БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Фељтон: ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ (Дел 4) – симбол на Македонскиот непокор

Пренеси го гласот

-ТЕКОТ НА ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ

На празникот св. Илија во Смилево со 200 востаници влегол Главниот штаб. Според турските документи при првиот напад на Смилево загинале 8 турски војници, а 14 биле ранети. На 3 август Генералштабот наредил евакуација на целото население кое не било способно да се бори во месноста Голем Гар, а до пладне Смилево било празно. Откако сите обиди на османлиската војска да го заземе Смилево биле одбиени, Борис Сарафов заминал за Охридско, а Атанас Лозанчев за Демихисарско и Кичевско. По нивното заминување во следните 20 дена во околината Смилево не се појавила османлиска војска и башибозук. Во тој период под раководство на Стојан Донски биле преземени мерки за утврдување на Смилево, биле ископани одбранбени ровови со што се зацврстиле одбранбените востанички позиции. Населението кое не било способно да се бори и понатаму се наоѓало во збегот Голем Гар каде биле организирана заедничка исхрана, а биле преземени мерки за негова заштита.

Во изработка на планот за заземање на Крушево непосредно учествувал и револуционерот – поранешниот офицер Тодор Христов кој предходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната, конакот, беледијата (општината), поштата и другите владини и државни установи, како и поважните пунктови во градот. Во осум воени групи биле распоредени 750 вооружени востаници под команда на добро подготвени началници – војводи. На 4 август во градот влегува Штабот на крушевските востаници свечено дочекан од народот. При овој дочек, началникот на Штабот, Никола Карев одржал пред ослободените граѓани револуционерен говор, прогласувајќи ја првата Македонска Република и повикувајќи го народот да избере привремена републиканска влада.

Во демихисарскиот реон раководители биле Јордан Пиперката, Димитар Дечев, свештеникот Кузман и Христо Пасков. Според Христо Силјанов, Демихисарско дало 1.000 востаници. Првата ноќ биле преземени редица акции. На патот Битола – Кичево кој минувал низ Демихисарско била исечена телеграфската линија, а биле разрушени и сите мостови, потоа биле изгорени чифлизите во Утово, Стругово, Жван и други. Под команда на Дечев 150 востаници го нападнале турскиот гарнизон кој се состоел од 170 души во административниот центар Прибилци. Во првите денови на востанието во Демихисарско, турските селани се затвориле во своите куќи и не ги обработувале своите ниви и не го гледале својот добиток. Востаниците во селата Бабино, Слоештица, Велмевци и Жван создале свои пунктови каде се собирала храна и секави други материјали кои им биле потребни за идните дејствија.

Ресенскиот реон бил под раководство на Славејко Арсов и потпоручникот Панајотов. Поважни војводи биле Спиро Олчев, Стефан Мешков, Перуш Стрезов, Ставре Тасев, Јоше од Подмочани, Иван Трајчев, Кочо Кочовски, Георги Чаушот од с. Златари и др. Првата ноќ биле изведени неколку разрушителни акции од слабо вооружени групи. На 20 јули (стар стил) четите од селата Болно, Царев Двор, Дрмени и Јанковец на чело со Арсов биле групирани во Болно. На Илинден во селото Круше, тамошниот аскер бил зачуден од однесувањето на селаните, тие им носеле баници, кисело млеко и други изобилства, но храната била затруена со арсен, а војниците набргу добиле грчеви и страшни болки. Аџијата кој бил Турчин кога дознал за тоа избегал, а ноќта во селото дошол аскер од 50 души. На 26 јули (стар стил) одредот на Ангел Андреев и еден одред на Коте го нападнале турското село Папли. Таму имало аскер и башибозук од околу 100 души. Востаниците ги држеле опколени неколку дена. Секој ден селото било напаѓано и била палена по некоја куќа. На 6 август (стар стил) Коте зграбил дел од добитокот и се упатил кон својот реон, но кај Штрково наишол на војска. Дел од опседнатите војници успеале да се извлечат и да му притекнат на помош на судрениот аскер каде дале 4 жртви. Опсадата продолжила, но по 12 дена пристигнала друга војска, таа го ослободила гарнизонот и турското население, а востаниците по заминувањето на аскерот се симнале во Папли и го запалиле селото.

