Брегалнички Портал

Вести од Брегалничкиот регион.

ЗАПИСИ ОД СОНИШТАТА

Пренеси го гласот

На сон ми се сони како пишувам текст…. роден од традицијата, историјата, нешто што било, нешто што сеуште е и нешто што допрва ќе биде…

Зборовите надоаѓаат сами, врие свеста, татни срцето….

Не можам а да не речам дека не сум тоа јас! Тоа е времето кое овде опстојува на малку поинаков начин. Луѓе и настани воплотени во грамотни камења. Под секој камен по една приказна. Под поголемите, две или повеќе приказни кои редовно се фатени за гуша едни со други…

Колку само конфликт крие оваа земја натежната од вечните грамади. Неми духови на своето бреме, тоа се недоречени зборови кои лебдат во небото над Македонија. Бескрајни ненапишани редови кои многу често завршуваат на сред реченица. Со секој ден со секое изгрејсонце прекинува по една реченица за да се претвори во мит…легенда.

Не можам а да не речам дека сме патници на овој бран светлина кој е само миг во универзалната тишина.

Токму тие зборови кои секоја ноќ пред легнување созреваат да бидат напишани наредното утро, станаа неисцрпен бунар за сонување. Повторно и пповторно вадејки нови приказни од мракот на заборавот. Доаѓаат ликови кои што се раѓаат само од такви зборови. Да го формираш ликот на секој еден јунак на твојот сон само од збор и не е така лесна работа. Но мене ми идат како по навика-лежерно. Вечен строј на скаменети лица. Некои со намрштено чело, некои со острина и презир… но има и такви со светлина во очите, со насмевка на усните со лице кое ти вели продолжи да сонуваш… Зошто некои приказни може само на сон да бидат видени… Зошто денот е премногу замаглен од туѓата песна на заборавот.

А посегнуваат моите сонишни приказни кон тој денешен ден кој како по навика сака да биде заборавен, да бидат спомнати, да бидат речени. Колку и на светот да не му е гајле, сепак оваа земја обврзува да биде кажана незината приказна. Тој бескраен пулс од длабочините под нозете едноставно не може да биде премолчен, а со тоа и заборавен.

Имаме света должност да интерферираме со тој бескраен бран на традиција и постоење, зошто само таму е нашето место на среќата. Како што една честичка најкомотно се осеќа на бранот кој носи иста фрекфенција за да опстои во своето постоење.

За нас Македонците тој бран се вика Македонија, од памтивек до денеска.

bregalnickimarketing

Приказните не се само убаво четиво за читање, тие во себе содржат човечки животи, нивно дело и борба, нивен егзистенцијален порив за постоење. Токму таквите нематеријални битија создаваат свој енергетски опфат во нашиот денешен свет и реалност. И продолжуваат да се борат за подобро утре на своите наследници заедно со нив самите. Таа помош од најдамнешните дамари на човековата меморија е вредноста која нас не чини поразлични од сите други. И таа моќ која доаѓа низ токму таквите соништа кои вријат во секој еден горд и достоинствен Македонец секој Божји ден нас Македонците не прави вистинско материјално богатство на земјата.

Тоа богатство сака некој да го украде, да го офарба во некоја друга боја, да го снема, да биде заборавено.

Дали ќе дозволиме?

Јас сум решен да продолжам да сонувам, и со промислата на сите оние пред мене да продолжам да се борам за доброто на ова парче небо под сонцето, кое овде грее најсилно.

#Меморабилиа 014

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот