Превземено од ДЕСТИНАЦИЈА ДЕЛЧЕВО
СИТЕ ПРАВА ЗАПАЗЕНИ
НАЈСТРОГО СЕ ЗАБРАНУВА ПРЕВЗЕМАЊЕ И КОРИСТЕЊЕ НА ОВАА СОДРЖИНА (ТЕКСТ, ФОТОГРАФИИ, ВИДЕО ИЛИ ГРАФИЧКИ ЕЛЕМЕНТИ) ОД БИЛО КОЈ ПОЕДИНЕЦ ИЛИ ПРАВЕН СУБЈЕКТ БЕЗ ПИСМЕН ДОГОВОР ИЛИ ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ ОД БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ
Географска местоположба на Пијанец-Малеш
До 1878 година Пијанец и Малешево биле мудурлук на Ќустендилската каза.
Границите на етнографскиот регион Пијанец во историски контекст се протегаат на територија на денешна Република Македонија и Република Бугарија. Во таа смисла етнографскиот регион Пијанец се наоѓа од долината во горниот дел на реката Брегалница и долината на река Елешница, од источната страна до течението на реката Струма како и од Малешевските Планини до врвот Руен на Осоговските планини и Кадин мост кај Ќустендил.
Така позициониран Пијанечкиот регион како и Малеш се своевидно упориште на Балканот, природна геоморфолошка целина која што е поврзана преку реката Брегалница со долината на Вардар до Егејот од една страна како и преку реките Елешница и Струма со Егејското море на југ, како и преку Ќустендил на север кон Софија и понатаму до Црното Море.
Пијанец и Малеш се богат микрорегион со водни ресурси. Овој факт овозможува развој на богати разновиден природен диверзитет а со тоа и постоење на човечка цивилизација и населби од најдамнешни времиња.
Тука се вкрстуваат значајни историски патишта и сообраќајници од најрана антика па се до ден денешен. Најважниот пат кој што минувал низ Пијанецот е патот по долината на реката Брегалница што ги поврзувал Стоби, Астибо, Мородвис, Царево Село од каде се делел на две гранки: Едната го сечел Пијанец, преку реката Брегалница, преку Црквенец кон Пауталија- антички назив т,е, Велбужд- средновековен назив, т.е. Ќустендил- денешен назив а другата гранка преку планината Влаина до градот Германија на реката Струма. На тој начин биле поврзани долините на Брегалница и Струма.
Втора сообраќајница по значење била онаа од Осоговските планини од селото Саса каде од најрани времиња се експлоатирала рудата па преку село Тработивиште на југ кон Малешево па се до Солун.
За овие две значајни историски сообраќајници постојат остатоци на терен како и релевантни пишани документи.
Овие патишта почнале да стануваат се понезначајни во времето на Отоманската Империја поради тоа што нивното користење било опасно и тешко за контролирање за отоманските власти, поради изразеното ајдутско движење на роднокрајнот население на Осоговските планини, Влаина, Кадиица, Малешево.
Политички карактеристики на регионот Пијанец- Малеш на излезот од средниот век па се до ден денешен
По Сан Стефанскиот мировен договор потпишан на 3 март во 1878 година Етнографските региони Пијанец и Малеш потпаднале во рамки на Бугарскиот Принципат.
По Руско-Турската војна во 1878 година, по поставувањето на границата спрема Бугарија, од тука се повлекла четата на Дедо Илјо Малешевски која го држела 2 месеци слободен Пијанец, и за да не бидат подложени на одмазда на турските власти, во Ќустендилско побегнале околу 150 македонски домаќинства.
Во истото време се доселило турско население од Бугарија…
Подоцна со Берлинскиот конгрес кој бил своевидна ревизија на Санстефанскиот Договор и траел од 13 јуни до 13 јули 1878 година, поголем дел од регионот на етнографскиот регион Пијанец како и Малеш повторно биле вратени под Отоманска управа.
Со поставувањето на границата меѓу Бугарското Царство и Отоманската Империја поголем дел од етнографскиот регион Пијанец и Малешево се приспоиле кон Кочанскатата каза во рамки на Отоманската управа.
