Постојат проекти чија вредност не се мери единствено преку финансиската инвестиција или инфраструктурата што ја создаваат, туку преку нивната способност да го променат правецот на развој на едно општество. Токму таков е проектот „Везилка“, кој претставува значајна инвестиција во иднината на Македонија, во нејзиниот научен потенцијал, во младите истражувачи, студентите и домашните компании.
Во услови кога вештачката интелигенција станува двигател на нови економски модели, отвора цели индустрии и поставува нови стандарди за конкурентност, способноста на една држава да создава знаење и да поттикнува иновации претставува клучен предуслов за долгорочен развој. Во таа насока, воспоставувањето на Националниот центар за вештачка интелигенција преку проектот „Везилка“ претставува стратешки чекор со значење што ги надминува рамките на еден поединечен проект.
Особена вредност на иницијативата е што зад неа стои заедничка визија на Владата, академската заедница и Европската Унија. Ваквите партнерства создаваат трајни резултати, бидејќи ги обединуваат знаењето, искуството и ресурсите околу заедничка цел – изградба на современа, конкурентна и иновативна Македонија, подготвена да одговори на предизвиците на дигиталната ера.
Проектот отвора нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап заедницата и за компаниите кои развиваат производи и услуги со висока додадена вредност. Пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и напредните суперкомпјутерски капацитети ќе овозможи идеите создадени во Македонија да бидат конкурентни на европскиот и глобалниот пазар.

Истовремено, „Везилка“ претставува и силен поттик за економски раст, отворање нови работни места и создавање можности за идните генерации. Инвестициите во науката и истражувањето се меѓу најисплатливите вложувања за секое општество, бидејќи нивните придобивки се чувствуваат долгорочно и создаваат основа за одржлив развој.
Посебно значење има и фактот што проектот ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога најголем дел од знаењето и комуникацијата се префрлаат во дигиталниот простор, присуството на сопствениот јазик во современите технологии претставува прашање на културен континуитет, научен напредок и национална самодоверба. На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик рамноправно да биде дел од глобалните технолошки процеси и достапен за идните генерации.
Во рамки на проектот беше упатена благодарност до Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за нивната посветеност, стручност и визија, како и до Европската Унија за поддршката и довербата во реализацијата на оваа иницијатива. Признание беше упатено и до Министерството за дигитална трансформација, кое ја препозна можноста за создавање долгорочна вредност за државата и ја претвори во конкретен проект од национално значење.
„Везилка“ не е само проект, туку почеток на еден поширок процес што треба да придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите. Процес кој ќе помогне Македонија да се позиционира меѓу земјите што својата иднина ја темелат врз знаење, иновативност и сопствен човечки потенцијал, создавајќи услови иднината да се гради дома – со домашна експертиза, домашни идеи и домашна визија.
ВЕЗИЛКА е координирана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), а ја спроведува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Повеќе од 15 години ФИНКИ е предводник во истражувањата во областа на вештачката интелигенција, управувањето со HPC инфраструктура и дигитализацијата на јавниот сектор во Северна Македонија.
Во тимот кој работи на “Везилка” се:
- Најголемата истражувачка заедница за вештачка интелигенција во земјата – над 60 истражувачи со докторат и над 30 докторанди кои активно работат во областа на вештачката интелигенција.
- Над 5.000 активни студенти.
- Најголемата HPC и HPDA инфраструктура во земјата, вклучувајќи националниот GPGPU кластер и приватни cloud платформи.
- Управувач на клучни национални дигитални платформи.

Цели на “Везилка”
Мисијата на ВЕЗИЛКА е да го забрза прифаќањето на доверлива, етичка и одговорна вештачка интелигенција преку конкретни, применливи решенија, а со тоа и да ја позиционира Северна Македонија како регионален центар за применета вештачка интелигенција, како составен дел од европската истражувачка мрежа.
Стратешки цели
1. Зајакнување на националниот екосистем за ВИ
Поддршка на развој на решенија за вештачĸа интелигенција низ петте стратешки сектори: здравство, енергетика, култура и јазик, земјоделство и дигиталната трансформација на јавниот сектор.
