Младата фотограферка од Австрија Ана Гаер, која е вљубеник во раскошот и магијата на фотографијата, прави прекрасни портрети од кучиња. Најдобрите фотографии се направени за време на преубавата есен, благодарение на златните бои и магливото време што создаваат совршено магична атмосфера, како бајка.
„Уште од релативно ран период фотографијата беше важен дел од мојот живот“, вели Ана. „Но, вистинската страст ми се разви пред околу 7 години. Моето прво куче, Синди, беше причината што почнав да го продлабочувам своето знаење за фотографирањето, особено со кучиња. Тежнеев кон една главна цел – сакав вечно да ги сочувам моментите со Синди. Оваа година во август јас ја изгубив. Нејзиното губење остави голема празнина во мене. Ми недостига секој ден и сега повеќе од кога било го ценам тоа што направив толку многу различни слики од неа“
– пишува Ана.
Фотографирањето животни може да биде прилично тешко, но за Ана тоа е предизвик и љубов. Таа објаснува :
„Секое куче има свои емоции и изрази. Некои од нив се смешни, другите се многу концентрирани. Понекогаш ме инспирираат и различни пејзажи. Честопати кога сум на прошетка со моето куче Фин, забележувам место што ми се допаѓа и истовремено си создавам целосна слика во умот. Во тоа време знам каде сакам да седи кучето, какво би сакала да биде времето додека фотографирам и така натаму. Потоа се обидувам да ја направам фотографијата што сум си ја замислила“.
Таа им дава неколку совети на почетниците, за да може да добијат совршена фотографија:
„ Најпрво треба да фотографирате во висина на очите, тоа помага кучињата да имаат поприроден став и дава еден поинаков поглед од она што ние вообичаено го гледаме… Исто така треба да го фатите нивното внимание кое лесно може да биде одвлечено, но оние кучиња што сакаат да си играат, добри се за создавање фотографии во акција. За статични фотографии користете играчки, храна или смешни звуци за да го задржите нивното внимание.“
Ана смета дека е потребно да има доволно добра светлина што ќе го нагласи изразот на кучето. Таа исто така советува да користите голем отвор, да ја направите позадината матна и да го задржите фокусот на кучето. Но, најважно од сѐ е да се забавувате и да уживате.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Врвниот виолинист Емилио Перцан од Германија доаѓа да предава и музицира во Македонија затоа што ја сака земјата
Пушти го кучето нека провери…
Безвременски цитати: Емил Зола