Во 1891 година и 1892 година етнографските региони Пијанец и Малеш биле посебна каза со седиште во Пехчево.
Во тие години Пехчевската каза во која влегувале Малеш и Пијанец имала 27 села од кои 15 македонски, 9 помачки и три мешовити со вкупно 24.840 жители. Според официјалниот календар на Косовскиот вилает од 1894 година во Малешевската каза живееле 8.860 Муслимани и 15.192 Македонци. По Балканските војни во 1914 година во Брегалничкиот округ, Царево Село било седиште на Царево Селската околија. Во состав на оваа околија биле 5 општини со 27 села и 2 селца со вкупно 11.500 жители. Во 1916 година за време на Првата светска Војна, во времето на Бугарската окупација, Царевоселската околија зафаќала површина од 773,6 km2 на која живееле 15.505 жители.
Царево Село според архивски податоци добило своја градска управа во 1912 година во времето на владеењето на српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ.
Во 1921 Царево Селската околија со Царево Село како центар била вклучена во Брегалничкиот округ со 4 општини и тоа: Драмче, Грлани, Каменица, Тработивиште со вкупно 14.019 жители. Во 1931 година Делчево било седиште на околија во чиј состав биле општините: Каменичка, Тработивишка и имала 2.302 домаќинства со 15.835 жители, од кои 7.882 женски и 7.935 машки.
Како резултат на војните, турското население од овие места помасовно се иселило по балканските војни. Околу 1935 година, доброволно, се иселиле за Турција околу десетина домаќинства турско население од ова подрачје, според сеќавањето на постарите делчевчани. Од 1953 година кога во општината живееле 5.706 жители турско население, па до 1961 година кога останале само 875, од општината, добровлно, за Турција се иселиле 4.831 жител од турско население. Од тогаш па се до шеесетите години од минатиот век немало помасовно одселување и доселување на македонското население од подрачјето на општината.
Карактеристично е тоа што иако тоа население ги преживеало сите стравови на балканските и Прва светска војна, сета тортура на врховистичките чети и контрачети, и џандарите на српската власт, ја преживеало сета сиромаштија, и помасовно не ги напуштало своите домови.
Веднаш по ослободувањето имало мало иселување и доселување во населбите на општината.
Во 1950 година градот Царево Село добива ново име Делчево а Царевоселската Околија добива име Делчевска Околија.
По иселувањето на турското население од 1953 година на нивните имоти се преселувале македонските домаќинства од ридско-планинските села на општината. Помасовно раздвижување на населението од општината настанува во шеесетите години кога се отвараат поголем број на индустриски организации и кога младата генерација се школува во средните училишта, виши школи и факултети.
Од 1961- 1971 година поради вработувањето на други места, одење на работа во странство, склопување на бракови и сл. од Делчевска општина се иселиле 1526 лица. Во истиот период во Општината се доселиле од други општини и републики 4.831 лице што е резултат, пред се, на доселување, од други места, на стручни лица и работници во Рудникот “Саса” и на нивните семејства.
Периодот од 1970 година досега се карактеризира со концентрација на населението во Делчево и Каменица каде што се развиваат индустријата и рударството и во рамничарските села околу Делчево. Во истиот период, како резултат на современите текови на животот, настанува населување и одселување на население во Општината.
Пописите на населението од крајот на минатиот век, пред и по ослободувањето, покажуваат дека на подрачјето на денешната Делчевска општина бројчано преовладувало машкото над женското население. Во 1981 година од 23.717 жители во Општината, машки биле 12.167 а женски 11.550.
Во Општината најголемиот број од населението се Македонци. Од 23.717 жители, според пописот од 1981 година, 22.642 биле Македонци, 553 Роми, 228 Турци, 108 Срби и мал број од другите народи и народности.
Историски фотографии од одбележувањето на 36 годишнината од ослободувањето на Делчево во 1980 година кога е откриен споменикот на паднатите борци од НОВ 1941-1944 година во центарот на Делчево
Во 1981 година 40% од населението во Општината било на возраст до 19 години што значи голем број на младо население. На возраст над 70 години имало само 3.63% од вкупниот број на население во Опптината.
