Последен Удар е Панк Oi бенд од Скопје кои се претставници на најновата генерација на едно движење кое што отсекогаш од своето постење со самите почетоци на светско ниво егзистирало и на овие наши домашни простори.
Нивната музика содржи огромна количина на социјална епика со анти естаблишментски текстови што ги чини за едни од општествено најосвестените артисти во нашата држава која што во последните години кубури со луѓе кои што јавно ја пренесуваат суровата вистина која надвиснала над ова парче земја.
Преслушувајки ја музиката која ја имаат досега издадено “Последен Удар” (на нивниот bandcamp профил) било кој проективен поединец добива мотив да ги менува работите во својата околина кои што се обременети со неправди, лицемерие, измами, контрола…. Ова е дефинитивно музика која го крева духот на притиснатите, уценетите, поробените… и нуди подобра иднина креирана од нас самите за која треба допрва да се избориме.
Да не ја “тупиме” многу, задолжително е преслушувањето на целокупното досегашно творештво на “Последен Удар” и тоа по можност 3 пати на ден а во корелација на нивниот настап на овогодинишниот возобновен Рудар Рок Фест кој ќе се одржи на 26 август во Пробиштип, на момците им поставивме неколку интересни прашања кои тие експресно ги одговорија.
Интервју со
ПОСЛЕДЕН УДАР
1.www.bregalnicki.mk: Кажете ни нешто повеќе за вашиот бенд (лична карта на бендот-почетоци, постава, музика, влијанија) Зошто “Последен Удар”?
ПУ:- Последен Удар започна летото во 2017г. како идеја за формирање на бенд кој ќе твори искрена и реална музика од секојдневниот живот. Идејата се роди во една гаража во која се собираме цела екипа за дружби. Првата постава на бендот се: Гого – вокал, Владич и Горан на гитара, Ерик на бас и Диме на тапани. Поради лични причини Ерик мораше да не напушти, со што Штуц го замени неговото место во бендот. Бендот има влијание од повеќе Ои! и Панк бендови од Европа и Балканот, како и многу домашни.
Инаку, идејата баш името Последен Удар дојде од долг и алкохолизиран муабет меѓу нас, Марио Шаревски и Четка.
2. www.bregalnicki.mk: Кажете ни нешто повеќе за досегашната музичка активност на вашиот бенд за ваши изданија и концерти.
ПУ:- Првиот настап го имавме во Скопје во тогашниот рок бар Рокси заедно со Цепени Ќунци од Ладовица (Србија), каде што имаше повеќе од 200 луѓе, што ни даде голем мотив да продолжиме.
Следно, свиревме во МКЦ заедно со Ритам Нереда (Србија), Д-Фест во Дојран, United Along The Lake во Охрид, Пивски фестивал во Ладовица и уште многу локални настапи.
Имавме една промоција на ЕП со 5 песни во 2018 и уште една промоција на албумот “Не сме како вас” во МКЦ 2019г.
3. www.bregalnicki.mk: Можно ли е еден андерграунд бенд како што е “Последен Удар” успешно да опстои со творење и активност во Скопје/Македонија? Колку е тешко да се функционира во денешни услови на брз живот и постојан трка по егзистенција?
ПУ:- Не е лесно, сепак оваа музика сеуште не е општо прифатена од пошироката јавност, но твориме, опстоиме, правиме свирки и се забавуваме, тоа е најважно.
4. www.bregalnicki.mk: Има ли денеска публика за OI Панк музика, каква е состојбата со сцената општо во Македонија па и пошироко на Балканот со ваков вид музика?
ПУ:- Па според наше мислење и тоа што го гледаме од бина, мислиме дека иде во добар правец. Нас не радува кога на настап ќе видиме дека има многу млади генерации кои ја слушаат оваа музика и секој настап се во се поголем број. Во последно време излегуваат нови бендови, па можеби нема да останеме ние Последниот Удар во панк музиката.
5. www.bregalnicki.mk: Со која постава ќе се претставите на овогодинешниот Рудар Рок Фест. Што да очекува публиката од вас на сцената?
ПУ:- Поставата е таа и не се менува.
Публиката може да очекува дека ќе го дадеме нашиот максимум како и секогаш, нема многу филозофија околу тоа прашање.
6. www.bregalnicki.mk: Какви се вашите планови за во иднина? Дали планирате снимање синглови/албуми или пак можеби концерти?
ПУ:- Моментално работиме на новиот албум, кој се надеваме дека за брзо ќе излезе во јавност. Исто така работиме и на датуми за настапи, моментално некои се потврдени, а за некои чекаме, па планираме да прошетаме низ Македонија и да ја завршиме годинава по планираното.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наше Интервју со Никола Кузелов (Сценарист и актер)
Наше Интервју со Ана Симонова- Професорка по Македонски јазик, библиотекарка, граѓански еко- активист и гласен борец за женски права
Наше Интервју со “Банда Инструментале”: СУПЕРХИКС е бенд кој го одржува цврстата волја, желбата, другарството, упорноста, решителноста!