На Илинден, во Охридско имало веќе подробно разработен план за првите дејствија и со добра интендантска служба — складови со храна и други намирници, тајни фурни, леарници за патрони, но без ниедна бомба и без ниедна манлихера. Била организирана и санитетска служба со еден вид на болница во Чемерскиот дол, над селото Брждани, а како доктор фигурирал Хр. Ангелов. Реонски началници биле: Христо Узунов, Антон Кецкаров, Наум Анастасов, Александар Чакаров и Наум Златарев. На 24 јули (стар стил) сите дримколски и малесиски чети се собрале кај Караорман во Горна Дебарца. Таму се собрале голем број на бегалци на грбот на револуционерното раководство. Четите повторно се упатиле кон Дрим, но веќе сите села биле опустошени. Во периодот меѓу 25 и 30 јули (стар стил) имало судири кај Лешани, Слатина, Лактиње, Врбјани и Ботун. Само на 30 јули имало имало шест битки и тоа кај Брждани, Лешани, Белчишта, Црвена вода, а во Орта-кол, кај селата Куратица и Плаќе. Во борбата кај Брждани учествувал и Борис Сарафов со 80 души и тој дошол од Демирхисарско на помош.

На 20 јули (стар стил) востание се кренало и во Костурско со околу 2.000 востаници. Исто така на 23 јули е заземена Клисура. На 28 јули четите на Лазар Поп Трајков и Васил Чакаларов имале борба со турскиот аскер, а на 29 јули кај селото Д’мбени имале борба со турската војска која траела 6 часа, а потоа Турците се повлекле во Костур.

Христо Силјанов истакнува дека Кичевско било погодно за партизанско војување, во таа каза се востанало само населението во планинските делови во Горна и Долна Копачка и Р’бетинкол. Во другите делови, во Долно Кичевско и Порече, каде српската пропаганда била силна и спечалила голем дел од населението и тоа не востанало. Во Копачка (Горна и Долна) како база на востаниците служеле планините: Бистра, Беличица, Стогова и други, а во Р’бетинкол, врвовите Песок, Кула, Кјафа, Разбоиште и други. Ноќта на 20 јули (стар стил) три востаничи одреда, Џеров 200 души, Арсо Мицков 200 души и Србакот 100 души го опколиле градот Кичево од три страни. Еден час по полноќ се слушнало востаничкото Ура!. Аскерот кој бил сместен кај месноста Јурија во наплив на паника се втурнал кон градот за да го заземе Калето. Таму еден востанички одред почнал да стрела врз аскерот, а одговорот на турците бил слаб. По половина час востаниците го напуштиле градот, а Турците имале 20 души загинати.

Две недели пред Илинден, четите на Петар Ацев и Никола Пешков, кон кои биле присоединети и триесетина граѓани, се на се вкупно 80 души, ненадејно биле нападнати недалеку од селото Беловодица кај месноста Студеница од страна на околу 30 заптии. Дел од четата се разбегала, а набргу пристигнал и аскерот кој бил сместен во Дуње. На Илинден четите ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп-Битола и Прилеп-Велес, а биле разрушени и некои дрвени мостови по патот Градско, Кичево, Крушево и Велес. На 23 јули стар календар вооружени и невооружени селани го нападнале конакот во селото Витолиште, Мариовско. Една од случајно згрмените пушки го кренала на нозе гарнизонот. По двочасовна престрелка востаниците се повлекле, а во тој напад учествувал и Пере Тошев.

Подготовките за кревање на востание во Солунскиот револуционерен округ започнале веднаш по Софиското советување. Во февруари 1903 година во Гевгелиско пристигнале Сава Михајлов и Крсто Асенов со 18 товари пушки и динамит. Во тој реон биле четите на Иван Карасулијата и Аргир Манасиев, меѓу нив двајца постоело нетрпение, меѓутоа била организирана средба и дошло до нормализирање на односите.

По борбите во Кукушко, Крсто Асенов со својата чета заминал за Ениџевардарско, меѓутоа и таму дошле во судир кај селото Постол. Во борбата учествувале четите на Асенов, Јотов и Апостол Петков. Турците имале четворица загинати и петмина ранети, а четата двајца убиени. Убиството на Асенов го сменило текот на востанието во Кукушко, Ениџевардарско и Гевгелиско.

Подготовките за востанието во Ениџевардарско ги презел Апостол Петков. Воденската околија имала слабо учество во востанието. Таму имало неколку битки.

Сава Михајлов и Аргир Манасиев откако го добиле известувањето за денот на востанието, организирале советување. Тие заклучиле дека ќе можат да преземаат само атентати по железничката линија. Пред Илинден, во Гевгелиско биле четите на Михајлов со 33 души, Манасиев со 38 души и Карасулијата со 24 души, вкупно 95 четници. На Илинден четите се нашле во близина на самата Гевгелија. Ноќта на 10 август бил миниран блискиот железнички мост. Во ноември била извршена демобилизација во Гевгелиско. Михајлов, Манасиев и Карасулијата со повеќе четници заминале за Бугарија.

