Ретки се луѓето во Македонија кои што можат да создадат магична приказна надвор од општо-присутната политичко-егзистенцијална хистерија која е длабоко навлезена во порите на секојдневието на граѓаните на оваа држава.
Оваа волшебна приказна која денес имаме чест да ја претставиме на пошироката јавност, е приказна на љубов, високо- вредносна естетика, многу труд и напор, истрајност, истражување, себеспознавање, семејна хармонија и богатство на животот во негова најисконска форма.
Мила Атковска е млада жена која своето битие го вложила во нешто несекојдневно, нешто вонвременски чисто и разбирливо со речникот на самиот живот и природните текови во животот. Таа не се срами да биде храбра, онаму каде што сите сиромашни (по дух) луѓе би се срамеле. Таа е присутна во градината, во бавчата, во кујната, во дневната соба, по полињата, по планините, по широките водени хоризонти… таа е момент во просторот кој што на најубав начин останува заробен во нејзините сетила, но и нејзиниот објектив. За таа приказна да блесне на најубав можен начин (иако со ограничениот капацитет на современите дигитални алатки) пред сетилата на пошироката публика.

Фото: Контраст со природата- Мила Атковска
Дали сме се запрашале, како мириса една сцена од фотографија, како звучи околината заробена на таа фотографија, какво е чувството на допир на ветрот или сонцето врз нашето тело? Одговорите на овие прашања во огромна мера може да се одгатнат во нејзините фотографии, а група од нејзини повеќе фотографии знаат да создадат приказна која раѓа цел еден магичен свет вреден да биде осознаен од секој добронамерник. Колоритноста е нејзин препознатлив белег на општење со нејзината публика кон која непретенциозно се стреми да допре иако се уште трага по својот конечен мотив да биде тоа што ја дефинира најубаво- фотографот од село Орешани. Иако скромна во своите планови да биде фотограф, сепак нејзината естетска префинетост е како предодредена за да раскажува приказни преку нејзиниот објектив.
Да, Мила Атковска и Дарко Атковски се две сродни души кои што решиле својата семејна хармонија да ја градат во богатствата и спокојот на преубавиот амбиент на викенд населбата во село Орешани, каде на најубав можен начин се пронашле себеси и својата иднина. Живеат еден за друг но и за нивните миленици кои што ги имаат во поприлично поголем број околу себе.

Фото: Мила и Дарко Атковски
Кога го подготвувавме ова интервју Мила запраша:
-дали во миленичиња да додадам и калифорниски црви зашто ги хранам, тинтрам и све а ништо не барам од нив?,
па може да замислиме колку миленици има на број во нејзиниот семеен двор.
Слободното време со сопругот Дарко го инвестираат во шетање на милениците, откривање на микропросторот околу нив, облагородување на животниот простор а моментално се фокусирани на уредување на куќата за што споделија и ексклузивна фотографија од нивната нова фасада.

Мила и Дарко Поминале многу години заедно барајки го својот совршен дом насекаде по светот, но потоа сватиле дека нивниот дом е токму во селото Орешани во близина на нивниот роден град Скопје.
Нивната преубава приказна може да биде поттик и пример за многумина кои си ја сакаат слободата, суштинската убавина на животот и духовната хармонија во соживот со планетата земја, да размислат што им е вистински важно во животот.
А за слобода треба храброст!
НАШЕ ИНТЕРВЈУ
со
Мила Атковска- Уметничка душа, фотограф на stand by, љубителка на рурални убавини, со огромна љубов кон животните
1. Брегалнички Портал: По колку пораки во inbox имаш на дневна/неделна основа, и ако може да генерализираш кои од нив ти се најинтригантни? Дали преферираш комуникација со луѓето преку социјални мрежи или по e-mail?
Мила Атковска: Ако ги игнорираме пораките од типот “здр, слатка си” и пораките со интернет врски кои водат до содржини за градинарење или смешки, би рекла еднаш месечно добивам некоја порелевантна порака, најчесто се барање на совет за животни или растенија. E-mail како начин на комуникација последен пат имам користено во 2015- та :). Во глобала, ако на некој му е досадно и му се тепа време со празни муабети, не сум местото кај што треба да се обрати 🙂
2. Брегалнички Портал: Дали би можела себеси да се замислиш во свет во кој нема социјални мрежи?
Мила Атковска: Мислам дека квалитетот на животот би ми пораснал за 300% доколку социјалните мрежи би ги снемало преку ноќ. Алгоритмот е специфично кроен за 1 интеракција и додека ни ги крие темите и луѓето што сакаме да ги следиме, ги наметнува работите на кои што очекува да изреагираме бурно и да се расправаме со тотални странци со кои никогаш (по наша желба) патот не би ни се вкрстил.
3. Брегалнички Портал: Дали социјалните мрежи се најатрактивните нови арт галерии за визуелизација на нечие уметничко дело?
Галерија: Фото приказна од нејзиниот “универзум”
Мила Атковска: Па ако животот е префрлен онлајн, и имитацијата на животот ќе биде таму. Плус, публика ти е целиот свет, а не само тој што ќе ги налета твоите дела во живо.
4. Брегалнички Портал: Колку нечие секојдневие може да биде интересна приказна за поширока масовна медиумска афирмација?
Мила Атковска: Со оглед на тоа дека инфлуенсер е сега и официјално професија, очигледно, и те како може да биде. Само, лично за мене – потешко, зашто некогаш не можам да постигнам ни сопственото секојдневие да го следам, па камо ли туѓото 🙂
5. Брегалнички Портал: Што вреди а што не треба да биде споделено преку социјалните мрежи?
Галерија: Фото приказна од нејзиното “царство”
Мила Атковска: Не е мое да одлучувам, секој може да си споделува што сака. Мое е само дали ќе го гледам или не. И, треба да се има предвид дека се што се објавува останува онлајн вечно (не постои нешто како избришана објава или приватност) и треба да сме спремни на последиците што следат пред да кликнеме “објави”.
6. Брегалнички Портал: Имате специфичен визиуелно-реторичен начин на комуникација со вашите следбеници на фејсбук. Кажете нешто повеќе околу вашиот мотив за таква комуникација. Што очекувате од луѓето кои ќе ги посетат вашите објави на социјалните мрежи? Дали социјалните мрежи се социјална канализација на општеството или медиум за постигање на естетска креација со подобри вредности во животот на луѓето?
Мила Атковска: Во морето од политички препукувања, рекламите за разни бизниси и исмевањето на секој различен или неподобен во моментот, сакам кога ќе стигнат до мојата објава да се насмеат и да сфатат дека не мора баш се да е така црно. Затоа одбивам да мудрувам за актуелната катастрофа што не дрма локално или глобално во моментот, одбивам да се расправам, одбивам да учествувам, ако немам конкретен начин да помогнам. Има доволно тензии и нервози во етерот и без моето полуинформирано мислење на темата. Вака, сакам преку фотки и без многу филозофирање да покажам дека живот со минимален стрес е возможен и дека не е срамота да се откажеш од урбаните вредности и да се посветиш на природата, ако тоа те прави среќен.
Галерија: Фото приказна за нејзиниот “замок”
7. Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за самата себе. Која е Мила Атковска, од почетокот на времето па до денес? Што е тоа што ве мотивира во животот? Од каде енергијата наутро да се стане од кревет и да се помине денот на начин на кој што вие тоа го правите? Луѓе кои ви се инспирација и поддршка? Луѓе на кои вие сте им инспирација и поддршка?
Мила Атковска: Откако знам за себе сум пред се кучкарка и фотограф. И буквално се што сум правела во живот се вртело и се врти околу тоа, како да чувам повеќе кучиња и што да фоткам, не е важно кој ќе знае и дали ќе ми се исплати, тие две работи ми се основни 🙂
Галерија: Фото приказна за нејзината младешка опсесија- патувањата и нејзината интимна љубов- фотоапаратот
Понатаму дојде време да се пробам со градинарењето и ми тргна, па дојде време и некои по нетипични arts & crafts да пробам, и тоа ми тргна… Не треба многу енергија за да станам наутро и да ги правам работите што секогаш сум сакала да ги правам, се се одвива спонтано само од себе.
Инспирација за уметност и естетската страна на градината наоѓам претежно на Pinterest, а луѓето што моментално ме инспирираат за начинот на живот можете да ги најдете на Facebook како Pascal Baudar, Trag Biljke и Život u šumi, они ми се гуруа за практикување самодоволност и живеење во хармонија со природата.

