Александар Турунџев (1872 – 1905) е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Тој е роден во 1872 година во с. Горно Врбени, Леринско. Уште како млад се вклучил во редовите на ТМОРО, најпрво како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско. Станува популарен поради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот народ да извојува слобода со оружје во рацете. Насекаде бил мил гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние што посакуваа не се осмелуваа да станат нови угнетувачи и мачители на македонскиот народ поради големиот страв од Александар Турунџев. По востанието во 1903 година, учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство.
Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен од турските власти и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држен цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт. По судењето Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Спроведувањето на Турунџев почнало од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па се до Ат-пазар каде требало да биде извршена пресудата. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал, кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката во еден момент се приклучиле над 3.000 битолчани.
Збунетиот поп пред егзекуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“
Тогаш Александар Турунџев се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал:
„Македонија ќе биде слободна!“
По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.
Казната со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, била спроведена на 30 август 1905 година.
Гробот му се наоѓа на битолските гробишта Света Недела.
Во 2015 година во Битола била покрената иницијатива за поставување на негов споменик на местото каде бил егзекутиран. Бронзениот споменик висок 3 метри кој тежи 500 кг е направен но поради разно-разни политички перипетии се уште не е поставен на неговото првично планирано место. Наместо тоа споменикот стои пред зградата на општината помеѓу паркирани возила чекајки го денот кога ќе го добие своето заслужено место пред лицето на светот.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Сонував дека сум цар. Се разбудив и се уште бев цар- на денешен ден замина последниот Македонски цар
На денешен ден во центарот на Штип револуционери на ВМРО го убиваат генералот Михајло Ковачевиќ
На денешен ден пред 1010 години починал Македонскиот Цар Самуил