Востанието во Тиквешко започнало со потпалување на една беговска кула кај Положно, а бегот бил ранет. Нападот ги раздвижил турските потери и четата се нашла во незгодна положба уште во самиот почеток. На 13 август Јуруков со својта чета бил откриен на Кожув кај селото Копришница, таму дошло до судир во кој загинале двајца востаници и седуммина турци. Во ноември со 10-на души заминал за Бугарија.

На 23 мај 1903 година кај селото Градобор на десетина километри од Солун била уништена четата на Атанас Чопката. Четата која броела 16 души била опколена, а борбата траела еден ден. Турците имале еден загинат, од четата еден бил фатен жив додека пак останатите загинале. Четниците откако виделе дека состојбата е безизлезна се самоубиле. Подвојводата Мито од Мутулево најпрво ја скршил својата пушка, а потоа се самоубил со револверот.

Подготовките во Кукушко се одвивале под раководство на војводата Крсто Асенов. За денот на востанието било изработено востаничко знаме. Коприната ја купила учителката Милка Ковачева Романова, а знамето било изработено од Рајна Измирлиева, по идејна скица на Мице Измирлиев. Главната база во Кукушко било Арџанското езеро – таму постоеле складови со храна, опрема и колиби за востаниците.

Меѓутоа, кукушките чети биле откриени уште при нивното излегување и морале да водат неколку борби со аскерот. Судири имало кај селото Драгомирци, Крондирци, а Крсто Асенов на 20 јуни 1903 година кај селото Грамадна имал битка во која загинале 13 четници, претежно млади штотуку излезени. Во овој судир загинал и братот на Гоце Делчев, Милан Делчев. По оваа борба четата на Асенов била изложена на нови напади и прогони. Кај Меѓурек дала 12 жртви, а борби таа имала и кај Мутулово, Мурарци и други места.

За да го избегне гонењето четата на Крсто Асенов се сместила кај Арџанското езеро и таму планирала да го дочека денот на востанието. Таму се нашле и четите на Трајко Јотов, Гоце Нисторов и Ѓоно Бигинин и со тоа се формирала поголема четничка групација од околу 110-115 души. Меѓутоа тие биле откриени и дошле во судир со 3 баталјона од 2200 души, а била донесена и артилерија против комитетите. На 23 јули војската се повлекла. По повлекувањето на војската, Асенов со својата чета заминал за II-от востанички округ – Кожув.

Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени матерјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружени со манлихерки и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други.

Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна. На 11 август (стар стил) Задграничното претставништво го известило Јане Сандански како началник на воените сили во Пиринско дека востанието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II-от востанички округ-Кожув. Во август со дозвола на Задграничното претставништво почнале да навлегуваат врховистичките чети. Првата поголема таква чета броела 160 души и била под раководство на Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив пристигнале Иван Цончев и Атанас Јанков со околу 350-400 души. Во Серскиот округ се нашле околу 500-600 души под команда на врховистички војводи.

Во Мелничко борбите започнале порано од предвидениот ден за востание. На 12 септември кај св. Троица во близината на село Пирин била откриена здружената чета на Сандански, Димитар Зографов, Петар Дрвингов, Дончо Златков, Михаил Чаков, Јурдан Стојанов и други.

На Крстовден 27 септември здружените сили на Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил опколен од сите страни и затоа во текот на ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко.

На Крстовден во Демирхисарско дошло до борба кај Ак бунар, каде загинале 15 востаници. Турците имале 5 загинати и 3 ранети. Овој судир бил последниот во Демирхисарско. По оваа борба Љубомир Стоенечев заминал за Неврокоп, а потоа кон Бугарија, поради предвремено започнување на борбите, предвидениот план не бил реализира.

Спроти Крстовден, Атанас Тешовалијата и Стојан Филипов ги исекле телеграфските линии помеѓу Куманич и Долно Броди. Истата ноќ било нападнато селото Обидим со 5 чети во јачина од околу 200 души, со војводите Чаков, Малчаков, Иван Апостолов – Копран чауш, Антон Вимола, Лимо Карлович и други.

Во Разлошко биле преземени најобемните подготовки за востанието. По Серскиот окружен конгрес, тука бил одржан Околиски конгрес на кој имало делегати од Банско, Мехомија и од селата Бачево, Годлево, Добриништа, Белица, Јакоруда, Бања, Елешница, Горно и Долно Драглиште и други. Разлошко располагало со значајни чети и војводи. Тука биле: Борис Голев, Родон Тодев, Тасе Фурнаџиев, Костадин Колчагов, Саве Мехомиски, Милош Колчагов, Димитар Лазаров – Минѓов, Симеон Молеров, Георги Галев, Јонко Вапцаров и Костадин Молеров.

