БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Колку јадеме безбедна храна? Само во февруари повлечени од продажба какао со кадмиум и чипс со акриламид, Бабовски вели ништо не се остава на случајот

Пренеси го гласот

Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во јануари годинава нема уништена или вратена увезена храна поради небезбедност. Извршени се 4 808 инспекциски надзори од кои редовни 2 474, контролни 306 и вонредни 2 028. Исконтролирани се 3 269 пратки на увезена храна од неживотинско потекло. Вкупно се изречени 369 инспекциски мерки од кои три прекршочни пријави, 312 решенија, 27 едукации и исто толку покани за порамнување со прекршочен платен налог. Спроведени се и 1.094 контроли за пратки од увоз и 322 за пратки во транзит.

Овој месец беа повлечени од продажба чипс од Косово и органско какао од Холандија. Како што објави Агенцијата на 14 февруари, какаото не било пуштено во продажба, ниту дистрибуирано до крајните потрошувачи, но во него била утврдена количина на кадмиум над дозволената, додека чипсот бил достапен на пазарот и во него било детектирано присуство на акриламид.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски тврди дека јадеме безбедна храна. Ништо, вели, не се остава на случајност. Пазарот се следи постојано и се реагира согласно меѓународните стандарди.

Како што објаснува Бабовски, секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на „небезбеден“ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето.

-Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, ние вршиме постојан надзор над операторите со храна за луѓе и храна за животни во однос на исполнување на општите и посебните услови за безбедност, но и за заштита на правата на потрошувачите. Контроли се вршат во сите фази на производство: преработка, дистрибуција и продажба, како и при увозот. Секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на „небезбеден“ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето. Ваквата храна од страна на самите оператори, но и по налог и надзор на инспекциските служби, се повлекува од пазарот и најчесто нештетно се уништува. Ова се однесува и на храната за животните, вели Бабовски за МИА.

Како што истакнува, иако се прават максимални напори и од институциите и од операторите на пазарот да се пласира безбедна храна, секогаш постои можност некои од дефинираните параметри за безбедност да не бидат задоволени, односно да бидат нарушени. Во такви случаи, дури и кога постои сомнеж дека храната за луѓето или храната за животните е небезбедна, се преземаат мерки за заштита на животот, здравјето и правата на потрошувачите од самите оператори со храна и од страна на Агенцијата.

-Доколку се работи за храна од увоз со добиена согласност од надлежните служби за контрола на безбедност на храната, небезбедната храна може да се врати кај операторот во земјата извозник. Одговорност за пласирање безбедна храна на домашниот пазар, која ги исполнува општите и посебните дефинирани законски услови за безбедност, имаат и самите оператори. Доколку тие сметаат или имаат причина да веруваат дека храната која е увезена, произведена, преработена, обработена или дистрибуирана не е во согласност со барањата за безбедност, мора да почнат итна постапка за нејзино повлекување од промет, а во случај кога храната ја поминала непосредната контрола на операторот со храна, за тоа да ја информираат Агенцијата. Во случај кога производот стигнал до потрошувачот, операторот мора ефикасно и точно да ги информира потрошувачите за причината поради која се повлекува храната и доколку е потребно, да ја отповика/повлече храната со која потрошувачите веќе се снабдени, во случај кога другите мерки не се доволни за да се постигне висок степен на заштита на здравјето на луѓето, објаснува Бабовски.

Тој напоменува и дека операторот со храна одговорен за малопродажба и дистрибуција мора да ги поседува релевантните информации за следливост.

-Целата сторија може да ја прочитате на Денешен.мк

Креирано од:


Пренеси го гласот