Бендот “21 век” го објави својот нов видео клип за песната “Улица по улица” со која ја најавуваат својата голема претстојна европска турнеја како и новото издание на бендот (I hope).
Претходниот албум на “21 Век” го одбележаа песните “Дај ми колкови”, “Ќе завршам под мостот”, “Како во 96-та” и особено нашиот фаворит “Последниот легнува на бомба”- песна која ја содржи можеби најзастапената мантра на ова наше секојдневие која никој не сака да ја соопшти, која на сите им тежи а бендот тоа го прави на најубав начин, со музика. Сега е време за нов креативен процес кој е особено силна страна на членовите на бендот кои членуваат и во редица други значајни бендови на денешницата кои се значајни не само во Македонија.
Слободно видео клипот за новата песна “Улица по улица”, можеме да го наречеме “Селфи со кубурот” или “Кубур-кога ако не сега”! Пост-апокалиптичната атмосфера на загубени души во пазадината на клипот пред кои стојат личности со лице, образ имиња и презимиња, е доведена до ниво на естетска уметничка вредност која има што да порача… Дали тоа ќе биде бунт, радост, емоција па и на крај на краиштата среќа, видеозаписот вози непретенциозно ама сепак со огромна доза на симболика… Додуша за оние кои знаат да читаат слики…
Милан Блажевски нека почне да размислува за снимање кратки арт филмови…
Песната го следи вообичаениот аранжерски наплив на создавање на бендот, со лирика која отвара хоризонти или затапува ограничености: -како за кого. Градот во кој што живеат овие момци може да биде било кој град во светот… Нема разлика од бетон до бетон, асфалт до асфалт… Само душата на тој град ја чинат дечките како Васко, Раде и Дени.
Таа душа носи белег за препознатливост над тој бетон и тој асфалт, токму преку нивното дело.
И за крај за читателите на нашиот портал предлагам еден мал експеримент… преслушајте ја песнава неколку пати по можност попладне, и запрашајте се од каде ви е звукот во главата кој што ви ѕвони кога ќе се разбудите наредното утро.
Следна станица во нивната видеографија се надевам да биде нешто во фазон на “остатоци од црешово топче кои фаќаат пајажини во музеј” или “брк на војводата, закачен на ѕид на молкот”… Но тоа сум јас и моите очекувања, а на “21 Век” им оставам да си бидат нивни!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Објавен конкурс за нови композиции фестивал “Бисер на Јадранот” 2025. – повик за пејачи, автори од Македонија
Таа е кралицата на New Age музиката, живее во замок до кој се пристапува со хеликоптер
Врвниот виолинист Емилио Перцан од Германија доаѓа да предава и музицира во Македонија затоа што ја сака земјата