НАШИ РАЗГОВОРИ
ВО ХАРМОНИЈА СО АМБИЕНТОТ
Претставникот од Македонија за освојување на „Борбинaта“ награда за архитектура ’81 е објектот на архитектот Ѓорги Константиновски. — Спомен-домот на Разловечкото востание, градба предадена со речникот на современата архитектура.
Меѓу седумте кандидати за „Борбината“ плакета за архитектура, од Македонија е избран објектот на архитектот Ѓорги Константиновски, Спомен-домот на Разловечкото востание. Домот беше изграден и предаден во употреба минатата година во селото Разловци и на авторот му ја донесе третата плакета на весникот “Борба” во периодот од 26 години откако се занимава со проектирање. Поседувајки ја плакетата објектот конкурира за сојузната “Борбина” награда за архитектура ’81. Резултатите на овој реномиран натпревар од областа на архитектурата во нашата земја ќе бидат познати на 22 овој месец.
Константиновски дипломирал на Архитектонски- градежниот факултет во Скопје во 1956 година, а девет години подоцна магистрирал на Јејлскиот универзитет во САД, кај Пол Рудолф и Сергеј Чермаев. Студиски работи имал во Израел, Белград, а работел и за еден од најголемите живи архитекти на денешнината, Јо Минг Пеј во Њу Јорк во 1956 година. Во почетокот на својата работа започнал со минијатурна архитектура и ентериер, за подоцна да создава значајни и големи објекти (Домот на печатот во Приштина, кој е делумно изграден, има површина од 50.000 квадратни метри!). Се смета за исклучително плоден автор. Досега изработил околу сто проекти, но тие сите не се реализирани. Во Скопје ќе го паметиме по зградите на Историскиот архив, Студентскиот дом “Гоце Делчев” и на Институтот за земјотресно инжинерство, која од минатата година, кога беше изградена, се до денес покренува дискусии во редовите на стручњаците заради изразот, идејата и релативно евтината градба.

Човекот и просторот
Во претходното ваше дело, зградата на Институтот за земјотресно инженерство, не беше толку очигледно содржано влијанието на анонимниот, народен македонски градител како во ова последното за кое ја добивте плакетата. Иако се тоа два сосема различни објекта, сепак еве го ова прашање: дали ова ваше свртување кон традицијата е едно ново разирање за неа?
— Секој објект што никне во определена средина треба да биде одраз на специфичните услови што таа ги дава. Во една селска средина на пример треба да се поддржува постоечката структура и да се оплемени токму да може да пренесе некаква порака во иднина.. Ова се однесува на секое ново архитектонско дело, без оглед каде тоа се гради. Во Скопје, за објектот на ИЗИС, не можеше на друг начин да се постапи освен да се предвиди објект што ќе одговара на најсовремените движења во смисла на денешната архитектура, зошто градот Скопје со својата физиономија одговара на најсовременните големи градови во светот. Архитектурата, во која и да е средина, според мене треба да му служи на човекот. Дали таа е во едно село или град, сосема е неважно. Тоа што ги поврзува и едната и другата е човекот. Кога велам дека таа треба да се вклопи во постојната средина, не мислам дека слепо треба да се копира традицијата со едноставно аплицирање на архитектонските елементи од националната архитектура врз современото дело, туку со воспоставување комплетна хармонијаи кореспонденција со дадениот амбиент. Зошто, ако се потпреме исклучиво на традицијата во градењето, тоа би било катастрофа- тогаш нема да одиме во прогрес туку ќе се движиме во круг. Втор елемент за кој водам сметка е чувството на човекот во просторот. При создавање на објектот на Спомен- домот во Разловци бев инспириран од околната архитектонска структура, карактеристична по четвороводните покриви на селските куќи и исфрлените оџаци надвор од габаритот на куќата. Овие два елемента се честа појава во селските куќи во делчевско па јас ги задржав претставувајки ги со речникот на современата архитектура: со совладување на техниката и технологијата и со стилизација на формите.

Посетителот како победник
Очигледно е дека при создавањето на овој најнов објект си поставивте јасна и одредена цел, па затоа, се чини и неговата реализација беше успешна и ефектна. Што ви беше основната идеја?
— Идејата беше да ги развијам четвороводниот покрив и исфрлениот оџак. Четвороводниот покрив од селската куќа е задржан, но е засечен дијагонално и попречно со цел да се довлече светлина во централната содржина на објектот каде се наоѓа силизиран оџак кој истовремено врши конструктивна улога- го носи покривот и меѓукатната конструкција. Секоја куќа во селото има двор. Тој двор во мојот проект е задржан во атриумот. На таваанотод традиционалната куќа е видлив дрвената конструкција која активно учествува во просторот. Тука, во објектот таа е стилизирана во касетирана бетонска мрежа.
Со оглед на тоа дека објектот има и одлики на споменик, кој е вашиот однос кон споменичната архитектура?
— Бидејќи објектот е поврзан со значајна дата од нашето минато, сакав да му дадам монументални одлики. Но, како еден таков објект на терен како што е централниот дел на едно село да не стрчи, да не ја нарушува хармонијата? Само со потсилување на чувствата што треба да се поттикнат при влегувањето на ова место каде се велича дата од историјата. За да го има чивството на победник, се обидов посетителот да помине низ еден карактеристичен пат: скалите се долги, водат во еден теснец кога се влегува во објектот, а на крај се доживува експлозија на просторот во салата посветена на Разловечкото востание.

Жирито на вашиот објект му оддаде признание во поглед на две важни неша: вклопеност во старата средина и успешно користење на технологијата и материјалите во одбрана и поставената концепција. Ќе ни кажете ли уште тоа како домот ја врши својата функција?
-По ред вака би изгледало: платформата и скалите пред објектот го оплеменуваат централниот дел на селото и создаваат еден нов плоштад.Атриумот со отворени површини служи за одржување на разни пионерски и младински приредби: од хорски, поетски или драмски средби до палење логорски оган. Амфитеатарот е решен со денивелирани површини, па кога се отворени вратите на библиотеката што се наоѓа на приземјето, просторот претставува интегрална средина. И во овој објект ја задржав својата максима: да се создаде вредно архитектонско дело достојно за користење, а тоа истовремено да биде изведено со минимални сретства. Така објектот има 650 метри квадратни а чини 800 стари милиони динари. Тоа значи дека градежниот квадратен метар е милион и двеста илјади стари динари, што е ефтино за терен каков што е Разловци. Новоста што ја воведов во овој Дом се состои во тоа што една просторија служи за вршење на неколку различни функции. Во една иста просторија работат неколку секции со тоа што во неа се инсталирани различни плакари за работата од секоја од нив. На младината од селото објектот му го предадовме со комплетен музички стол, кино проектор и сите детали неопходн оваа зграда да ја врши својата функција.Се состои од три нивоа и претставува целина која се вклопува во природниот амбиент.
С. Гуровски
Архива на НОВА МАКЕДОНИЈА- Недела 7 февруари 1982 година- стр 1


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Драган Ковачки во присуство на членови на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ одаде почит пред спомен плочата кај месноста Свиланово, кочанско каде загинал Никола Карев
Историскиот антагонизам меѓу двете држави се надминува? Бугарија ја одобри еколошката студија за изградба на патно поврзување меѓу Струмјани и Берово
Фељтон- 150 Години Разловечко востание (шести дел): За знамето на Разловечкото востание