БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Емилија Јакимовска: “Родена на 8-ми Септември”- Потресен говор за премрежјата на нашето државно детство и младост

Пренеси го гласот

Најпрвин простете. Простете оти сум полна со јад, полна со болка и тага од личната несреќа, од свеста за својот намачен народ. Дозволете да ви се претставам.Дозволете сопствената судбина да ви ја раскажам.

Родена сум 8 Септември 1991 година. Некои ме викаат,, бела мугра”, бликнат небаре крик на новороденче среде глувотијата на една долга и безмолна ноќ на тогашната наша грда и наложена култура. Други ме викаат,, алфа”, првата буква на нашиот нов поредок, на крикот на една мајка да ги израсне чесно своите чеда. Во времињата кога бев во пелени сите ме сакаа и беа одушевени од мене и мојата чедност, грациозност и убавина. На 17 Ноември истава година за првпат ме дотераа, ме облекоа во најубави алишта. Дел од нив исцепени, закрпени, до ден денес си ги чувам.,, Од денес ќе владееш со правото, солидарноста, основните човекови потреби. Од денес немој да се плашиш да направиш грешка, оти како поинаку мислиш да растеш? – така ме советуваа. А јас, питач. Барав корка леб и плачев под прозорите на темните куќи со испружени раце. Како мајка која со пот се грижи на своето чедо да му го пружи најдоброто успеав да докажам дека следното утро може да биде поведро, подобро, поразлично.
Од најмлади години започнав да го градам сопствениот пат и изградив дело чии ѕидови ги конструирав од тули на ропство, крв и солзи за синовите.
Не поминаа десет години ми купија нови чевличиња. На 22 Јануари 2001 година ми купија нови кожни чевличиња. Се израдував, јас, наивно дете. Наместо на свадба, на погреб ме однесоа. Ме направија сестра, жена, мајка тажачка. Зошто? Како не ја почувствував измамата. Ме издадоа ли мајчините инстинкти?
,, Застани на нозе за своите синови, исправи се, крени го високо јарболот, спрегни плуг за заборавената нива”-така се охрабрував, а чинам нема ништо пострашно од нишање во урнатините.
Сега разбирам.
Темни куќи и бурни времиња ме туркаа во потрага по каменот на мудроста. Но, не! Самата јас прераснав во еден таков редок камен избрусен лично од крвта и потта на моите синови кои сакаа на своите чеда да им пружат поедноставен а сепак мирен живот. Затоа со отворена и посолена рак-рана продолжив да чекорам по патот на сопственото остварување.Како Јов, човек со безброј рани по телото стапка по стапка ќе продолжам да се движам низ трњето засадено од непријателот иако истото остави и сеуште остава голема сенка на моето формирање.
Поминаа години, сега дојдоа времиња кога пораснав.
Чеда мои, ви зборував за датуми и настани коишто ќе останат живо да раскажуваат за едно преломно времњ. И колку времето да минува и изминува нивната светлина никогаш нема да згасне.
Но, незаборавни се и датумите и настаните коишто зборуваат за злосторствата и предавствата на окупаторот и непријателот. Незаборавни се бидејќи мајката-јунак и во најешките мигови на терор и тортура не ја губела и не ја загубила вербата во конечната победа.
Затоа денес чесно можам да се обелоденам себеси како мајка со непобедлива волја и нескршлив дух којашто поседува големо богатство во својата историја кое секако не е само наше туку и на сите наши идни генерации. Исто така, горда мајка сум. Сум изродила мудри ќерки и синови коишто останаа сви на своето и покрај сите дофрлувања од страна и покрај сите тестови на коишто нивната одлучност беше тестирана.Со гордост можам да се пофалам дека имам способност не да го палам огнот туку да го гасам.
Затоа денес и тука оставам порака до вас:,, Синови и ќерки мои не плашете се. Вие никогаш нема да бидете во темница. Вие сте чеда на светлината. Вие сте чеда на Македонија”

,,Срдечен поздрав”,
мајка Македонија.

Текст на говорот на Емилија Јакимовска
од овогодинешната Ораторска вечер посветена на
Петар Поп Арсов која се одржа во Велес на 25 Октомври

bregalnickimarketing

Креирано од:


Пренеси го гласот