БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Џамбазов и Гуру Харе со нова песна и спот со едноставна но суштинска порака: ПЕЈ!

Пренеси го гласот

Игор Џамбазов и Гуру Харе продолжуваат со разведрување на тмурното македонско музичко небо со своја нова песна насловена “Пеј!” за која што беше реализиран и видео запис.

Оваа бајковидна музичко-видео симбиоза создава своевидна градација на чувство на изгубеност, на сивило, звук кој што одекнува од едни дамнешни времиња но сосредоточен во актуелното секојдневие на се повеќе празни трибини и призраци и духови кои талкаат низ општеството налик на циркус. Песната пополека дожувува своја кулминација но на ниво на една потиштеност и малаксаност на вокалната нарација а зрак надеж нуди единствено гитарското соло кое што ја обликува оваа песна во нешто незаборавно. ЕМО сликата која ја гради “Пеј!” е убаво и автентично пресликана од страна на целиот тим кој што стои зад ова музичко дело кои несомнено како имиња се мајстори на својот занает. Продукт кој што можеме само да се гордееме што никнал на овој наш музички прелог.

Во улога на кловнови Џамбазов и Гуру Харе сместени во циркус/парк за забава создаваат слика-рефлексија родена од нивната имагинација за ова наше секојдневие кое што некако пополека заборава на музиката во секојдневна трка по преживувачка на народот.

Затоа музичката порака на Игор Џамбазов и Гуру Харе е “Пеј!”

“Пеј под ова сонце студено како дете од длабок сон разбудено Жнеј троскот и трње кораво и од нив направи трон Пеј… Еј нам ни е така судено туѓи на своето без име од неум изгубено Леј солзи низ песни вековни тивко со шепот и очи од јад пресушени Веј знаме од искон ткаено од симболи древни длабоко всрце притаено Тлеј тивко ко оган пеколен што чека искра да разгори плам Пеј… Греј силно ко ѕвезда аргеадска запали небо осветли дом татковина Сеј семе за идни векови ако не снема да изрти нови синови Пеј под ова студено Пеј под ова сонце судено”

Мала авторска белешка: Меланхолијата, чувството на немоќ, маглина и сивило почнуваат да стануваат препознатлив белег на голем број уметнички автори кои што создаваат во ова наше секојдневие. Така на креативното милје во Македонија му недостига чувството на непокор, помислата дека не сме готови да се предадеме, проекција на борбен дух, револт и спротивставување, жар и енергија… Недостигот на млади креативни генерации не само на музички план во Македонија можеби се рефлектира во севкупната актуелна уметничка понуда во државата, но тоа не е алиби да ги пуштиме конците и ветрот да не одвее на некој трн каде ќе исчезнеме како идентитет. Потребна е нова сила, нов креативен набој со жестина и гласност, со ритмика и татнеж…

Креирано од:


Пренеси го гласот