2. Обезбедување услуги базирани на ВИ
Испорака на експертски, советодавни услуги базирани на вештачка интелигенција прилагодени за стартапи, мали и средни претпријатија и институции од јавниот сектор.
3. Развој и задржување на кадар за ВИ
Градење одржлив извор на кадар за вештачка интелигенција преку образование, практична обука и нивно вклучување во реални проекти со национално значење.
4. Поддршка на националната политика за ВИ
Помош за владата во креирањето стратегии, политики и закони со примена на вештачка интелигенција усогласени со Законот за вештачка интелигенција на ЕУ (EU AI Act) и Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR), придонесувајќи за доверлива вештачка интелигенција во јавниот сектор.
Како изгледа успехот
Успешнато спроведување на ВЕЗИЛКА ќе обезбеди мерливи резултати за националниот екосистем за вештачка интелигенција:
- Национално интегриран иновациски екосистем за ВИ со активно учество на академската заедница, индустријата и јавната администрација.
- Редовна употреба на услугите базирани на ВИ од страна на националните стартапи, малите и средните претпријатија и јавните институции.
- Одржлив систем за создавање на кадар за ВИ преку обуки на сите нивоа: од основна писменост за вештачка интелигенција до напредно усовршување на истражувачите.
- Функционална интеграција во екосистемите на EuroHPC и Фарос со учество во заеднички активности, алатки и податочни множества, како и соработка со партнерските антени во Србија и Кипар.
- Конкретен придонес кон националната политика за ВИ и законодавните процеси поврзани со вештачката интелигенција.
Петте стратешки сектори
ВЕЗИЛКА создава внимателно одбрани екосистеми — секоја со пристап до специјализирани податочни множества, однапред изградени модели, прилагодени работни процеси и напредни алатки за да го забрза напредокот во:
Здравство
Развој на модели за вештачка интелигенција за поддршка на медицинската дијагностика, оптимизација на болничките процеси и предвидување на можните предизвици во работењето, со што се подобрува квалитетот на негата и се овозможува персонализирана, превентивна медицина.
Енергетика
Градење модели кои ја зголемуваат стабилноста на електричната мрежа, т. е. преку високопрецизно прогнозирање на производството на енергија од сонце и ветер и интелигентно предвидување на побарувачката за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Култура и јазик
Системско создавање и усовршување на корпуси на македонски јазик за развој на фундаментален голем јазичен модел (ГЈМ) за македонскиот јазик кој ќе ги опфати нашата традиција, култура, историја и законодавство, истовремено одговорајќи на предизвиците што произлегуваат од ограничените ресурси за македонскиот јазик.
Јавна администрација
Користење на вештачката интелигенција за автоматизација и подобрување на јавните услуги од издавање уверенија, обработĸа на барања и информирање на граѓаните преĸу интелигентни асистенти до зголемување на транспарентноста и ефиĸасноста во управувањето со јавните ресурси, вĸлучувајќи ги јавните финансии и јавните набавĸи.
Земјоделство
Унапредување на паметното земјоделство преĸу исĸористување на податоци за ĸлимата, почвата и приносите, со цел обезбедување навремени препораĸи за садење, наводнување и заштита од штетници — зголемувајќи ги продуĸтивноста и одржливоста, со особено внимание на малите парцели кои се карактеристични за маĸедонсĸото земјоделство.
Долгорочна визија на “Везилка”
Нашето најпосакувано сценарио е ВЕЗИЛКА да прерасне од проект финансиран од ЕУ во самоодржлив национален центар за вештачка интелигенција кој природно ги обединува академската заедница, индустријата, стартапите и институциите, препознаен како дел од европската мрежа на Фабрики за вештачка интелигенција, со сопствени истражувања, модели и ресурси кои придонесуваат на регионално и европско ниво. Пред сè, наш најголем успех би бил да ја задржиме и инспирираме младата генерација на талентирани инженери, истражувачи и иноватори да ја градат својата иднина во Македонија.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Здравјето почнува со добри навики: dm поддржа панел за машкото здравје и понуди dmBio и Sportness закуски на Health & Fitness Forum 2026 во Скопје
Објавен е „Буле и Куле мамкини и таткини“ – роман за младешкиот бунт и светот на возрасните
Македонија се запиша во историјата на Младинските олимписки игри Дакар 2026