Вчера, на Илинден, во потпелистерското село Трново, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ се одржа 55. по ред Семакедонската средба, која традиционално ја организираат Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
На Семакедонската средба имаше Македонци од сите делови на Македонија, од светот и татковината.
Во црквата “Успение на Пресвета Богородица“ се одржи утрена света богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар, Митрополит Преспанско-Пелагонсики.
Македонската национална химна “Денес над Македонија“ ја отпеа оперскиот пеач Никола Зачевски.
Средбата ја благослови Неговото Високопреосвештенство г. Петар Митрополит Преспанско-Пелагониски.
-Браќа и сестри, денес кога славиме 55 години од оваа средба и нашиот светец, Илија. Од ова место сакам да порачам дека колку и да ја парчат оваа држава таа ќе биде наша најмила, Македонија. Сакам да напоменам дека луѓе кои се декларирале како големи Македонци, денес ги препознаваме како големи Бугари, големи Грци… а сето тоа не ни оди во полза нам, на Македонците. Ние имаме пишана историја изразена во срцата и душите на Македонците, изразена преку националните и народните песни, нешто кое што не може никој да го откорне и одземе од македонскиот народ. Затоа да се дружиме сите Македонците од Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, од Србија, од сите земји во светот каде што не има. Да се обединиме, да си простиме едни на други за грешките кои сме си ги правеле, да се обединеме кон нашата заедничка цел, татковината Македонија, македонските јазик, македонските песни и нашата Православна македонска црква, без да имаме нешто против другите верисповеди, истакна г. Петар.

Средбата ја поздравија и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески, претседателот на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија – Македон, Александар Јаневски и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Од страна на Матицата на иселениците од Македонија, пригодно обраќање имаше проф. д-р Васил Тоциновски, кој потсети на борбата на илинденците за ослободување од османлиското ропство, но и на создавањето на македонската држава на Илинден на првото заседание на АСНОМ. Тоциновски порача дека македонскиот народ не бара ништо од другите, но исто така не треба да заборавиме дека за да опстанема треба да се сакаме и чуваме прво самите себе, а потоа и сите останати.
Од средбата беа испратени пораки за обединување, за зачувување на илинденските и асномските идеали, за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и култура.
Претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески, во своето поздравно обраќање потсети и дека „годинава одбележуваме и 75 години од формирањето на Матицата на иселениците од Македонија – институција која со децении претставува мост меѓу Македонија и нејзините иселеници. Од нејзиното основање до денес, Матицата останува дом за сите Македонци и чувар на врските што нè поврзуваат преку граници и континенти“.
Пред присутните беше изведена богата културно-уметничка програма во која традиционално учествуваа КУД “Гоце Делчев“ од Битола и Вокалниот оркестар за староградска музика од Битола.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар