Ијан Мекјуан не беше тема сам за себе.
Тој беше книжевен лакмус за Марко и неговиот светоглед.
Преку него се гледаше што Марко цени, што му се допаѓаше, како гледаше идеологиите и зошто во кругот околу Миладиновци тој беше неформален ментор.
Нашиот круг од компаративисти, македонисти и филмски режисери читаше претежно француска и руска литература. Која несомнено е добра.
Тоа беше влијание на нашите професори, кои учеле во Србија.
Бев убеден дека Англија нема добра современа литература по Чарлс Дикенс.
Но ме чу Марко Петрушевски на клупите пред „Браќа Миладиновци“:
„Штооо… Англија е преголема култура да речеш дека има слаба литература.“
„Има само поп култура“ — бев непопустлив. Марко во тој период одеше во British Centre и читаше книги на англиски, бидејќи на македонски веќе имаше прочитано доста по
библиотеките.
При срцето му прирасна еден: Ијан Мекјуан.
Кога видовме дека Марко го чита Мекјуан библиски, и ние решивме да го читаме
внимателно.
Затоа е важно што читаш.
И колку читаш.
Но, како филмовите на Клод Шаброл или романите на Чак Паланик, ги собираше и
консумираше до крај.
Не читаше за да знае.
Читаше за да не остане ништо недовршено.
„Бетонска градина“ ја имавме само на македонски. Добар краток роман.
Продолживме со „Црни пси“ и „На плажата
Чезил“
Но, на мене и на кругот околу Миладиновци највеќе ни легна „Утеха за странци“.
Го имаше филмот „Искупение“, кој Марче стрикно забрани да се гледа пред да се
прочита книгата.
Во тие читателски кругови имаше такви кои велеа дека Ијан, споредено со големите, не
бил ништо маестрален, туку обичен занаетчија.
Марко секогаш, слично на Ијан Мекјуан, зад идеологиите гледаше нагон, страв и обичен
фанатизам.
Не веруваше дека луѓето ги движи некоја голема идеја.
Повеќе веруваше дека идеологијата е начин да се прикрие она што веќе постои во
човекот: завист, желба за моќ, страв, потреба да се биде дел од стадото.
Затоа Марко го обожаваше.
За Марче беше тежок смртен грев да си некаков ексцентричен уметник.
И ние го слушавме нашиот неформален ментор.
Човекот умре, но беше несекојдневен.
Алгоритамот ми препорачува да сум пишувал за книги.
Ок.
Но како да не вклучам и страственици како Марко Петрушевски и Ијан Мекјуан.
Пишувам со извадена кожа на маса, како Л. Ф. Селин.
Гол пиштол.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Прогласи на ѕидот
СВИЖДАНЕ
Последниот пишувач на љубовни писма