Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски го прими во посета Матео Мекачи, шефот на Мисијата на ОДИХР за набљудување на локалните избори, со кого детално разговараше за сите надлежности на обвинителството во постапките по евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес.
Коцевски го информираше Мекачи во однос на структурата и досегашните активности на Привремената комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
Комисијата е формирана и веќе работи, а евентуалните пријави за кривични дела поврзани со изборите ќе имаат приоритет во постапувањето на Јавното обвинителство во следниот период, нагласија Коцевски и претседателот на Комисијата Џељаљ Бајрами.
Во тој контекст, беше истакнато дека Јавното обвинителство од почетокот на изборниот процес е веќе во координација и со другите надлежни институции, како што се ДКСК, ДЗР и Државната изборна комисија.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар
Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники
По измените во проектната документација – продолжуваат градежните активности на Домот за стари лица во Кочани