Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Наше Интервју со членовите на бендот “Крпен живот” од Пробиштип во пресрет на нивниот настап на Рудар Рок Фест на 26.08.2022 г.

Зад себе имаат подолга музичка километража. И на тој свој пат редовно се во врвот на македонската андерграунд музика. Она што во себе го носат како музичко вјерују членовите на пробиштипскиот ОИ Панк бенд “Крпен живот” содржи чиста порака која ја пренесувааат кон публиката и општеството преку енергијата на музиката. Им претстои нов албум за снимање чии што песни подолго време им тежат на плеќи, а за понатамошните планови не се многу оптимисти. Но….

Во пресрет на реинкарнацијата на култниот Рудар Рок Фест од минатото со негово овогодишно издание на 26.08.2022 година членовите на “Крпен живот” одвоија малку од своето време за да направиме едно интервју кои го пренесуваме во продолжение:

1.Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за вашиот бенд (лична карта на бендот-почетоци, постава, музика, влијанија). Зошто “Крпен живот”?

КЖ: Крпен Живот е панк-рок, или стилски поточно скинхед ои! бенд од Пробиштип, Македонија. Почетоците на бендот неофицијално се во летото 2004 година, во малку поинаква постава од онаа подоцна, додека официјално бендот започнува кон крајот на следната година (2005).

Драги Митевски (гитара и вокал), Кире Ампев (бас гитара), и Николчо Ампев (тапани), се дел од првата официјална постава на бендот, од самиот почеток, па се до ден денес.

Музички влијание се бендовите кои ги слушавме во тоа време кога се создаваше бендот, и тоа Британските ои! бендови, или втор бран на панк-рок: the 4-Skins, Skrewdriver, Cockney Rejects, Sham 69, the Last Resort, Combat 84, Blitz итн. би рекол целата таа втора генерација на панк-рок (ои!) бендовите од почетокот на 80-тите години од минатиот век.

Името на бендот е сосема случајно од „Крпен Живот“ на Стале Попов. Некаде 2002/03 година, средна школа, на час по Македонски го слушнав тоа име, и веднаш си реков дека доколку еден ден имам бенд ќе го наречам „Крпен Живот“, бидејќи беше најидеалното име кое го отсликуваше животот кој го живеевме тогаш, па дури и ден денес.


2.Брегалнички Портал
: Кажете ни нешто повеќе за досегашната музичка на вашиот бенд за ваши изданија и концерти.

КЖ: Првата свирка на „Крпен Живот“ е во февруари 2007 година, со „Дружината ВЕП“, во Скопје. Кон средината на истата година, имаме уште една свирка во Скопје, овој пат со „Растур Систем“ и „Дефект“, додека следната година (2008) имаме само една свирка, исто во Скопје, и пак со „Дружината ВЕП“.

2009 година е доста активна за самиот бенд. Веднаш на почетокот на годината, во февруари го снимаме нашиот прв албум, кој е насловен “Колку Прекрасен Свет“, и кој содржи 14 песни, и ја одбележуваме седум свирки, и тоа во Скопје, Охрид, Штип, и родниот Пробиштип. Таа иста 2009 година го освојуваме и првото место, од жири комисија, на Рок Фест, во Скопје.

2010 година ја бележиме со само 4 свирки, од кои две во Скопје, како гости на Рок Фест, и кон крајот на годината со „Лоши Деца“ и „Торо Браво“, од Литванија, и две свирки во Пробиштип, на „воскреснувањето“ на „Рудар Рок Фест“, и на еден сосема нов фестивал наречен „Рудар Фест Риборн“.

2011 поминува со само 3 свирки, две во Пробиштип и една во Охрид, и од тогаш, па се до 2015 година бендот полека престанува со активно свирење.

Оваа 2022 година бендот се реоформуваме со цел да настапат на повторното оживување на „Рудар Рок Фест” во Пробиштип.


3.Брегалнички Портал
: Може ли во место како што е Пробиштип да опстои со творење и активност еден андерграунд бенд?

КЖ: За разлика од други музички правци, панк-рок музиката постои да се пренесе некаква порака до публиката, и ние тоа успешно го правиме изминативе години, со сите бендови во кои свириме. Што се однесува до настапи во живо, секако дека е потешко за бенд од помал град, како што е Пробиштип.

4.Брегалнички Портал: Има ли денеска публика за Ои! / Панк музика, каква е состојбата со сцената општо во Македонија па и пошироко на Балканот со ваков вид музика?


КЖ:
За жал панк-рок сцената е слаба во моментов во Македонија, додека за Балканот можам да кажам дека само за нијанса е подобра од кај нас во моментов. Последниве две години и самата корона си го направи своето, но се надеваме дека ќе живнеме малку во периодот што следува. Што се однесува до нашата публика, можам да кажам дека е сосема разновида, и освен скинхеди, панкери, металци, рокери, харкорци, фудбалски хлигани, ултраси итн. имаме голем дел на луѓе, предежно локалци, да кажам обични луѓе кои не следеја во минатото, или кои едвај чекаат да не гледаат во живо на овогодинашниот „Рудар Рок Фест“.

5. Брегалнички Портал: Со која постава ќе се претставите на овогодинешниот Рудар Рок Фест. Што да очекува публиката од вас на сцената?

КЖ: На „Рудар Рок Фест“ ќе имаме некаде 45 минутен настап, што е сосема задоволително според нас. Ќе ги свириме повеќето песни од првиот албум, и пар песни од вториот албум, кој допрва ќе го снимаме, од кои неколку се веќе свирени во минатото, а пар песни за прв пат ќе ги слушнат во живо. Публиката од нас може да очекува доста енергичен настап, а за возврат сакаме максимално уживање од сите присутни.

6.Брегалнички Портал: Какви се вашите планови за во иднина? Дали планирате снимање синглови/албуми или пак можеби концерти?

КЖ: После снимањето на првиот албум, веќе имавме 10-ина песни кои ги спремавме за снимање на втор албум, но за жал до тоа не дојде, така да, единствен план во иднина е да се издаде тој долго очекуван втор албум, и пак да се стави бендот во мирување. Причината за ова второто е тоа што истите тројца членови сме и во бендот „Прв Ред“, кој исто така беше на пауза, на „само“ три ипол години, и моментално истовремено правиме проби со двата бендови, а по завршувањето на „Рудар Рок Фест“, планот е да се посветиме само на „Прв Ред“, со кој исто така го спремаме материјалот за вториот албум. Овој пат планираме истовремено да ги снимаме и двата албуми на двата бенда.

Како што напоменав погоре, „Крпен Живот“ оди во мирување, без никакви планови за понатамошни настапи во живо, но… никогаш не вели никогаш!

Креирано од: