Кажи-речи привршува сезоната на годишни одмори. Се потрошија ваучерите за туристичка услуга и купување домашни производи.
На ред е сезона на подготвување зимница, обезбедување огрев, на ред е децата да облечат нова облека за првиот училишен ден….
Но од властите молк. Дали ќе има ваучери за зимница, за наплата на сметки за греење и струја останува енигма.
А изборите поминаа толку еуфорично… со пакети, зејтини, компири, шеќер, макарони, конзерви… абе со се!
Сме можеле и подобро….
Чудно некое добро!
Се потрошија картонските кутии и мрежестите вреќички. А струјата само што скапна. Срамежливото провикнување на неколку незадоволни граѓани од протестите против поскапувањето на струјата, како балон кој издишна уште не надуван.
Затоа што поприоритетни проблеми имаат граѓаните. Уплашени се од филмскиот реалити хорор кој никако да престане. Вакво сценарио како македонското дури и по режија да беше правено не можеше да биде полошо.
Круна на се- преструктуирање на банкарскиот сектор и зацврстување на позициите на поедини банки во државата. Очекувам и понатаму пораст на банкарските провизии кои и така беа високи во изминатиот период.
Невработените веќе никој не ги брои во државата. Наместо тоа секој ден броиме болни и починати.
А сватовите од СДС никако да ја омажат невестата. Али Ахмети продолжува да биде “јака женска” по којзнае кој пат и не се дава така лесно. Младоженецот Зоран Заев малку дава на деверите кои упорито стојат пред вратата зад која е Али. Чекаат да бидат до максимум корумпирани.
Треба брцнување подлабоко во ќесето на кое пишува Македонска носталгија.
Тоа е почитувани мои… од Македонската држава низ историјата редовно ни останува она “најсуштинското”: Носталгија за изминатото време.
Сакаш Кралска- носталгија, сакаш ЈУ- носталгија, сакаш транзициска носталгија, Бранкова, Љупчова, носталгија за Груевски…. Се прашувам кога ќе почнеме да живееме во носталгија по Зоран Заев?
Ајде што во најатрактивните места низ градовите наместо силни културни институции никнаа кладилници, коцкарници и казина, па сега покрај нив никнуваат лихварски инсталации наречени “продавници за пари” или фондови за т.н. “брзи пари”.
Остана уште голата кожа на народот, ама и таа почна да се танчи.
Има ли дно овој амбис?
Јас би рекол дека дното започнува од секој од нас посебно.
Во модерно, динамично време на силно геополитичко влијание врз Македонското општество, секој од нас нека го земе сопствениот камен и нека почне да го тркала кон светлината. Не заради нас…
Заради идните генерации.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Про-бугаринот Венко Филипче нека покаже како треба и нека ги стави бугарите во статутот на СДСМ, Македонскиот устав не му е дедовина да го решета како ќе му текне
Зошто НАТО не го активира членот 5 во војната меѓу САД и Иран?
Синдикалниот комунизам е мртов. Македонија како земја на услуги треба да развива трудов раст а не секојдневие на социјална пропаст