БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Радица Таскова: МАКЕДОНИЈО, КАДЕ НИ ИСЧЕЗНА ЧОВЕЧНОСТА?

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Брат со брат не зборува, сестра со сестра се кара, а политиката ни ги раздели и срцата!

Авторска колумна за едно општество што заборави дека пред политиката, парите и интересите постои ЧОВЕКОТ.

Се прашувам, навистина се прашувам: што ни се случува?

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Кога дојдовме до ова дереџе да не можеме да седнеме на иста маса со најблиските затоа што не размислуваме политички исто? Кога братот престана да му зборува на братот, сестрата се оддалечи од сестрата, роднините станаа непријатели, а пријателствата се распаднаа поради различни политички убедувања?

Македонијо, зарем ова го заслуживме?

Го паметам времето кога вратите беа отворени. Кога се одеше на гости без најава, кога за слава се подготвуваше трпеза за сите, кога соседот беше како роднина, кога кафето се пиеше со разговор, смеа и почит. Кога не беше важно кој за кого гласа, туку каков човек си.

Некогаш се посетувавме, се помагавме, си ги честитавме празниците и седнувавме заедно, без да прашуваме кој на која партија ѝ припаѓа.

А денес?

Денес некои луѓе се плашат да поканат некого дома. Се мерат зборовите, се проверуваат политичките ставови, се бројат пријателствата, а понекогаш и сопствената крв се доживува како противнички табор.

На славите што некогаш ги собираа семејствата, денес има празни места. Вратите што некогаш беа отворени сега остануваат затворени. Телефоните молчат. Родендените поминуваат без честитка. А луѓето што некогаш си биле најблиски денес се разминуваат како странци.

И за што? За кого? За чија корист?

Дали некој од политичарите ќе дојде да ве помири кога ќе се скарате со братот? Дали некој ќе ви го врати времето што сте го изгубиле со родителите, сестрите, браќата и пријателите? Дали некоја партија ќе седне покрај вас кога ќе остарите сами затоа што сте ги отфрлиле оние што навистина ве сакале?

Нема!

Оние што денес се на различни политички позиции утре можеби повторно ќе седнат на иста маса. Ќе разговараат, ќе се договараат, ќе си подадат рака. А вие? Вие ќе останете со нарушени семејни односи, со навредени души и со години што никој не може да ви ги врати.

И токму затоа прашувам: дали парите навистина станаа поважни од луѓето? Дали функцијата вреди повеќе од братската љубов? Дали една политичка победа е поважна од мирот во сопствениот дом?

Не можеме постојано да зборуваме за вера, традиција, семејство и морал, а истовремено да ги газиме токму тие вредности.

Не можеме да се фотографираме заедно на празници, а зад фотографиите да криеме омраза. Не можеме да бараме почит од другите ако самите не знаеме да ја покажеме кон најблиските.

И не, не е проблемот во тоа што имаме различни мислења. Различноста е право. Проблемот е кога од различното мислење создаваме непријателство. Кога политиката ни станува идентитет, а човечноста споредна работа.

Македонија е повеќе од политички партии, функции, избори и интереси. Македонија се нејзините луѓе, семејства, улици, маала, традиција, спомени и генерации што пораснале со меѓусебна почит.

Зарем сакаме нашите деца да растат гледајќи како возрасните се мразат поради политика? Зарем сакаме да им оставиме наследство во кое ќе биде поважно за кого гласал нивниот чичко отколку дали тој ги сака и почитува?

Време е да се освестиме!

Време е да престанеме да се делиме на наши и ваши. Да престанеме да се навредуваме, омаловажуваме и осудуваме. Да почнеме повторно да си одиме на гости, да си ги честитаме славите, да си помагаме кога е најтешко и да се радуваме на туѓата среќа.

Ако некој денес не се согласува со тебе политички, тоа не значи дека утре не може да ти биде најголемата поддршка во животот.

На крајот, кога ќе се изгаснат светлата на политичките кампањи, кога ќе поминат изборите, кога ќе се сменат функциите и ќе престанат ветувањата, кој ќе остане покрај тебе?

Твоето семејство. Твоите вистински пријатели. Луѓето што те сакале и кога немало никаква корист од тебе.

Затоа, пред да го изгубиш братот поради политика, сети се дека партијата не ти е крв. Пред да ја затвориш вратата пред сестрата поради различно мислење, сети се дека таа е дел од твојот живот. Пред да го отфрлиш соседот поради интерес, сети се дека утре можеби токму тој ќе ти подаде рака.

И уште нешто, Македонијо…

Не дозволувајме политиката да ни ги испразни домовите, а парите да ни ги испразнат срцата.

НЕ Е НАЈГОЛЕМИОТ ПОРАЗ ДА ЈА ИЗГУБИШ ПОЛИТИЧКАТА БИТКА. НАЈГОЛЕМИОТ ПОРАЗ Е ДА ГО ИЗГУБИШ БРАТОТ, СЕСТРАТА, ПРИЈАТЕЛОТ И ЧОВЕКОТ ВО СЕБЕ!

Да се освестиме додека се уште имаме кому да му тропнеме на врата.

Зашто животот е премногу краток за да го потрошиме мразејќи се меѓусебно.

ПАРТИЈАТА НЕ ТИ Е КРВ!!!

Пишува: проф.Радица Таскова, Кратово

Креирано од:


Пренеси го гласот