Денеска на прес конференција двајца од водачите на протестите “За заедничка Македонија” ја потсетија јавноста на поднесената претставка до Уставниот суд за оцена на уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Македонското собрание на 27 април 2017 година, настан кој што претходеше на упадот на граѓани во собранието. Богдан Илиевски (ака Бетмен Велит) во своето обраќање до Македонската јавност ја илустрираше парадоксалноста на функционирањето на судските власти во Македонија со спроведување на неправда во интерес на политички агенди.
Во продолжение во целост го пренесуваме текстот на Богдан Илиевски во врска со неправедно осудените уставобранители од 27 април 2017 година како и функционирањето на судските власти во државата:
“Откривањето на вистината за случувањата на 27-ми април никогаш не може да биде целосно и комплетно, без откривање на случувањата во текот на целиот 27-ми април 2017-та, а не само по отворањето на вратите на Собранието на Република Македонија.
На 17-ти мај 2017 поднесовме претставка пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија. Денес започнува петтата година во која оваа претставка фаќа слоеви прашина во нечија фиока. Битката за правна држава е очигледно саботирана од оние кои се најповикани да ја обезбедат правната држава и да го штитат Уставот. Во овие четири изминати години се изнаслушавме повици за брзи судења на обвинетите за непостоечко терористичко загрозување на Уставниот поредок. Тоа и се случи, процесите и казните беа експресни, драконски и „политички корисни“ за одредени центри на моќ и нивните агенди. Но, не чувме ниту еднаш повик од властите Уставниот суд да ја сработи работата поради која постои и да провери дали Уставот и законите беа прекршени 30-тина пати со изборот на претседател на Собранието на 27-ми април. За овие 4 години во кои нашата претставка е добро сокриена по фиоките на уставниот суд, децата кои имале 2 години на денот кога ја поднесовме, оваа есен ќе тргнат во второ одделение, Британија излезе од ЕУ, ИСИС беше уништен, во Америка имаше два импичменти, планетата влезе и излезе од карантин, Вардар двапати ја освојуваше Лигата на шампиони во ракомет, Папата ја посети Македонија, НАСА и Кина испратија ровери на Марс, а ние добивме 5 лажни датуми за почеток на преговори. Планетата Земја четири пати го обиколи Сонцето. Се тече, се’ се менува, се се движи, освен претставката за изборот на претседател на Собранието. Таа седи во фиока, прекриена со 4 прста прашина. Сето ова време, во кое имаше лов на „вештерки“ и јавни медиумски судења уште пред да почнат процесите кои завршија со парламентарни гласања „на Балкански начин“, што би рекол Јоханес Хан.
Kвази-правдата донесе стотици години затвор за неправедно осудените, а сомнежот за вистинското загрозување на Уставниот поредок остана неистражен, заклучен во судските фиоки од кои клуч има политичката моќ.
И без нималку срам, главната обвинителка и претседателот на државата во телевизиски настапи зборуваат дека „ако имало прекршувања на Уставот, тоа било задача да го открие Уставниот суд, а не граѓаните“. Насилството не го оправдуваме и го осудуваме, но секое насилство, не само физичкото. Особено судското насилство кое измисли непостоечки тероризам, а ги затвори можноста да се добие правда и да се открие целата вистина за денот кога започна сето ова што денес се случува во Македонија. Ова е само уште еден доказ дека ако ја имаш моќта на власта, процесите пред судовите може да бидат само и само во твоја полза. Но, ако си обичен граѓанин кој треба да биде заштитуван од законите и судовите, правдата за огромна жал останува само еден далечен сон, мисловна именка и нереализиран идеал.
Со жалење уште еднаш констатираме, на овој неславен јубилеј, дека поради политичките притисоци, правдата во Македонија е селективно слепа”.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Службени лица на МВР и МЗШВ од Струмица и Берово помагале во пустошење на шумите во Малешевијата
Божиновска: Рубинот инспирација за иднината – уметност и геологија се споија со цел ресурсите да ги претвораме во знаење, вредност и иднина
Николоски: Автопатот Прилеп-Битола се гради со силен интензитет. Пелагонија ќе добие модерен автопат по сите стандарди за нов економски развој и посилна иднина на регионот