Фото: Греблото е нејзиниот космодиск
8. Брегалнички Портал: Првата објава на Вашиот Инстаграм профил е на 5 јуни 2013 година, многу пред оваа социјална мрежа да “експлодира” со популарност, а последната Ваша објава таму е 6 години подоцна и одеднаш Ве снемува. Што се случи? Зошто престанавте?
Мила Атковска: Инстаграм почнав да користам зашто сите ме убедуваа дека е незаменливо промотивно средство за фриленс креативец, посебно за фотограф што патува, дека преку него ќе добијам врски и шанси за работа и што не… Никогаш не ми легна, со сила се форсирав да објавам по нешто, комуникација немаше, освен очајни ликови што замараа со like4like, follow4follow, те заследуваат и одследуваат по 20 пати дневно за да ги забележиш, а содржините им се жива досада. После некое време рандом ликови што глумат травел инфлуенсери почнаа да ми крадат фотографии и добиваа промоција, а јас го прекопав цел сајт и не најдов начин да пријавам злоупотреба. Тука веќе сфатив дека џабе си губам време и живци и до скоро го немав ни отворено. Хаштаг можам да користам само иронично, а Инстаграм освен за смешни видеа со животни, за ништо не ми служи.



Галерија: Фото приказна за убавината која доаѓа во најчудесна форма
9. Брегалнички Портал: Која боја најдобро оди во контраст на зелената и зошто? Дали има скриена порака во бојата на твојата коса?
Мила Атковска: Хаха, нема скриена порака, откако ги испробав сите бои, се пронајдов во таа. Може и зашто едната баба ми беше “џинџер”, па имам генетска предиспозиција 🙂
10. Брегалнички Портал: Со сопругот потекнувате од урбаниот дел на Скопје. Денес живеете постојано во викенд населбата Орешани во Зелениково. Зошто таква драстична промена?



Галерија: Фото Приказна за една преубава гасеница која се преобразила во нешто уште поубаво- пеперутка
Мила Атковска: Затоа што Скопје одамна не е тоа Скопје што ние го знаевме и сакавме и долго време пробувавме да најдеме начин да го избегнеме, што со патувања, што со тотална изолација по дома. Баравме и опции за да останеме во странство, ама не најдовме ништо по наш терк. Баравме место каде што ќе можеме да живееме со повеќе кучиња, да работиме нешто по струка, мирно и тивко, со нормална клима, со луѓе што нема да те гледаат попреку како странец. Во меѓувреме свекор ми и свекрва ми си правеа куќа во Орешани со план да се преселат таму. Поради компликации со здравјето, тој план мораа да го откажат и наместо нив, во екот на пандемија дојдовме ние. Испадна дека тоа место што сме го барале цело време било тука, не морало ни да ја напуштиме земјава.
11. Брегалнички Портал: Како поминуваш еден просечен ”здодевен” ден овде?

Фото: Алхемичарот од кујната
Мила Атковска: Ова многу варира во текот на годината, буквално се зависи од климата. Ако е ладно или врне, шетање кучиња, па игрици и филмови/серии, некој експеримент со храна, винце пред ќумбе, правење планови за куќата и градината за кога ќе затопли, чистење влакна од секоја површина… 😆 Ако е топло, уште пред кафе и пред шетање кучиња прво полевам, гледам да станам пред 6 сабајле за да го фатам денот и сите градинарски и домашни обврски да ми се завршени до пладне. После веќе не се дише од жешко и си влегувам во џакузи и си читам нешто на телефон или си слушам музика. Чекам сопругот да заврши со работа (работи од дома) за ми се придружи во релаксација. Периодов е се само не здодевно, зашто работиме на куќава со локални мајстори и секој ден со нив е журка 🙂
12. Брегалнички Портал: Што има ново во твојата домашна бавча? Дали сама се работиш во бавчата или некој ти помага?
Мила Атковска: Секоја сезона носи новости: нови бубачки, нови болести, нови самоникнати растенија, нови начини да размножам некое растение, нови начини да убијам пола расад и нови шанси да научам нешто 🙂 Бавчата ми е претежно осмислена да живее и функционира без орање, така што можам да ја работам сама, треба само да следам состојба, да прихранувам по потреба, наводнувам, кастрам и берам нон стоп некои 3-4 месеци. Треба да се изора само мал дел за крупните сорти патлиџани и тоа го прави сопругот кога ќе најде време. Некогаш ги регрутирам мајка ми и свекрвата, исклучиво за делот што го третираме како нива, зашто они си работат на еден начин, а јас на друг и тука секој тегне на своја страна.
13. Брегалнички Портал: Со твој наратив претстави ни ги твоите домашни миленици, детално.

