На денешен ден, 07.12.1909, во Банско, Пиринска Македонија, е роден големиот македонски револуционер и поет Никола Јонков Вапцаров.
И покрај тоа што се школуваше, а подоцна и пишуваше на бугарски јазик (затоа што Пиринска Македонија од 1913 е под бугарска окупација), Вапцаров никогаш не заборави дека е Македонец.
Фото: Младиот Никола Вапцаров со неговиот татко
Детството го поминува во родниот град, каде завршува прогимназија. Учи гимназија во Разлог, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско-машинско училиште во Варна. Кај Вапцаров уште во раната младост е буден револуционерниот дух. Во 1926, на 17 годишна возраст ја објавува првата своја песна „Кон светлите идеали“ во весникот „Борба“. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.
Се жени со Бојка, ќерка на Македонци – доселеници од Егејска Македонија.
Фото: Никола Јонков Вапцаров, Бојка Вапцарова, Антон Попов
Во 1935-та Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее, работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко.
Вапцаров е еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров станува трн во окото на власта и останува без работа. Неговиот поетски талент бил неоспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.Во неговите песни е јасен неговиот македонизам, и неговата огромна љубов кон Македонија.
Во 1938 година, Вапцаров заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија.
По тој повод Вапцаров ќе состави еден реферат, кој самиот ќе го прочита на денот на основањето на кружокот. Во рефератот ќе истакне:
„ Ќе не сретнат мачнотии, но тие нема да бидат толку општествени, колку внатрешни – во самите нас. Тие мачнотии, според своите сили, ќе ги преодолееме, но треба страшно напрегање и себеоткажување. Треба да запнеме машки. Што се бара всушност од нас? Многу. Мошне многу. Барем од оние што сме собрани овде. Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“
Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“. Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.
Во 1941 година, бугарската власт започнува со прогонства и затворањата на членовите на кружокот, и тој престанува да постои.Вапцаров започнува илегално да делува и учествува во многу саботажи. На 4 март 1942, уапсен е од бугарските фашисти, и потоа неколку месеци крвнички мачен во софиските затвори. Знаејќи дека го чека смрт, Вапцаров се обидува да се самоубие сечејќи си ги вените, но не успева во тоа. На 23 јули 1942 година бугарскиот фашистички суд го осудува на смртна казна без право на жалба.
Истата вечер македонските револуционери Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов се стрелани на гарнизонското стрелиште во Софија. Десетина минути пред да биде стрелан, Вапцаров пишува две песни, „Проштално“ и „Претсмртно“. Првата посветена на неговата жена, а втората на неговиот народ – Македонците.
Фото: Последните фотографии портрети на Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов во Бугарскиот затвор пред да бидат стрелани
ПРЕТСМРТНО
(Никола Јоннков Вапцаров)
Безмилосна е борбата, жестока
и викаат дека била епска
.Јас паднав, ќе ме смени друг и точка
Што тука значи некаква си личност?
Рафал, и по рафалот црви.
Тоа е толку логично и грубо.
Но в бурата ќе сме пак со тебе мој народе
зошто си се љубевме.
ВЕЧНА ТИ СЛАВА ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦУ.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Роден на денешен ден: Даме Груев- моторот на тајната Македонска револуционерна организација
Денес е Свети Василиј Велики – Василичарските огнови, маскирани поворки и многу семејни традиции ја најавија Стара (Православна) Нова Година
Наближува Православна Нова Година. Таа во село Ѕвегор (Делчевско) се празнува најавтентично