БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

На денешен ден е роден Кузман Јосифовски Питу- народен херој кој загина од куршумите на бугарската полиција во Скопје 1944 година

Пренеси го гласот

На денешен ден е роден КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ – ПИТУ.

На 23 јуни 1915 година во Прилеп е роден Кузман Јосифовски – Питу, народен херој на Македонија, а загинал од куршумите на бугарската полиција во Скопје, на 25 февруари 1944 година.

Питу е еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија (1941-1944), а за народен херој бил прогласен на Илинден 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Мирче Ацев).

Поради неговата патриотска борба за слобода на Македонија, бил нарекуван Гоце Делчев на НОБ или вториот Гоце Делчев.

Студирал на Универзитетот во Белград, каде во 1938 година станал член на КПЈ и бил еден од организаторите на студентско друштво Вардар и на македонското национално движење МАНАПО. Oд 1939 година бил испратен на партиска задача во Прилеп. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално – револуционерната свест на Македонците за продолжување на ослободителната борба против великосрпскиот окупаторски режим. Поради несогласувања бил исклучен од партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која било барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и друго. Од 1940 година станал член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал често пати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Во текот на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во скопската населба Буњаковец.

Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика Алумина бил убиен од бугарски куршуми, а на тоа место денес има спомен – плоча.

Како што обелоденија историчарите, инструкторот на КПЈ Светозар Вукмановиќ – Темпо испратил телеграма до Јосип Броз Тито во која тој барал Питу по секоја цена да биде тргнат од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување одржано на 2 август 1943 година, каде Питу се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија, во Егејска и Пиринска Македонија и нивна заедничка борба со Македонците од Вардарска Македонија, за целосно ослободување и обединување на Македонија.

Во центарот на неговиот роден Прилеп, до Музејот на 11 Октомври (поранешниот бугарски участок), подигнат му е споменик, како и во Скопје. И студентскиот дом К.Ј. Питу го носи неговото име во чест на жртвата што ја дал за слобода на Македонија.

Превземено од Денешен.мк

Креирано од:


Пренеси го гласот