Фото: Со чопорот
Мила Атковска: Во моментов имаме 4 кучиња (од најстаро кон најмладо – Снупи, Морковче, Оревче и КучеМало) и еден велосираптор, мислам, страчка – Пилче.

Снупи го собравме од улица од Скопје пред да се преселиме, зашто има 0 инстинкт за преживување. Главен приоритет му е непречено да спие 22 часа дневно, остатокот да се гали. Ако престанеш да го галиш пред време, ќе те плесне со нога по сред лице, да те потсети 🙂 Омилена храна: тазе лепче.
Морковче, исто скопјанче, го најдовме пред зграда и одма сфативме дека не е обично куче, туку, во најмала рака магично тераписко зен куче, што за помалку од минута ти ги брише сите грижи. Нормално, си го вдомивме. Сега тој ги прави сите одлуки по дома, ама му дозволуваме, зашто и онака прави подобри проценки од нас. Омилена храна: корка од пица.


Орео/Оревче/Прасимир Мајкинче е орешанче, роден под старо возило кај нас во подрум. Татко му е Лео Орешански – газдата на контејнерот, гласот на сафрата, теророт на сите возила, а мајка Леа, шмизлата што отиде во Англија. Оревче е најмилото, најмекото, најстрвното суштество на свет, со елеганција на насукана фока и суптилност на воз излетан од шини. Омилена храна: се што постои освен сончоглед.
КучеМало е на Орео кучето – го виде еднаш преку ограда, реши да се дружи со него по секоја цена, 3 дена бараше како да влезе во двор, успеа, му се залепи на Орео и не се мрдна веќе од него. Нас не толерира зашто Орео така му кажал, инаку главната функција му е претежно естетска и бељаџиска. Омилена храна: мојот џигер


Пилче го најдовме паднато во двор како ептен мало, испадна дека неговите нема да дојдат по него, беше болно од птичја шуга и изгуби многу пердуви, закржлаве со раст и кондиција, па неговото враќање во природа се одлагаше и сега е голем ризик. Со табиет на биполарна мачка на стероиди, не е баш за галење, ама си комуницираме на други начини. Омилена храна: скакулец со шумски јагоди и
гасеница ролована во лист од врба
Галерија: Безвременска фото приказна за веков да биде век а светот да биде свет
143. Брегалнички Портал: Кое годишно време во Орешани најмногу те фасцинира и зошто?
Мила Атковска: Пред некое време се зезав дека во селово има две годишни времиња :
-Да престане дождов па ќе правиме скара
-Да олабави жешково па ќе правиме скара
Се помеѓу тие две времиња е апсолутно прекрасно, а тоа е најчесто есен. Имаш сеуште жива и продуктивна градина, не мора да се опседнуваш со полевање, животот полека успорува, немаш гости секоја минута од секој ден, боите и мирисите се неверојатни.
15. Брегалнички Портал: Каде е поефтино да се живее? Во Скопје или во Орешани? Каде е подобар квалитетот на живот? Кои се позитивните а кои негативните страни на животот на село? Што е тоа што ви е потребно во селото кое што недостасува во моментот?

