Ана Симонова е еден таков карактер кој што тежнее со својата појава да им пркоси на неправдите и на нерационалносто. Како наставник по Македонски јазик во основно образование во Кочани таа е своевиден никулец на Македонскиот идентитет за идните генерации. Но таа е и олицетворение но и своевиден континуитет на современата борба за подобар живот на вистински интелектуелец кој што пркоси на сите аномалии со кои е опкружена. Нејзиниот глас за почиста животна средина е глас на обичниот граѓанин и неговит квалитет на живот кој е втемелен во секојдневието кое како регион и заедница има далекусежнни опфатни последици не само за сегашните генерации.
Таа е силен столб на нејзиното семејство од кое извира храброст и гордост за борба на современа жена која може да биде пример за сите оние жени кои живеат под превезот на половата зачауреност и потиштеност. Таа е борец за општествена правда, гласност во искажување на ставовите и подготвеност да биде присутна онаму каде се “барикадите”.
Во одговорите на Ана во интервјуто во продолжение се наѕира голема посветеност на семејните вредности- нешто кое како вредносен систем во нашата околина во која живееме е на распаѓање.
Во продолжение во Нашето интервју со Ана Симонова и нејзините одговори може да се согледаат голем број на нејзини карактерни особености кои што како вредност може да се пресликаат на голем број наши сограѓани, па оттука сакам да укажам на важноста на секој поединец да биде свој, автентичен геном на вредносен систем со чиј што карактерен раскош може да се бориме сите заедно за едно подобро утре.
1. Брегалнички.мк: Кажете ни нешто повеќе за себе: Што е тоа што Ве карактеризира како личност, ваша филозофија на живеење, афинитети во Вашиот приватен живот, можеби неостварени пасии?…
Ана: Многу тешко и комплицирано е кога човек треба да зборува сам за себе за своите вредности и недостатоци. Сепак јас тргнувам секогаш критички затоа што и во принцип можеби сум преголем критичар и можеби мојата принципиелност во она што сакам да го работам и да го сработам целосно како што го имам замислено, ме води кон тоа најпрвин да го согледувам она што недостига, што фали и што е потребно да се промени до финалниот резултат.
-Како личност дефинитивно ме карактеризира храброста, се смеам во оној дел кога ќе си речам дека многу е тенка линијата во дадени ситуации помеѓу храброста и лудоста.
Сепак секогаш се стремам кон она што е правично, она што е нормално да се биде, да се има за нормален живот, оние нормални традиционални вредности се обидувам да ги негувам.
-Моето животно мото е дека
“Чистиот образ и совест е најмеката перница навечер”.
На прво место во приватниот живот секако дека е семејството. Не постои замена за него, имам поставенo приоритети така што секако и ги редам обврските соодветно моите приоритети. Чесно и со труд си го завршив факултетот по Македонски јазик и книжевност при филолошкиот факултет “Блаже Конески”- Скопје. Морам да кажам дека разликата меѓу студент и професор излезен од овој универзитет и од оние кои се отворија во останатите градови е огромна. Работам веќе петнаесет години како наставник по Македонски јазик, ја сакам мојата професија и ги сакам децата премногу, но разочарана сум од тоа во која насока оди нашето образование кое е уништено до степен да имаме веќе неписмени ученици и во деветто одделение такви кои не знаат да прочитаат реченица.
А ние како наставници сме во една подредена ситуација со тоа што на учениците и родителите им се дадоа такви големи права што исто е фактор за уништување на квалитетот на образованието во Македонија.
Се водеа такви политики на самоуништување првично преку образованието што секако е најкраток пат за да се уништи еден народ или нација.
-Пред пет години излез од сето ова најдов во екологијата, заштитата на животната средина која беше исто така една област која беше и сеуште е во незавидна ситуација. Од тогаш активно се стремам да бидам што повеќе присутна и на тоа поле. Досега морам да кажам дека резултатите се видливи. Моментот е дека народот се охрабри со нас да излезе на улица и да го бара своето право за чиста животна средина и мислам дека само сплотени и понатаму можеме да се бориме за оваа кауза. Ние како здружение Грин.орг, како правен субјект постапуваме правно, ги исцрпуваме сите правни лекови и секако неопходен е позитивен резултат, а граѓаните се благодарни и задоволни од нашето постоење и постојано не поддржуваат.
2. Брегалнички.мк: Кога и како одлучи дека твој животен повик ќе биде Македонскиот јазик? Дали во тие моменти на одлука мотивот беше идно вработување или нешто друго?
Ана: Се двоумев реално дека сакав и новинарство, англиски јазик и македонски бидејќи математиката, физиката и другите природни науки ми беа слабост не размислував околу нив, но ете некако се решив за Македонски јазик и книжевност и морам да кажам дека во тој период сеуште функционираше се на оваа катедра во смисла ”Научи па положи”.
3. Брегалнички.мк: Со Ваши зборови како е да се работи со деца? Дали дечињата како Ваши ученици изучувањето на Македонскиот јазик го прифаќаат само како обврска и учење за оценка или пак нешто повеќе? Според Вас дали во наставната програма за предметот Македонски јазик и литература се застапени доволно идентитетски елементи и наратив за афирмација на Македонскиот идентитет или материјата е доминантна со технички елементи кои го карактеризираат граматичко-синтаксичкиот карактер на јазикот? Што е она што недостасува во наставата по Македонски Јазик и литература?