Во 1944 година во Општината живееле по 6 членови во домакинство, а во 1981 просечно по 4 членови. Тоа е резултат на раслојувањето на старите патријархални домаќинства и на зголемениот животен стандард на населението.
Според податоците од пописот во 2002 година и во согласност со промените настанати со новата територијална поделба на Република Македонија, вкупниот број на население во општина Делчево изнесува 17.505, жители од кои 11.305 или 59, 5 % се градско (живеат во општинскиот центар градот Делчево) и останатите 40,5 % селско население кои живеат во руралните места.
Густината на населеност во општината во 2002 година изнесувала 42 жители на 1 km² и е за 1,8 пати помала од просечната густина во Република Македонија. Природниот прираст на населението во општина Делчево во 1998 година изнесувал 0,8 и е далеку понизок од просекот во Република Македонија, кој изнесувал 6,2. Според податоците од пописот, во националната структура на населението на општината доминира македонското население со учество од 96,4 %.
Исто така е утврдено дека просечниот број на жители по домаќинство на ниво на општината во 2002 година изнесува 3,52 при што 3, 55 членови по домаќинство во градот и 3,48 членови по домаќинство во руралните средини. Резултатите од следењето на демографската состојба во 2002 година во општината укажувале дека 9 селски населби ( Ветрен, Вратисловци, Илиово, Киселица, Косово Дабје, Нов Истевник, Очипала, Селник и Стар Истевник ) со вкупно население од 1.102 жители, или 15,4 % од селското население немаат перспектива и се осудени на бавно биолошко изумирање, 6 селски населби ( Бигла, Вирче, Град, Драмче, Тработивиште и Чифлик ) со вкупно население од 2.698 жители, или 37,6% од селското население, можат да се одржат доколку благовремено се помогне нивниот стопански развој, а во 5 селски населби ( Габраво, Звегор, Разловци, Стамер и Турија) со вкупно население од 3.256 жители, или 45,4% од селското население, преовладува работоспособното население и населението од возрасни групи до 17 години, што овозможува сигурен опстанок и развој на овие рурални населби во наредниот период.
Во 2002 година во општината е регистрирано постоење на дневна миграција село – град , односно секојдневно доаѓање во Делчево на 300 до 400 вработени лица кои живеат во руралните населби на општината. Од анализа на структура на населението е утврдено дека учеството на работоспособното население и младото население е повисоко во градот во однос на руралните средини. Просечното учество на младата популација на ниво на општината од 27,6% упатувала на поволни можности што ги нудат човечките ресурси, како фактор за остварување на идниот економски развој. Согласно планските предвидувања, населението во градот планирано било да се зголеми во 2010 година, во однос на 1994 година за 13,7 % , а во 2020 година за 29,8 % . Порастот на руралното население според превидувањата во 2002 година би требало да биде со побавно темпо и за претходно наведените реперни години зголемувањето ќе изнесува 11,5 % односно 15,7% соодветно.
Продолжува…
Превземено од ДЕСТИНАЦИЈА ДЕЛЧЕВО
Историски извори:
-Монографија за Делчево од Драган Арсов
,,Пијанец во XIII и XIV век“ од Проф. Д-р Александар Атанасовски
-“Делчево”- Монографија од Славчо Десподов
-Државен завот за статистика
Фото извори: семејни архиви на непознати поединци, Димитар Узунски, Драган Арсов
СИТЕ ПРАВА ЗАПАЗЕНИ
НАЈСТРОГО СЕ ЗАБРАНУВА ПРЕВЗЕМАЊЕ И КОРИСТЕЊЕ НА ОВАА СОДРЖИНА (ТЕКСТ, ФОТОГРАФИИ, ВИДЕО ИЛИ ГРАФИЧКИ ЕЛЕМЕНТИ) ОД БИЛО КОЈ ПОЕДИНЕЦ ИЛИ ПРАВЕН СУБЈЕКТ БЕЗ ПИСМЕН ДОГОВОР ИЛИ ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ ОД БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Пијанец- Малеш имаат со што да се гордеат: Богатството со квалитетна модра слива е силен предуслов за одржлив рурален развој на регионот
Црква “Св.Архангел Михаил” од село Драмче била најшарена црква во своето време
Бошко Смаќоски: Толкување на болката