Мила Атковска: Поефтино е во Зелениково (во Орешани нема ни гранапче, ни доволно популација за да биде валидна споредба), до тој степен што не ми е јасно како скопјани врзуваат крај со крај. За сумата што некој ја плаќа во Скопје за минијатурна пица или бургер, тука можеш да се превртиш од јадење и пиење со цело друштво. Квалитетот на животот според мене е 1000% подобар тука – додека во Скопје владее епидемија на депресија и осаменост и помош се бара само на анонимни форуми, тука секогаш имаш на кого да се потпреш, луѓето разбираат што е лојалност, кога нешто треба да се направи го прават сите заедно и има една смисла за сплотеност и “community” (заедница) што Скопјани можат да ја гледаат само на Netflix во оние сега популарните серии за идиличен живот во мали гратчиња. Кога се работи, се работи, кога се празнува, се празнува. Мислам дека скопјани патат од суицидален снобизам кој ги отуѓува од другите луѓе на база на финансии и физички изглед (што се често лажирани) и се барикадираат со материјални добра кои не ги прават среќни, па после некој друг им е крив што се неисполнети. Во Скопје скоро и да не можеш да прошеташ куче околу зграда без да ти се развика некој скроз непознат и непоканет зашто шеташ кучиња, а не деца. Тука никој не направил ни еден неумесен коментар за нашиот начин на живот и нашите животни избори, затоа што се задоволни со своите.
Како негативна страна би спомнала само колку паѓа притисокот на водата летно време кога сите истовремено ќе почнат да полеваат, полнат базени и перат коли. И комарците, што се некаков хибрид од птеродактил и пирана, имуни на сите заштитни средства. Преку 20 години ме немаше каснато комарец пред да дојдам тука, ама овие ич не пребираат 🙂
16. Брегалнички Портал: Што ќе им порачаш на твоите соседи што живеат околу вас? Дали посветувте време на пријателите? Каде најчесто се дружите со нив? Кај вас во Орешани, некаде во кафетериите низ Скопје или на сосема други туристички места? Колку често патувате на кратки или подолги реалции?
Мила Атковска: Прво, со оглед на тоа дека сум интроверт – не ми треба дружење колку што им треба на повеќето луѓе, можам да поминам месеци во тишина и без никакви случувања и да не забележам. Обично целата зима ја поминувам така. Кога ќе затопли, со пријателите од Скопје си правиме целодневни забави тука во двор, зашто и тие сакаат да избегаат од градот. Со локалните пријатели најчесто се среќаваме во единствената гостилница во Зелениково – или се веќе таму, или им праќаш слика дека ти си таму и доаѓаат 🙂 Откако се преселивме тука, не сме патувале никаде подалеку од Велес, заради обврските со градината, четирите кучиња и страчката.
17. Брегалнички Портал: Која уметност ти е повпечатлива? Музиката или филмот? Дали претпочиташ долгометражни филмови или серии согласно твојот начин на живот и динамика? Дали повеќе сакаш филм во кино или филм во домашен амбиент? Кој/а последен/дна филм/серија што го/ја имаш проследено, а ти остави особен впечаток?
Мила Атковска: И музиката и филмот си имаат свое место и време, двете ми се исто важни. Во поново време сериите земаа залет и се многу поквалитетни и пооригинални од филмовите. Наоѓам време да изгледам се што ќе ме заинтригира, исклучиво во домашен амбиент. Многу е тешко да изберам фаворити, ама за филм би го спомнала “Where the crawdads sing”, а серија – “Black Mirror”.

18. Брегалнички Портал: Кога да очекуваме твоја самостојна изложба на фотографии?
Мила Атковска: Никогаш, а ни тогаш 🙂
19. Брегалнички Портал: Твое лично филозофско кредо кое како порака ќе го упатиш до јавноста?
Мила Атковска: Не сум размислувала за ова до сега, ама со оглед на сите претходни одговори, мора да биде “live and let live” (живеј и овозможи другите да живеат).
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
За неа само хоризонтот е граница: Наше Интервју со Даница Стојановска- планинарка
Наше Интервју со Емилиjа Маринова- уметник која го носи магичниот шепот на Охридското езеро во најубава форма на музичка експресија
Наше интервју со Зоки Бошков-Даме – Музичар