На прес конференција од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево го обвинија градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски за неспособност во остварување на неговите надлежности при одржување на јавното улично осветлување на специфични локации во Делчево.
Потпретседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево Кирчо Анастасов на лице место ја посочи електричната линија долж велосипедско-пешачката патека од Делчево до с. Ѕвегор која е нефункционална веќе подолг временски период наназад. Важноста на оваа електрична линија за осветлување на оваа патека е дотолку поголема што покрај рекреативци истата ја користат и жителите на с. Ѕвегор во рамки на нивните секојдневни потреби.
Исто така на прес конференцијата беа посочени и поголемиот број на нефункционални канделабри во градскиот парк во населбата Ново Делчево.
Во продолжение во целост ја пренесуваме прес конференцијата на претставникот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево:
“Почитувани претставници на медиумите, драги делчевчани,
Градоначалникот Трајковски не може да го одржува тоа што некој пред него го изградил.
Ова зад мене е велосипедско-пешачката патека од Делчево до село Ѕвегор. Оваа патека голем број делчевчани во минатото ја користеа за пешачење, трчање и велосипедизам, особено во попладневните часови.
Оваа улична канделабра до мене како и останатите канделабри долж патеката во едни понормални времиња служеа за осветлување.
Го повикувам градоначалникот Горан Трајковски да соопшти јавно, денес за што служат овие канделабри.
Функционалноста на оваа линија од уличното осветлување е дополнително потребна за жителите на село Ѕвегор за постојан безбеден пешачки т.е велосипедски пристап до Делчево. Денес, како и подолг период наназад оваа линија на улични светилки не работи заради неспособноста на локалните власти да управуваат со електричната линија долж патеката која некој пред нив ја има изградено.
Се наоѓаме во паркот во населбата Ново Делчево. Ова зад мене се прегорените светилки во паркот изграден и функционален во едно посреќно време, а сега обвиен во мрак на цели делници и оскудна светлина во поголемиот дел.
Почитуван градоначалник, г-дине Трајковски вратете им ја светлината на делчевчани!
Ви благодарам.”