Подготовките во Драмско биле под раководство на Мирчо Кипров. На првиот ден од востанието било предвидено да се ликвидираат одделни шпиони и да се изведат атентати на железничката линија. На 3 октомври биле откриени четите на Николиев и Диката кај Горно Фраштани. Дошло до битка која траела 8 часа, по која четите се повлекле без загуби. Во Горноџумајско имало две борби на 11 октомври. Последниот судир во оваа област бил на 21 октомври. Во оваа борба учествувале Стефан Николов, поручникот Саракинов и поручникот Балтов, имало еден загинат.

Христо Чернопеев со штабот

bregalnickimarketing

V востанички округ бил од стратешко значење за Организацијата и османлиските сили. Низ него минувале заначајни организациски канали кон Солунскиот и Битолскиот револуционерен округ. Кон крајот на март за Струмичко заминал Христо Чернопеев со 190 души. Во оваа група имало чети за Радовишко, Тиквешко, Велешко, Битолско, Кичевско и др.

На 21 април 1903 година низ селото Костурино поминала една чета од 100 души која била на пат за Валандово. Ноќта 6 четници дошле во судир се воена патрола, од двете страни имало по еден загинат. Во почетокот на мај во Смолари четата на Алексо Поројлијата имала судир при што загинал еден четник. Во август, Христо Чернопеев се обидел да навлезе во Струмичко со голема чета.

Во Скопскиот вилает, поточно во македонскиот дел од Скопскиот санџак имало послаба востаничка дејност. Еден дел од околиите во рамките на Скопскиот револуционерен округ останале неворужени, дел од силите на Организацијата биле истоштени во борбата со српската пропаганда, а дел биле засегнати од аферите, додека пак во некој околии постоеле раздори како што била Велешката околија. Сето тоа влијаело за слабиот одзив во востанието.

Неколку недели пред востанието во Скопскиот округ се појавила четата на Никола Пушкаров со јачина од 18 души. Таа имала 200 бомби и 100 килограми динамит. На 1 август во 11 часот бил извршен атенатат на железничката линија Скопје – Солун. Расчистувањето на пругата траело два дена. Потоа едно оделение на чело со Димитар Бојанов имале судир со турска потера, во судирот загинале 10 војници, а останатите се разбегале. На 5 август две чети, од 47 души, над манастирот св. Ѓорѓија дошле во судир со потера составена од Арнаути и аскер. Во текот на целото востание во Скопскиот округ имало 15 борби.

Конгресот на Петрова нива, одржан на 28 и 29 јуни 1903 година решил Одринскиот револуционерен округ да се подели на 5 востанички околии: I Мало-трновски, II Чокенски, III Мустафа-пашински, IV Дедеагачки и V Ахчелебиски. Бил избран Раководен штаб во кој влегле: Михаил Герџиков, Лазар Маџаров и капетанот Стамат Икономов.

На 29 јули едно одделение на турската војска на пат кон Мало Трново дошло во судир со една чета и во борбата паднале 2 војници. Кон крајот на јули (стар стил) Околискиот штаб се собрал во селото Мегалево. Востанието во Битолско веќе било започнато. Од весниците, Околискиот штаб разбрал дека во Македонија уште на самиот почеток на востанието, Османлиите започнале со палење на егзархиските села.

Под влијание на таквото однесување на османлиската војска, било решено во Одринско да бидат нападнати сите турски села. На 5 наспроти 6 август, на Странџа избувнале голем број на пожари, а набргу по избувнувањето почнале да се слушаат грмежи на бомби и пукоти од кримките. Христо Силјанов истакнува дека:

„ Тоа беше поздрав кон борците во Битолско од востанатите нивни браќа од Странџа“

Барање на Заграничното претставништво

Мерки на Империјата.

Македонската револуционерна организација, свесна за своојата сила и можности но и за сложените меѓународни односи, преку Задграничното претставништво се обратило до големите сили. Во Декларација било истакнато дека вмешувањето на големите сили е:

„ единствено средство за се отстрани злото и да се запре пролевањето на крвта [5] “

Се побарало со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на турската администрација и ќе делува независно од Високата Порта. Во декларацијата било истакнато дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола.

Извори:

1. Стојчев, Ванче (2000). Воена историја на Македонија. Скопје: Сојуз на друштвата на историчарите на Република Македонија : Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”. стр. 483. ISBN 9989776075.

2. Македонска енциклопедија

3. Михаил Герджиков, Защо Преображение, а не Илинден? (Бегла историческа бележка), Михаил Γерджиков и подвигът на тракийци 1903 г. съст. Надежда Недкова, Евдокия Петрова.

4. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.

5. Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 – 1903 година“, Скопје, Институт за историја – Филозофски Факултет, 2003.

Креирано од:


Пренеси го гласот