Ана: Прво што ќе кажам е дека оскудна е материјата за историјата на нашиот јазик за нашите дејци и просветители, а сега со новата концепција скоро и да ја нема. Но јас ете како наставник иако ја нема од оваа година ќе водам шесто одделение и секако ќе одвојам часови да тие лекции бидат предадени дури и поопширно од она што беше во старите учебници. Наставник сум во мултикултурно училиште ОУ “Раде Кратовче”. Овде децата се најголем дел од социјално ранливи категории што има влијание и врз нивниот успех што е нормално бидејќи родителите се најзафатени со егзистенцијални прашања . Сепак во училиштето се трудиме да го дадеме нашиот максимум, тие кои сакаат да учат можат да научат 80 % од материјалот и на самиот час ако внимаваат – оние кои не сакаат – ако сакате можете и во кловн да се преправите ќе биде залудно. Според тоа и нивните резултати се такви какви што се. На крајот од годината ќе се појават родителите и ќе бараат отчет зошто е слаба оценката, зошто ќе повторува и слично ќе се обратат и до државен инспекторат и што е најтрагично наместо од нивниот ученик дома, отчет бараат од наставникот а се немаат појавено во училиште цела година да прашаат како е нивното дете со учењето зошто добил слаба на тестот итн. Сепак можеме да се пофалиме и со многу одговорни ученици кои освојуваат награди на државни натпревари- регионални или се талентирани за музика, сликање и кај овие успехот веќе е загарантиран, а и полесно мислам дека решаваат што ќе продолжат понатаму во животот да се едуцираат.
4. Брегалнички.мк: Колку енергија и време посветувате во дополнителната настава надвор од рамките на редовните задолжителните часови на учениците? Дали и во колкава мера функционираат секциите во вашето училиште?
Ана: Најпрвин се трудиме да ги задржиме на редовните часови зборувам за нашето училиште верувам дека веќе и во другите е така , да научат нешто на редовни часови да извадиме нешто попродуктивно од нив , а потоа во договор секако задолжително се одржува и дополнителна настава за ученици кои се со послаби резултати иако многу е тешко таков ученик да го натераш да остане на дополнителен час бидејќи реално да му било дојдено до училиште ќе научи и на редовниот час. Но пак ќе кажам наоѓаме начин да ги мотивираме да сепак дојдат и го дадат својот максимум, а понатаму останува на нив дали ќе научат и секако на родителите дали ќе поведат сметка околу својот ученик.
5. Брегалнички.мк: Според Вас зошто опаѓа бројот на студенти кои го студираат Македонскиот Јазик во високото образование и што би можело да се промени во политиките на надлежните власти за тој број во иднина да почне да се зголемува?
Ана: Наставниците во Македонија беа егзекутирани тие се обезглавени, авторитетот им е дојден до нула и тоа од погрешните политики водени во тек на изминатите години. Одземен им е дури и оној дел кој беше главно обележје на еден наставник, а тоа е дневникот. Не е прашањето само за Македонскиот јазик туку воопшто за наставници по било кој предмет. Покрај ниските плати и одземениот авторитет кој би имал мотивација да работи како наставник по било кој предмет?
-Македонскиот јазик е факт дека е во најзагрозените катедри затоа што нема кандидати, а со тоа само покажуваме колку ние како народ не можеме да ги научиме нашите деца на почит на љубов кон татковината. Врз ова влијание имаа и оние кои го обезличија нашиот народ, име, идентитет , воведоа двојазичност, ги пумпаа процентите на малцинства, угодуваа, продаваа и тоа се за да тие живеат благоугодно… не им беше гајле за македонскиот народ и јазик и стигнавме до дното.
-Се прашувам дали во Албанија би можело исто да се случи, Бугарија , Грција каде имаме наш македонски народ, ама ТАМУ не смее ниту да се зборува на македонски јазик. Треба многу, од корен да се промени всушност- се во делот на негување на историјата, јазикот, обичаите…. ако треба да се воведе и еден посебен предмет за истото и само така мислам дека може да вратиме дел од она што изгубивме, а изгубивме многу.
6. Брегалнички.мк: Библиотекарството е благородна но по малку можеби потценета професија. Како библиотекарите да си го добијат своето заслужено место во локалната заедница?
Ана: Јас лично имав неколку часови библиотекарство во нашето училиште порано поради недостаток на часови но толку многу се заљубив во самата библиотека што лично ја реновирав со донации од општестевно одговорна фирма и сега учениците можат да дојдат и да уживаат во дружба со книгите. Многу сум среќна затоа што можат да ја доживеат убавината на читањето и работата во библиотека бидејќи порано ја немавме таа можност. Библиотекарството и тоа како е благородна работа и сметам дека во сегашната ситуација реално библиотекарите се во подобра положба од наставниците затоа што чесно се изборија за истата. Не дека е задоволителна, но е подобра од онаа на наставниците.
