Скандалозно е премиер на држава да излезе на телевизија и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, во вечерашното интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Димитријевиќ посочи дека обвинителството и судството мора независно да си ја работат работата и недозволиво е функционери на ВМРО да се обидуваат да го оправдаат однесувањето на премиерот и да ја претстават таквата комуникација како нормална.
„Скандалозно е премиер на една држава, една ваква држава во која што има јасно определена власт, да излегува на телевизии и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, па згора на тоа и јавниот обвинител го потврдува тоа и вели: ‘Да, се слушнавме со премиерот, разговаравме’. Сега гледаме една плејада на функционери, портпаролката Митева, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кои што се обидуваат да го оправдаат премиерот и да ни објаснат дека е нормално премиерот да разговара со обвинителот и да се интересира за истрагите и да прашува до каде се и да сугерира како да се одвиваат“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека ваквите постапки стануваат пракса во државата, а сомнежите за влијание врз обвинителството се потврдија уште со изборот на јавниот обвинител.
„Скандалозно е премиер на држава да излезе и да каже дека телефонски разговарал со обвинител и се интересирал и си договарале, разговарале за детали. Со самиот избор на јавниот обвинител, самото тоа што е предлог на Мицкоски, тогаш изразивме сомнежи и тоа се потврди“, рече Димитријевиќ.
Во интервјуто, Димитријевиќ укажа дека постојат повеќе случаи и скандали кои, како што кажа, останале без разрешница, а премиерот во повеќе наврати јавно му сугерира на обвинителството како да постапува.
„Не е прв пат премиерот да му кажува на обвинителот што да прави. Го слушнавме и од собраниската говорница како му кажуваше што да прави. Потоа, премиерот имаше и некакви чувства за некакви пресуди, се закануваше кон опозицијата, а јавниот обвинител остана нем. Така што не нѐ чуди што разговараат. Во последниве две години сѐ што е ненормално стана нормално и треба да се престане со тоа“, порача Димитријевиќ.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива по план, она што беше невозможно станува реалност
Кривина пријава за 19 годишен кочанчанец за полово вознемирување
Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист