерацијата на училишен спорт, во соработка со Владата, Министерството за образование и Агенцијата за млади и спорт“ – изјави Туфекчиевски. „Постигнете ги вашите најдобри резултати, чувствувајте се во Прилеп како дома. Посакувам по неколку години некои од вас повторно да ги видиме овде, во повисоките рангови на натпреварување, а зошто не и на некоја Олимпијада. Ви посакувам успешен натпревар и да победи најдобриот“
– изјави првиот човек на Сојузот на училишен спорт на општина Прилеп, Здравко Ристески.
Ова е прво Државно првенство во стрелаштво за ученици од основните и средните училишта во Република Македонија, кое во Прилеп се одржува по пауза од 13 години.