7. Брегалнички.мк: Препознатливи сте во локалната заедница како посветен и гласен граѓански активист за чиста и животна средина преку НВО ГРИН ОРГ. Како дојдовте до ситуација Вие лично да се вклучите во граѓанскиот сектор баш на оваа тема на делување?
Ана: Енормното аерозагадување, неконтролата на индустриските капацитети во еден период во Кочани беше мотивација да се отвори оваа невладина организација која и тоа како постигна реални позитивни резултати во борбата за почисто Кочани. Имавме голема поддршка од граѓаните и сеуште имаме затоа што тие ја препознаа нашата заложба и искрена борба , а чесно да кажам и бестрашност во настапите во сите институции.
8. Брегалнички.мк: Дали интензитетот на соработка меѓу граѓанските организации и локалните власти во Кочани е на задоволително ниво? Што може во иднина да се промени за подобрување на состојбата за работата на граѓанските организации во Кочани?
Ана: На никого не му се допаѓа кога му кажуваш директно дека не си ја врши работата како што треба и доколку нема слух истиот и го пријавуваш институционално. Има соработка во делот на проектни активности ни излегуваат во пресрет но во некои делови не тераат буквално да мораме да пријавиме до некои повисоки институции па потоа да почнат да се решаваат проблемите . Инаку да не реагираме тие искрено не би ги решавале ажурно еколошките проблеми кои не засегаат како граѓани. Така што мое мислење е дека треба да се работи во делот на соработка со граѓанските организации.
9. Брегалнички.мк: Дали младите во Кочани имаат интерес да се посветат на граѓански активизам преку невладини организации?
Ана: Грин.орг има над 300 млади членови само од основните и средните училишта кои се зачленети преку своеволно пристапување, од младинската организација изминативе години имавме голем број активности , а моментално со нашата граѓанска група која брои над 6000 членови доби и нов модератор кој е организатор на протестите против загадувањето од дивата депонија во Кочани додека пак ние како организација поведовме институционални постапки околу истата.
10. Брегалнички.мк: Кои се актуелните проекти/програми на кои што работите со ГРИН ОРГ?
Ана: Го завршивме проектот “Грижа за биодиверзитетот на Oсоговските планини” преку кои беа едуцирани над 300 ученици од основните и средни училишта, сега е започната кровна реконструкција на училиштето Rаде Kратовче грант кој го добивме преку Јапонската Амбасада со што би се зголемила енергентската ефикасност во училиштето, а моментално работиме на проект за добивање на балон сала за ова училиште, исто така во тек е и проект за развивање на зелена циркуларна економија во овој регион, и секако уште неколку проекти се крчкаат за подобрување на условите во дел на заштита на животната средина.
11. Брегалнички.мк: На социјалните мрежи се забележителни Вашите силни пораки за правата на жената, особено мајката. Каков е статусот на жената во јавниот живот и генерален дискурс во локалната средина во Кочани?
Ана: Велиме има рамноправност а секој втор ден се соочуваме со вести за семејно насилство, одземање на деца , криминали во центри за социјални работи на штета на децата. Статусот е таков каков што е – никаков, затоа што имаме неажурни институции. Зошто треба да пријавуваме десет пати дека трпиме насилство за да некој реагира. Што е најтажно голем дел од овие пријави завршуваат со убиство, имавме таков случај и во Кочани неодамна кога убија жена која пријавувала неколкупати насилство но никој не реагирал. Институциите не реагираат, тие кое се во нив поминуваат неказнето, а морам да кажам дека и КОРУПЦИЈАТА ЦВЕТА.
12. Брегалнички.мк: Дали еманципацијата и квалитетот на живот на жената се рамномерни на целата територија на општина Кочани (градот и руралните населби)?
Ана: Гласно НЕ за ова прашање. Во руралните населби мора да се вложи уште многу во повеќе сфери од животот на жените и истите да се охрабрат за многу идни чекори затоа што јас верувам дека тие можат. Сметам дека жените од овие средини се цензурирани и мора да им се отвори пат и да им се даде поддршка и шанса за да си покажат самите на себе дека тие можат.
13. Брегалнички.мк: Што треба надлежните институции да подобрат во нивната работа за да се надмине половиот јаз меѓу мажите и жените на локално ниво доколку истиот постои?
Ана: Јазот како јаз постои затоа и се оформи тој дел Еднакви можности на мажите и жените но некако не ми изгледа функционално затоа што не можам и не знам каде да погледнам или прочитам извештај за нивната работа за која се издвоени финансии од страна на општината. Кои се нивните резултати кои се нивните активности. Сметам дека овде треба да се вложи многу повеќе труд и работа па да имаме какви такви позитивни резултати.
Прашањата и воведниот текст за ова интервју ги напиша
Главен и одговорен уредник
Кирчо Анастасов


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наше интервју со Александар Китански- Градоначалник на општина Пехчево: „Градиме чекор по чекор, со љубов и посветеност“
Наше Интервју со Д-р Весна Ушинова- Носител на Советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ во Штип
Интервју со Петар Ружински: кандидатот за градоначалник на Општина Берово